Македонија
(Видео) Ковачевски: Имаме план за економијата, инвестиции од 3,5 милијарди евра и нови 180 милиони евра за компаниите
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски на денешниот настан под мото „Нема откажување од иднината“ се осврна на економијата и бизнис секторот при што кажа дека: „Во изминатите седум години се случија многу работи. Имаше подеми, падови, големи проблеми, предизвици. Се соочивме со КОВИД пандемијата, а потоа и со економската и енергетската криза предизвикани од војната во Украина“.
„Дадовме се од себе за да им помогнеме на граѓаните и на компаниите да ја пребродат кризата без посериозни последици. Донесовме девет пакети антикризни мерки вредни 2,6 милијарди долари за да го заштитиме стандардот на граѓаните. Благодарение на тоа беа спасени 80.000 работни места во околу 20.000 компании. Им помогнавме на над 660.000 домаќинства да не се соочат со ценовен шок со сметките за струја“, истакна Ковачевски во своето обраќање.
Ковачевски подвлече и дека: „Обезбедивме рекордна поддршка за домашните компании од 100 милиони евра за 919 македонски, домашни компании. Поддршка која во минатото воопшто не постоеше“.

Тој нагласи дека: „Компаниите ќе добијат нови 180 милиони евра директна финансиска поддршка, а јавните капитални инвестиции ќе се на ниво од 3,5 милијарди евра“ и додаде: „Го подготвуваме најголемиот и најамбициозен план во независна Македонија за модернизација на инфраструктурата. Ќе инвестираме 2,7 милијарди евра, а ќе се изградат 194 километри нови автопати и реконструкција на вкупно 950 километри патишта во сите делови и општини на државата.“
„Енергетската трансформација започна во мојот мандат, и во тие кратки две години обезбедивме над 600 мегавати инсталиран капацитет енергија од обновливи извори, наспроти 16те мегавати до 2016тата“, додаде Ковачевски.

„Државните енергетски компании ги даваме во рацете на граѓаните, а го зголемуваме и домашното производство на енергија за 70%, за да можеме целосно да ги покриеме домашните потреби. 100 процентно ќе го зголемиме инсталираниот капацитет на енергија од обновливи извори“, рече претседателот на СДСМ, Ковачевски на денот на почетокот на кампањата за претстојните парламентарни избори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина и тоа:
· во период од 06:00-10:00 часот корисниците на улицата Пајак, улицата Наум Наумовски Борче (од Костарика до Министерство за земјоделие), општина Центар;
· во период од 08:30-14:30 часот корисниците на дел од улицата Радишанска, општина Бутел;
· во период од 09:00-12:00 часот корисниците на улицата 29 Ноември бр.37, општина Центар;
· во период од 09:00-14:00 часот корисниците на дел од улицата Урош Џудовиќ, општина Карпош.
Македонија
Сообраќајот низ државата се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, на планините снег
Облачно, со повремени врнежи од дожд кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови (над 15 l/m²), а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух вренежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Денеска ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен дожд, во југозападните делови над 15 l/m², а на повисоките места врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Нови врнежи ќе има и во текот на седмицата кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег. Од денеска ќе има појава на магла по одредени котлини. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер.

