Македонија
(Видео) Караџовски: Нема скандал во одлуките за додатоци на плата за членовите на Судскиот совет
Првиот човек на Судскиот совет, Зоран Караџовски, рече дека минатогодишната одлука на Судскиот-буџетски совет за исплата на додатоци на плата за членовите на Советот до 35% воопшто не е скандалозна, туку законска, иако тој самиот гласал против.
Караџоски рече: „Ретроактивно дејство има како за судиите, така и за членовите на Судскиот совет. Ставот мој и законската регулатива за членовите на Судскиот совет и во претходниот состав и за новите членови е јасна и недвосмислена. Според нас, тука нема никаков скандал затоа што законската основа стои во членот 2 од Законот за платите на членовите на Судскиот совет. Има соодветен правилник изготвен во 2016 и 2017 година за платите на судиите. Значи ова право за надоместоци и додатоци го имаат членовите на Судскиот совет пред да го имаат судиите“.
Караџовски рече дека членовите на Судскиот совет се на исто рамниште со судиите и додаде дека додека е тој претседател неговите колеги во Советот нема да земаат додаток на плата доколку судиите не го земаат истиот додаток.
Претседателот на Судскиот совет рече дека пред Нова година стигнало барањето од Основото јавно обвинителство кое по допрен глас го истражува минатогодишното изгласување на додатоците на плата за членовите на Судскиот совет.
„Тоа што го побарало или ќе го побара кое било јавно обвинителство во соодветен рок ќе биде предадено. Не е предадено. Пред Нова година дојде барањето. Рокот е 30 дена. Нема да го чекаме триесеттиот ден“, рече Караџовски. Mинистерката за правда го оцени изгласувањето на додатоците на плата за членовите на Судскиот совет како скандалозно.
Караџовски пред новинарите кажа дека гласал против одлуката за додатоци до 35% поради тоа што не биле донесени измените во Законот за судската служба и поради фактот што во 2016 имало штрајк на судската администрација бидејќи само за нив немало додатоци на плата, како што тоа го има за судиите и обвинителите: „Јас гласав против на таа седница со соодветно образложение и формално-правно и во врска со судството и во врска со односите судии – судска служба, пошироко беше моето образложение зошто гласав против“.
Дисциплинските постапки за судиите ќе почнат формално од почеток, поради новите членови на Судскиот совет. „По тие постапки во тек е расправа. Расправата ќе ја почнат формално од почеток, ќе мора, бидејќи е променет составот. Како што бараат последните измени на Законот за Судскиот совет, ќе определиме по пат на ждрепка нови членови на местата на старите. Немаме строго формална процедура за испитување на судиите. Тоа е работа на комисиите. Ќе најдат соодветен начин“, рече Караџовски.
Советот денеска со 11 гласови „за“ избра претседателки на судовите во Крушево и Берово: Лидија Андреска и Ленка Симевска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

