Македонија
(Видео) Клековски: Експерт за ампутации од Словенија ќе дојде за третман на повредените во Кочани кои имаат ампутирани прсти
Грижата за повредените во пожарот во Кочани ќе биде долгорочна, ќе трае онолку години колку што ќе имаат потреба и целото лекување ќе биде на сметка на државата, кажа денес директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски. Централна болница за лекување и терапија ќе биде болницата во Кочани каде што се податоците за сите пациенти. Државата во континуитет ќе ја обезбедува и менува компресивната облека за повредените до две години, колку што експертите советуваат дека треба да се носи.
„Компресивната облека која сега ја користат 58 лица за други делови на телото освен врат и лице, за врат и лице се осуммина, значи вкупно 66 лица. Ова е процес што ќе трае бидејќи се уште имаме 10 повредени лица кои се во болници. Имаме уште некои 15 лица на кои најверојатно во наредниот период ќе им бидат земени мерки, значи процесот трае и ќе се адаптира. Морам да кажам дека ќе трае две години. Препораките за употреба на компресивната облека е до две години и во тој период најмалку неколкупати на неколку месеци ќе треба да се замаат нови мерки за облеката, да се менува, да се адаптира“, рече директорот Клековски.
Компресивните маски, Клековски објасни дека ги прават во соработка со водечка фирма од Германија, а во грижата за повредените се вклучени странски експерти. Физикална терапија е овозможена во Кочани оти така препорачале британските експерти, а допрва се очекува експерт од Словенија за лекувањето на повредните кои имаат ампутации.
„За следниот период веќе поканивме експерти од Израел меѓутоа заради настанатата состојба тоа ќе се одложи на неодредено време бидејќи нема полетувања во моментот од израелските аеродроми. Тоа не значи дека не работиме на други опции. Очекуваме во следниот период да дојде експерт од Словенија, експерт за ампутации за да се погледнат опциите за третман на повредените кои имаат ампутации на прсти“, вели директорот Клековски.
Одобрени се контролни прегледи во болницата Пирогов во Бугарија на шестмина пациенти кои сакале таму да бидат контролирани, а здравствените власти се во постојана комуникација и со белгиските експерти кои беа кај нас, за долгорочни чекори вклучувајќи и лекување во странство доколку е потребно во некоја од наредните фази во третман на повредените.
Директорот Клековски токсична пропаганда ги нарече тврдењата дека ништо не се прави за повредените во Кочани апелираше повредените и семејствата да бидат смирени, да ги почитуваат протоколите и да не брзаат за естетски интервенции.
„Пристапот дека ништо не се прави создава една несигурност и неизвестност кај повредените и нивните семејства и веќе има притисок да брзаат, бараат консултации надвор од воспоставените доктрини и протоколи за третман на изгореници. Сакам да апелирам да има смиреност кај повредените и нивните семејства, имаме комплетна посветеност кон нив, во комуникација сме со соодветните центри за изгореници. Тука би сакал да го повторам тоа дека компресивната облека ќе треба да се користи две години, дека не се препорачува употреба на ласер за третман на изгорениците порано од шест месеци, дека во основа ќе треба да помине веројатно една или две години за да заврши заздравувањето на кожата пред да почнат естетски зафати за подобрување на изгледот. Ќе замолиме за сите прашања во однос на третманот повредените да се консултираат со Општата болница Кочани“, рече директорот Клековски.
Иако со тврдењата дека ништо не се прави се добива впечаток дека градот нема болница, Клековски вели дека болницата во Кочани не е гранапче туку здравствена институција со редовен годишен буџет од четири милиони евра, 50 лекари и 100 медицински сестри.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.

