Македонија
(Видео) Каевски: Со кочењето и блокадите Мицкоски и ДПМНЕ работат против ЕУ и НАТО
Со државничките политики на СДСМ земјата стана членка на НАТО. Ги обезбедивме сигурноста и безбедноста на државата и на сите наши граѓани, истакна на денешната прес-конференција Дарко Каевски, портпарол и пратеник на СДСМ.
„Северна Македонија денеска како членка на НАТО и со почнати преговори со ЕУ е фактор на стабилност во регионот и партнер на најсилните земји во светот. Членството во НАТО обезбеди и поддршка за справување со хибридните закани, за јакнење на нашата Армија, но позитивно влијае и во делот на економијата. Обезбедената стабилност и вистинските политики на СДСМ придонесоа да имаме рекорден износ од 750 милиони евра директни странски инвестиции минатата година“, посочи Каевски.
СДСМ, како што рече, е посветена и на остварување и на втората стратешка цел – полноправно членство во ЕУ.
„Кочењето на ДПМНЕ, она што го прават во Собранието во однос на блокадите на реформите и во однос на несоработката за стратешки важни прашања како членството во Унијата, е директно и активно работење против ЕУ и НАТО. Мицкоски и ДПМНЕ работат против интересот на земјата и одработуваат за туѓи интереси, за земји што не сакаат да ја видат Македонија во ЕУ. Мицкоски има право да се самоизолира, но нема право да ја изолира државата“, додаде тој.
Според Каевски, Македонија нема време за губење, граѓаните немаат нови години за губење. Оценува дека собраниските процедури и дискусијата за уставните измени, кои се неопходни за продолжување на европскиот пат, мора да почнат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Голем одрон кај село Ратево, магла на патниот правец Тетово – Гостивар
На патниот правец Р-1302 Берово – Струмица (кај село Ратево) поради поголем одрон сообраќајот се одвива по направена девијација во должина од 50 метри. Намалена видливост и појава на магла на патниот правец Тетово – Гостивар до 70 метри, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Без вода денеска објектите на хотел Континентал и Ист Гејт
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради промена на затворач на булеварот Александар Македонски бб (кај Континентал), прекинато водоснабдување ќе имаат објектите на хотел Континентал и Ист Гејт.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Македонија
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремен дожд, а на планините снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, на повисоките места од дожд и снег, а на планините од снег. Ќе дува слаб ветер од променлив превец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 8, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Пообилни врнежи ќе има во недела кога ќе преминуваат во снег и во некои од пониските места. Од понеделник во текот на денот ќе настапи постепено стабилизирање на времето со опаѓање на утринските температури, а дневните ќе бидат во пораст.

