Македонија
(Видео) Каракачанов: Интересот за запишување стручен кадар во железничкиот сообраќај е мал поради лошата состојба во претпријатието
Интересот за запишување стручен кадар во областа на железничкиот сообраќај е мал, а тоа се должи на лошата состојба во железничкото претпријатие „Македонски железници – Транспорт и инфраструктура“ АД, изјави проф. Александар Каракачанов, член на Комисијата за инфраструктура, урбанизам и транспорт на ВМРО-ДПМНЕ и професор, на денешната панел-дискусија со наслов „150 години железници во Македонија 1873-2023“.
„Доколку се подобрат условите за работа, секако интересот ќе биде уште поголем и тоа ќе овозможи продуцирање соодветен кадар, а без соодветен стручен кадар, кое било претпријатие во делот од областа на транспортот или некоја друга област тешко може да функционира. Сè уште во АД ‘Транспорт и инфраструктура’ е потребен стручен кадар за да може да се подобрат на некој начин условите за работа“, истакна Каракачанов.
Тој во текот на своето обраќање се осврна на историјатот на железницата и железничкото претпријатие и потребата од стручен кадар во оваа област.
„Работам во средното училиште ‘Владо Тасевски’ како професор по сообраќајни стручни предмети, односно, по дипломирањето, јас и некои од колегите се вработивме како стручен кадар во делот на образовање кадри за железница. Ова училиште е создадено од железничкото транспортно претпријатие во тоа време некаде во 60-тите години кога се оформуваше железницата во Македонија и се јавило потреба од стручен кадар за потребите на железничкото претпријатие и донесена е одлука за формирање железнички училиштен центар, кој ќе продуцира стручен кадар во Македонија, работници што ќе извршуваат одредени работни задачи во делот на железничкиот транспорт и организирањето на железницата. Училиштето функционира и ден-денес, во изминатите години се продуцирани доста кадри, кои моментно наоѓаат работа и работат и творат во делот на железничкиот транспорт“, рече тој.
Каракачанов посочи дека во ова училиште се образоваат кадри во делот на техничари за железнички транспорт и машиновозачи за електрични дизел-возила, а во моментот се работи на нова програма за техничар за влеча, машиновозач, која се планира да се воведе в година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

