Македонија
(Видео) Ковачевски: Декларацијата за права на малцинствата на ОН е секојдневна практика, создаваме еднакво општество за сите
Премиерот Димитар Ковачевски денеска во рамките на Генералната дебата во ООН во Њујорк учествуваше и се обрати на Состанокот по повод 30 години од Декларацијата за правата на малцинствата.
„ Цврсто сум уверен дека унапредувањето на едно право, што не загрозува друго право, може само да ѝ користи на една држава што е посветена кон мирен развој. Мирот никогаш не треба да се гледа како крајна дестинација.
Мирот е пат со многу кривини; мирот се добива со заедничко чекорење по овој пат во секојдневието; тоа е пат по кој луѓето кои живеат во населба, во заедница, во општина, во држава, треба да го врват заеднички; тоа е пат на кој треба да напредуваме во заедништво, сите ние тука во оваа просторија, сите низ целиот свет.
И го велам ова затоа што денес сум тука во името на мојата татковина, Република Северна Македонија, која денес е пример за функционална мултиетничка држава и претставува фактор на стабилност на Западен Балкан што најмногу се должи на концептот „Едно општество за сите“ кон кој се стремиме и го спроведуваме без предрасуди. Ова е концепт заснован на начелото на еднакви права и должности за сите граѓани, начело што Владата и поголемиот дел од граѓаните на Република Северна Македонија го поддржуваат.
Овие граѓани се Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци и други граѓани кои живеат во Република Северна Македонија и кои според највисокиот законодавен документ, нашиот Устав, имаат еднакви слободи и права, без разлика на нивната национална, етничка, верска или друга припадност“ рече македонскиот премиер.
Тој додаде дека нашиот образовен систем гарантира и нуди образование за лицата што припаѓаат на етничките заедници на нивниот мајчин јазик, на сите нивоа на образованието, почнувајќи со основното.
Усвоените законски измени и примената на начелото на еднаква застапеност, како што рече Ковачевски, им овозможија на лицата што припаѓаат на етничките заедници да бидат вклучени во сите области на општествениот живот, како што се локалната самоуправа, Собранието, правосудниот систем, како и телата на извршната власт.
„ Со нашите политики за еднаквост го зацврстивме сврзувачкото ткиво на нашето општество и го отворивме патот за дискусија по прашања кои се од вистинска важност за граѓаните – нивното постоење и животен стандард, бидејќи тоа ни е заедничкиот јазик на сите нам, на сите наши граѓани.
Со оглед на тоа дека сме цврсто и целосно посветени на Агендата 2030 и начелото „никој да не биде изоставен“, усвоивме Национална стратегија со која се елаборира концептот „Едно општество за сите и интеркултурализам“ засновани на партиципативна демократија, што од своја страна, ги консолидира процесите за инклузивност во државата, а тоа е квалитетот по кој мојата држава е препознатлива во регионот, во ЕУ и низ светот“, истакна Ковачевски.
Тој рече дека Македонија спроведува уникатна политика за статусот на своите малцинства во државите во кои живеат, а што се заснова на примена на начелата што се дел од оваа Декларација на ОН и строгото спроведување на одредбите на Рамковната конвенција на Советот на Европа за заштита на националните малцинства.
„ Со оглед на тоа дека сме успешна, функционална мулти-етничка демократска држава – мини Европа на Балканот – подготвени сме и имаме волја да гарантираме унапредување на етничкиот, културолошки, јазичен и верски идентитет на сите етнички заедници, додека истовремено ги штитиме државните интереси и ја развиваме Република Северна Македонија на исто ниво со остатокот од демократскиот свет.
Пандемијата и војната во Украина покажаа дека, кога станува збор за човековите права, борбата никогаш не завршува, затоа што и за нивното зачувување и за нивното унапредување, потребна е силна волја и претпазливост. Посветеноста на човековите права не завршува на границите на нашата заедница, на нашата држава, на нашиот регион. Таа е универзална.
Со тоа, би сакал да ја поздравам денешната дебата што ја поддржува нашата заедничка посветеност на градењето поправични држави и поправичен свет”, порача Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ повика на целосна истрага за модуларната болница во Тетово
ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека Венко Филипче ја составил техничката спецификација за модуларната болница во Тетово без соодветен елаборат за електрична енергија и без целосно почитување на безбедносните стандарди.
Од партијата тврдат дека Светска банка одобрила 30 милиони евра за изградба на модуларните болници, додека реалната цена по која биле изградени објектите изнесувала околу 300.000 евра.
„Јавноста има право да знае каде завршиле парите и зошто профитот бил поважен од безбедноста на граѓаните“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека во здравството не смеело да се дозволуваат калкулации и импровизации за остварување личен профит.
Партијата се повикува и на, како што наведуваат, јавно изнесени тврдења на поранешната обвинителка Лејла Кадриу, според кои во обвинението биле опфатени само медицинскиот и економскиот директор на тетовската болница, додека Филипче бил надлежен за техничката документација.
„Се поставува прашањето зошто бил заштитен од правосудните органи“, стои во соопштението.
Од ВМРО-ДПМНЕ бараат Јавното обвинителство, согласно законите и доказите, целосно, темелно и неселективно да го расветли случајот со модуларната болница во Тетово.
Македонија
Поплави во повеќе региони во земјава – евакуирани 220 лица во Кичево, критично во Форино, поплавени куќи, ниви, подруми
Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека поради обилните врнежи од дожд се регистрирани поплави во повеќе региони во земјата, при што најкритична состојба има во Полошкиот регион и во Кичево.
Во Полошкиот регион, во Гостивар, екипи на противпожарната служба интервенирале во текот на целата ноќ. Најпогодено е селото Форино. Поплавени се и земјоделски површини во селата Чајле, Турчане, Врапчиште и Беловиште.
Во Југозападниот регион, во Кичево, на улицата „Прилепска“ е регистрирано најголемо поплавување на куќи, а евакуирани се 220 лица кои се сместени во спортската сала „Христо Узунов“. На улицата „29 Ноември“ во населбата Подварош, поплавени се подруми во повеќе куќи. Поплавени се и објекти на болницата во Кичево. Организирана е достава на храна и вода за загрозените лица со поддршка на Црвениот крст, а на терен работат екипи од полицијата, комуналното претпријатие и противпожарната служба.
Во Североисточниот регион, во Општина Липково, во дел од селото Опае поплавени се земјоделски површини поради излевање на Слупчанска Река, при што засега нема пријавени материјални штети. Поплавени земјоделски површини има и во селото Оризаре. Во Куманово, во селото Доброшане, на локацијата Шупли Камен кај мостот на Кумановска Река има насобрани пластични шишиња, но засега нема опасност од излевање на реката.
Во Скопскиот регион, во Општина Сарај состојбата утрово се следи и е мирна, додека во Општина Зелениково има минимално излевање на реката Вардар кај селата Пакошево и Ново Село, без непосредна опасност.
Во Југоисточниот регион, во Струмица, засега нема пријавени штети од врнежите од дожд. Пријавен е одрон кај селото Суви Лаки кон Берово и за истиот се известени надлежните служби.
Во Источниот регион, во Пробиштип, регистриран е прекин во снабдувањето со електрична енергија во селата Долни и Горни Стубол, а екипи на ЕВН работат на отстранување на дефектот.
Македонија
„Власта дели тендери како колачи – 74 тендери само за една фирма за две години“, велат од СДСМ
„Додека владата на Мицкоски нема пари за минимална плата од 600 евра, додека кратат 40 милиони евра субвенции за земјоделците, има за нов авион, лукзус, мебел, возила, и згора на се, дели тендери како колачи. Кога се носат часовници од 65 илјади евра, нема време за работниците и граѓаните има само за приватен бизнис“, велат од СДСМ.
„Едни исти фирми, блиски до власта, добиваат огромен број тендери, со милионски милонски суми за краток период. 74 тендери во вредност од 17,6 милиони евра за само две години добила фирмата „Ленди Груп“ ДООЕЛ Скопје.
Наглиот раст на договорите започнува во 2024 година и продолжува во 2025 година. Само минатата година се склучени 59 договори, најголем дел со општини раководени од ВМРО-ОКГ.
Симптоматично е што вредноста на договорите речиси целосно се поклопува со проценетата вредност на тендерите –што е класичен индикатор, сериозен сомнеж за наместени јавни набавки.
161 тендер за семејната фирма на Томовски. 51 тендер за друга фирма преку општини. Сега 74 тендери за трета фирма блиска до власта.
За сите овие скандали повеќе од 54 дена молчат Обвинителството, ДКСК, Финансиската полиција. На сите треба да им биде јасно дека одговорност ќе има. Антикорупцискиот тим на СДСМ продолжува да ги разоткрива шемите со криминални тендери“, соопшти СДСМ.

