Македонија
(Видео) Ковачевски го бранеше Груби од новинарите
Премиерот Димитар Ковачевски обвини дека новинарите имаат лични анимозитети кон вицепремиерот Артан Груби, а тие прашуваа како министер за политички систем ќе координира изградба на автоматска делница. Премиерот бранејќи го Груби рече: „Ако имате лични анимозитети, тоа се лични работи. Ги слушав коментарите што ги дававте“.
„Вие кажавте една работа, која не е точна и која е во сосема спротивност, односно ваша констатација. Инфраструктурните проекти се на министерот за транспорт и врски и институциите во рамките на Министерството за транспорт и врски. Вицепремиерот Груби во текот на изминатите две години беше претседател на управувачкиот комитет за Коридорот 8. И како што гледате Коридорот 8 има изведувач, проектант. Набргу ќе почнат и физичките работи на Коридорот 10 Д. Доколку имате одредени лични прашања, тие не може да бидат одговорени со професионален речник“, рече Ковачевски одговарајќи на прашање: „Како го поврзавте Министерството за политички систем со инфраструктурни проекти во државата, што ќе координира министерот за политички систем и какви квалификации има Груби за да биде вицепремиер, и министерот за политички систем и министерот за транспорт и врски во сенка? Дали, ако е толку способен, ќе му дадете уште некоја функција?“
Вчера, Груби беше назначен за координатор за изградбата на Коридорот 8.
„Поради важноста за реализација на почнатите проекти за изградба на патните правци Скопје – Блаце, Кичево – Букојчани, железницата Кичево – Лин, заедничките гранични контроли со Република Албанија и Република Косово и реализацијата на Коридорот 8, Владата на Република Северна Македонија го назначи д-р Артан Груби, прв заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, за координатор за следење на работите и за координација на сите активности со цел нивна навремена реализација“, соопшти Владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
До 17 часот најмал одзив на гласачи во Куманово и Шуто Оризари
До 17 часот излезноста на гласачи на Локалните избори за Град Скопје изнесува 28,52%, соопшти ДИК. Процентот на избирачки места од каде пристигнале податоците е 99, 56% за вкупно 682 избирачки места.
Излезноста на гласачите во другите општини од државата до 17 часот, според ДИК изнесува 39,28%.
„Процентот на избирачки места од каде се пристигнати податоците изнесува 96,94%. Најголема излезност до 17 часот е забележана во Општина Конче со 64,44%“.
Најмал одзив имало во Општина Куманово од 27,72% и во Општина Шуто Оризари со 25,82%.
„Досега до ДИК нема пристигнато информација дека би имало евентуално продолживање на гласањето на некое избирачко место, и не се пријавени поголеми неправилсноти“.
Македонија
Утре променливо облачно, претпладне по одделни котлини со појава на магла
Времето утре, променливо облачно, претпладне по одделни котлини со појава на магла. Попладне и во текот на ноќта ќе има повремени локални врнежи од дожд и услови за ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 8, а максималната ќе достигне од 16 до 21 степен.
Во Скопје, променливо облачно, претпладне во делови од котлината со појава на слаба магла. Попладне и во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 18 степени.
Во наредните денови следува период на променливо облачно време, по одделни котлини со појава на утринска магла. Во вторник ќе има повремени локални врнежи од дожд и ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер. Дневната температура ќе опадне за неколку степени. Во среда и четврток ќе преовладува претежно стабилно време, а локални врнежи од дожд повторно се очекуваат во деновите од следниот викенд.
Македонија
27,19 проценти е излезноста на граѓаните до 15 часот во вториот круг од локалните избори, според ДИК
Излезноста на гласачите во вториот круг од локалните избори до 15 часот е 27,19 отсто, според податоците објавени од Државната изборна комисија.
Според комисијата, излезноста за Град Скопје до 15 часот изнесува 29,94%.
Најголема излезност е забележана во Општина Карпош со 32, 40% и Општина Центар со 31,65%, најмала излезност за градот Скопје има во Општина Сарај 6% и во Чаир со 8,83%.
„Споредено со излезноста во првиот круг и пресекот направен тогаш во 15 часот, излезноста изнесувала 31,16% за градот Скопје.
Во однос на излезноста за градоначалници на општините според пресекот во 15 часот, процентот на избирачи кои гласале во избирачките места од кои се пристигнати податоци до ДИК изнесува 30,26%. Процентот на избирачки места од кои се пристигнати податоците изнесува 93,59%“.
Гласањето како што соопштија од комисијата се одвива непречено и во најдобар ред.
„Се што беше доставено како приговори за избирачко право се решава и сите граѓани непречено си го остваруваат своето право на глас“. Засега велат од таму не се пријавени никакви инциденти.

