Македонија
(Видео) Ковачевски на Форумот Делфи: Приоритет ни е економски развиен Балкан, интегриран во ЕУ
Премиерот Димитар Ковачевски денеска имаше обраќање на Економскиот Форум Делфи во Грција со акцент на актуелни прашања во светски рамки, за кризата предизвикана од воената агресија врз Украина, за билатералната соработка меѓу нашата земја и Грција, по потпишувањето на договорот и членството во НАТО, за итноста на процесот за членство на во Европската Унија, како и за регионалната соработка.
Уредникот за надворешна политика на грчки „ТА НЕА“, Михалис Митсос разговорот со премиерот Ковачевски, го започна со важноста од решавањето на билатералните прашања кои обично по нивното затворање стануваат минато.
„Дискусиите за отворените прашања престануваат само тогаш кога ќе се решат. Беа потребни храбри одлуки и во 2018 се донесе одлука која што за Северна Македонија го донесе членството во НАТО и безусловната препорака за пристапни преговори за ЕУ. Денес Грција е наш голем партнер и заедно поставивме основа за добра идна соработка и развој на односите меѓу двете земји, но и просперитет во целиот регион“, рече Ковачевски.
Од Економскиот Форум Делфи во Атина, премиерот истакна дека Северна Македонија негува добрососедски односи и настојува секогаш сите отворени прашања да ги решава низ дијалог и во атмосфера која нема да ги продлабочува разликите, туку напротив, ќе ги приближува колку што е можно повеќе.
Во однос на соработката со Бугарија, Ковачевски рече дека со бугарскиот премиер Петков во последниве два месеци ги интензивирале разговорите меѓу Северна Македонија и Бугарија со искрена волја да се направат чекори на доближување, на соработка и на доверба за решенија за билатералните прашања.
Премиерот потенцираше дека е од исклучителна важност Северна Македонија да ги започне преговорите за пристапување во Европската Унија, затоа што во спротивно одлагањето на тој процес го охрабрува и зајакнува интересот на трети страни во регионот.
„Западен Балкан отсекогаш бил сфера на интерес на Русија и на други држави и ние го гледаме нивното присуство во регионот, но ние имаме јасна цел, јасно разбирање меѓу политичките партии во владината коалиција во однос на нашето стратешко припаѓање. Во минатото ЕУ не го исполни ветувањето, создаде празнина, затоа сега ова е прашање кое има приоритет да се реши што е можно побрзо, прво со взаемен договор со Бугарија, а потоа и со одобрување на преговарачката рамка од страна на ЕУ“, истакна Ковачевски на Форумот Делфи.
Во однос на војната во Украина, тој нагласи дека таа мора да престане веднаш.
„Ние не сме членка на ЕУ, но ги делиме истите вредности и ја усогласивме нашата политика со таа на ЕУ. Санкциите не се кон рускиот народ, туку врз рускиот режим кој треба да разбере дека војната не може никому да му донесе добро и дека крајот сите ќе бидат во позиција на загуба затоа што последиците ќе бидат еднакво лоши за сите“, истакна Ковачевски.
Во завршницата на своето обраќање на Делфи форумот, премиерот се осврна и на соработката во регионот и посочи дека Западен Балкан, како неизбежен дел од Европа, иднината ја има исклучиво во соработката за просперитет, за зацврстување на економската соработка и во зајакнување на довербата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Касами: Собранието го разреши раководството на партијата, важен чекор кон спојување на ВЛЕН во еден субјект
Централното собрание на Движењето Беса со мнозинство гласови ја одобри одлуката за распуштање на Централното претседателство на Движењето Беса, во продолжение на процесот започнат за спојување на ВЛЕН во еден субјект, објави на социјалните мрежи лидерот на движењето Беса, Билал Касами.
„Собранието на Движењето оцени дека треба да се отвори патот за структурирање на ВЛЕН и ја донесе оваа одлука врз основа на мораториумот за партиски активности од страна на субјектите што го сочинуваат ВЛЕН.
Во оваа прилика, Собранието ме овласти мене како претседател да продолжам со разговорите за иднината на ВЛЕН, давајќи поддршка на спојувањето во еден субјект, со решение што го почитува принципот на правда и го слуша гласот и волјата на гласачите на ВЛЕН и сите Албанци“, соопшти Касами.
На состанокот на Собранието, како што вели, била дискутирана и работата на функционерите на Движењето Беса во Владата.
„Членовите на собранието ја поддржаа мојата изјава дека Беса има капацитет за многу повеќе работа отколку што е сработено досега.
Анализата на работата на функсионерите ќе продолжи во наредните денови, додека наодите ќе бидат одразени во идната реконструкција на Владата.
Движењето Беса верува дека позициите во Владата се средство за наша најдобра и најефикасна служба на сите граѓани, а особено на Албанците, и сите идни одлуки ќе бидат засновани на овој принцип“, додава Касами.
Македонија
Од утре Мицкоски во Минхен на безбедносната конференција: во фокусот, геополитичката стабилност и улогата на Македонија како столб на стабилност во Западен Балкан
Oд утре (петок) премиерот Христијан Мицкоски заедно со министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за надворешна политика и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ќе биде во неколкудневна посета на Сојузна Република Германија, каде ќе присуствува на 62-та Минхенска безбедносна конференција.
Во рамки на конференцијата, Мицкоски ќе оствари серија билатерални средби со европски лидери, високи претставници како и челни луѓе на меѓународните безбедносни организации.
Во фокусот на разговорите ќе бидат геополитичката стабилност на регионот, нагласувајќи ја улогата на Македонија како столб на стабилноста во Западен Балкан и активен придонесувач во НАТО алијансата.
Исто така премиерот Мицкоски на средбите и состаноците ќе ја реафирмира позицијата на државата за неопходноста од предвидлив и фер пат кон полноправно членство во ЕУ, без наметнати билатерални пречки.
На маргините на конференцијата, предвидени се средби со високи претставници на Европската Унија како и со шефови на влади и држави.
Македонија
Филипче да каже зошто со Заев дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на закон, кои им биле мотивите и кој и колку профитирал, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Филипче жестоко се обидува да го одбрани својот ментор Заев и поврзаноста на луѓето блиски до СДС во последниот скандал со запленетата марихуана, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Филипче и кланот Заеви, Македонија ја претворија во Балкански „нарко-центар“, каде наместо медицинска се произведувала марихуана за црниот пазар. Запленетите 40 тони марихуана, директно водат до фирми блиски до Заев и Филипче.
Венко Филипче е без кредибилитет. Нема афера и скандал, а тој и Заев да не се вплеткани. Филипче и Заев се синоним за криминал, корупција, импровизации, нетранспарентни одлуки и контроверзи. Филипче е човекот кој го уништи здравствениот систем во државата“.
Македонија во време на владеењето на СДС, додаваат од владејачката партија, Зоран Заев и Венко Филипче, наместо строго контролирано производство на канабис за медицински цели, беше претворена во балкански нарко центар за шверц на марихуана на црниот пазар.
Според нив, факт е дека темелите на бизнисот за марихуана ги постави владата на Зоран Заев во 2020 година, додека Филипче беше министер за здравство.
„Владата на СДС делела лиценци на фирми поврзани со Зоран и Вице Заев, а резултат на тоа, денес се тони дрога и сериозни безбедносни последици за државата.
Факт е и дека околу 70 проценти од запленетата дрога деновиве е на фирма во сопственост на луѓе на Заев.
Медицинската марухуана била параван за организиран криминал во огромни размери“.
Прашуваат, зошто Заев лично се интересирал за случајот со петте тони марихуана запленети во Србија?
„Зошто Заев и Филипче дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на закон, кои им биле мотивите и колку профитирале?
Дали измените на правилникот се донесени по конкретна насока од Заев, и дали со нив се отворил простор за можни злоупотреби и незаконска трговија?
Одговорност мора да има“.

