Македонија
(Видео) Кирков: Неспособноста на Спасовски оди до таму што и по 24 часа, не го најдоа убиецот на кучињата во Струга
Спасовски и Ковачевски ја урнисаа МВР, неспособноста оди до таму што и по 24 часа, не може да го најдат сторителот на грозоморните убиства на кучињата во Струга. А сите ние очекуваме да бидат способни и да го решат проблемот со дојавите за бомби или со некои потешки кривични дела. Што треба јавноста да мисли кога МВР под власт на СДС не може да пронајде човек што со огнено оружје се шетал низ Струга и убивал животни? Што може и за што е способно МВР? Што прави Спасовски, за што е способен, еден криминалец нема фатено, единствено достигнување на раководството на МВР, очигледно е спиењето во хотели, каде што ноќевање чини 20.000 евра, изјави Стефан Кирков од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој додаде дека бездомните кучиња се голем проблем што оваа власт не успеа да го реши со години и тоа од неколку аспекти, Владата со години не презема буквално ништо и ги става граѓаните да бидат често цел на напади, кои, за жал, завршуваат понекогаш и со фатални последици. Сето тоа, пак, придонесува државата да исплаќа сериозни финансиски средства за добиени судски постапки, кои граѓаните ги добиваат по основа на отштета.
Кирков истакна дека едно од главните места во кои има проблем со бездомни кучиња е Скопје. Главниот град е преплавен од бездомни кучиња, а Градот нема никаква идеја за справување со овој проблем и покрај големите финансиски средства што ги исплаќа кон јавното претпријатие „Лајка“, кое кучињата ги враќа и ги остава повторно да бидат на улица.
Кучињата не треба да бидат убивани и не треба да бидат на улица, тие не се виновни за тоа, тие често се цел на сообраќајни незгоди и на вакви немили настани.
Според Кирков, Владата и Град Скопје не покажуваат дека имаат некаква идеја и желба за решавање на проблемот за кој мора итно да се најде системско и трајно решение и да се отстранат кучињата од улиците во сите градови на Републиката, каде што проблемот навистина е огромен.
Сметаме дека со изградба на професионални стационари и со еден хуман третман низ кастрација и целосна стерилизација овој проблем бргу би се решил и со воведување еден итен ригорозен закон за урбано чување домашни миленици. Во спротива ќе гледаме вакви немили сцени од убиени, отруени кучиња, стотици искасани и повредени граѓани, често и сообраќајни незгоди причинети како последица на овој проблем со бездомните кучиња, кој повеќе години го мачат градот Скопје, но и целата држава, изјави Кирков.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши и Бегај од Скопје порачаа: Заеднички кон ЕУ и подлабока регионална соработка
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
Гаши изрази големо задоволство од средбата и истакна дека очекува пријателството и соработката што постојат меѓу двете земји во иднина уште повеќе да се зајакнат и унапредат. На меѓународен план, двете држави имаат исти цели и интереси, а тоа се членството во Европската унија, меѓусебната поддршка како непосредни соседи и сојузници во НАТО и продлабочувањето на регионалната соработка.
Тој изрази очекување и надеж дека двете држави заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција, бидејќи тоа е многу важно не само за Северна Македонија и Албанија, туку и за останатите земји од регионот на Западен Балкан. Во функција на промоција на парламентарната дипломатија и градење на билатералните парламентарни односи, претседателот Гаши истакна дека одржува редовни контакти со колегите од Парламентот на Албанија и дека посетите на највисоко парламентарно ниво се одржуваат речиси секоја година.
Претседателот Бегај истакна дека Република Северна Македонија и Албанија се две пријателски земји кои делат исти вредности, визии и предизвици и претставуваат пример за соработка во регионот. Тој посочи дека е унапредена соработката во многу сфери од заеднички интерес, што е во функција на подобрување на животниот стандард на граѓаните во двете држави. Останува определбата за уште поголема соработка, особено во економската сфера.
Двајцата соговорници ја потенцираа важноста и улогата на Македонците и Албанците кои живеат во двете земји и претставуваат мост за градење стабилни и пријателски односи. Патничкото, енергетското и железничкото поврзување меѓу двете земји во рамките на Коридорот VIII ќе придонесе за уште поголема размена на луѓе, стоки и услуги, за што постои огромен потенцијал.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај се потпиша во Книгата на впечатоци и се обрати пред пратениците во Собранието.
Македонија
Движење ЗНАМ: Иницираме кратење на пратеничкиот состав од 120 на 90 во новото решение на Изборниот Законик
Потпретседателката на Движење ЗНАМ за Наша Македонија, Весна Бендевска, на првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство, ја потврди заложбата на Движењето во однос на неопходноста од суштински и системски измени на изборниот модел во Република Македонија.
„Заложбите на Движење ЗНАМ се за воведување на една изборна единица со изборен праг од 2 до 3 проценти, со што ќе се овозможи правична застапеност и на помалите политички субјекти и независните пратенички листи. Што всушност беше и барање во одлуката на Уставниот суд.“ – истакна Бендевска.
Дополнително, таа нагласи дека цврст став на Движењето е намалување на бројот на пратеници во законодавниот дом на 90, бројка што, како што посочи, ќе соодветствува на реалната големина на популацијата во државата.
„Го афирмирам односно реафирмирам ставот на Движење ЗНАМ за намалување на бројот на пратеници на 90 со што ќе се придонесе за рационализација на трошоците, материјални, финансиски и човечки и ќе значи значителна придобивка за Буџетот на државата. Воедно, ќе се добие пофункционално, поефикасно и поконсолидирано законодавно тело, кое ќе биде во служба на побрз, поквалитетен и посериозен законодавен процес.“ – потенцираше потпретседателката.
Во однос на гласањето на дијаспората, таа потсети дека воведувањето на ваквиот модел беше проследено со зголемување на бројот на пратеници на 123, што, како што нагласи, отвори низа прашања за финансиската оправданост и ефикасноста на изборниот процес во странство.
„Сведоци сме колку чини изборната постапка која подразбира испраќање избирачки одбори во дијаспората, при што бројот на гласачи во повеќе случаи не соодветствуваше со првичната намера и очекувањата.“ – изјави Бендевска.
ЗНАМ додава дека ќе продолжи да се залага за изборен модел што гарантира еднаква вредност на секој глас и институции што работат ефикасно, транспарентно и во интерес на граѓаните на Република Македонија.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.

