Македонија
(Видео) Коалицијата „Можеме“ ги достави кандидатските листи за пратеници до ДИК
Коалицијата „Можеме“ ги достави кандидатските листи за пратеници до Државната изборна комисијa. 120 имиња на одговорни и угледни граѓани, кои си ја сакаат својата татковина, граѓани што се спремни да се вклучат во процесот на позитивните промени, граѓани спремни да работат за доброто на граѓаните и државата, изјави Љупчо Николовски, генерален секретар на СДСМ.
„Во Првата изборна единица, за правда, ред и дисциплина, за животна средина, ќе работат пратениците предводени од носителот Никола Димитров и носителката Мила Царовска. Тука се и искусни политичари, но и нови пратеници и нови кандидати, Дамјан Манчевски, Мирослав Богдановски, Снежана Калеска-Ванчева, Дарко Каевски, Диме Велковски.
Во Втората изборна единица, повисоки плати, грижа за сите и инвестиции во инфраструктурата ќе обезбедат носителите Оливер Спасовски и Сања Лукаревска, придржувани од исто така квалитетни и препознаени личности, како Славјанка Петровска, Мухамед Зеќири, Санела Шкријељ.
Инвестиции во земјоделството, во инфраструктурата и повисоки плати, односно повеќе пари назад кај граѓаните, обезбедуваат кандидатите за пратеници во Третата изборна единица, предводени од мене лично, Љупчо Николовски, и носителката Јагода Шахпаска, на листата придружувани од Маја Морачанин, докторите Сашо Николов и Ненад Коциќ, од Љупчо Балкоски и многу други нови имиња. Во Четвртата изборна единица влегуваме со силни инвестиции во инфраструктурата, со уште посилна поддршка на земјоделците и уште повеќе можности и мерки за младите. Тоа ќе треба да го испорачаат пратениците од оваа изборна единица предводени од претседателот Зоран Заев и од Соња Мираковска, а на листата меѓу другите се и Миле Талевски од Прилеп, Даниела Колева и Костадин Костадинов.
Во Петтата изборната единица носиме стабилност, безбедност, странски инвестиции, обезбедуваме раст на платите, здрава животна средина и силна поддршка на туризмот. Таму честа да ја предводат листата на коалицијата „Можеме“ ја имаат потпретседателката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, координаторот на досегашната пратеничка група, Јован Митрески, придружувани од квалитетни професори, поединци, интелектуалци од Битола, Охрид и од целокупниот регион, како што е професорката Костадинова, Лазе Танески и Жаклина Лазаревска, Един Јакуповиќ“, додаде тој.
Според Николовски, концептот едно општество и концептот повеќе пари кај граѓаните силно и најмногу се потврдува и во Шестата изборна единица. Најразноликата изборна листа токму оваа изборна единица е предводена од претседателот на Движењето Беса, Биљал Касами, и од Фаница Николовска од СДСМ, заедно со Бејџан Илјаз, Фадил Зендели, Драгољуб Филиповски и многу други и Македонци, и Албанци, и Турци и други.
„Ова е најголемата, најразнолика и победничка коалиција со родово најбалансираната понуда за сите избори од независноста па до денес, со целосна правична застапеност на сите етнички заедници во државата. Клучно, речиси 60 проценти од сите наши кандидати се жени. Ова е значаен исчекор во стандардите на политичкото дејствување во нашата земја. Со ваква кадровска понуда и со програмските решенија што ги нудиме, носиме нов квалитет, нови вредности и нови стандарди во политичкиот плурализам во Северна Македонија. Затоа, оваа генерација, оваа коалиција, е апсолутен фаворит на изборите и очекуваме тоа да се потврди со сигурност на изборниот ден, 12 април. Ова најголема парламентарна коалиција досега ќе ја предводи новата влада и ќе продолжи да работи во интерес на граѓаните и државата. Концептот на економски раст и развој, на интеграција, на повеќе пари кај граѓаните, продолжува во новиот мандат уште позасилено“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

