Македонија
(Видео) Ковачевски: Не оставивме никого сам во време на криза, но тоа не е доволно, мора да направиме повеќе за граѓаните

СДСМ е седум години на власт, и во време на криза како вистински социјалдемократи бевме рамо до рамо со граѓаните, никој не беше оставен сам, порача претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачавески, на денешната заедничка прес-конференција со европратеникот Андреас Шидер.
Ковачевски потренцираше дека во изминатите седум години, Владите предводени од СДСМ, и покрај тоа што работеа во услови на тешки кризи, како што беа ковид кризата, економската и енергетската криза, направија многу работи во интерес на граѓаните и државата, и се преземаа правилни мерки за справување со предизвиците.
„Сѐ се тоа вонредни услови за работа, но, ние како вистински социјалдемократи, целиот тој период бевме рамо до рамо со граѓаните, не оставивме никого сам. Вративме 2,6 милијарди евра назад кај граѓаните во форма на поддршка за да полесно ги пребродат кризите. Во тој период обезбедивме нови вработувања,ј ја намаливме невработеноста од 25% во 2016 година на 12% колку што е денес. Направивме сѐ за земјата да биде препознаена од странските инвеститори за посакувана дестинација, за да имаме рекордни странски директни инвестиции, кои минатата година достигнаа ниво од над 750 милиони евра, споредено со 2016 година кога беа само 350 милиони евра“, рече Ковачевски.
При тоа Ковачевски посочи дека Владата предводена од СДСМ, успеа да реализира во изминатите 7 години голем број од плановите и од програмите што беа планирани, но дека има уште многу работа до исполнување на очекувањата на граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Локални избори: На полноќ завршува јавниот увид во избирачкиот список

На полноќ завршува увидот во Избирачкиот список, којшто граѓаните од 23 август можат да го проверат и да поднесат барања за запишување, дополнување или бришење податоци.
Барањата се поднесуваат писмено до ДИК, по електронска пошта или преку месните канцеларии, а решенијата се носат во рок од 24 часа.
Заклучно со 9 септември, увид извршиле вкупно 5729 граѓани, од кои 3397 мажи и 2332 жени. Осум лица поднеле барање за запишување во Избирачкиот список, 136 за бришење, а 59 за промена на податоците, најчесто поради промена на адреса или презиме.
Изборната кампања за Локалните избори почнува на 29 септември, а гласањето ќе се одржи на 19 октомври.
Македонија
Променливо облачно време, попладне со пороен дожд и грмежи

Времето денес ќе биде променливо облачно, попладне нестабилно со локален пороен дожд и грмежи. Наместа ќе има услови за изолирана појава на невреме со пообилен пороен дожд за кратко време (над 15л/м2) и засилен ветер (над 60км/ч).
Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 19, а максималната ќе достигне од 26 до 32 степена.
Во Скопје, променливо облачно, попладне нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во делови од котлината процесите ќе бидат во форма на краткотрајно невреме. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 31 степен.
Во петок ќе настапи преодно стабилизирање на времето, а во сабота ќе има изолирана појава на нестабилност. Во недела повторно на повеќе места ќе биде нестабилно со локален дожд и грмежи, наместа со поинтензивни процеси.
Македонија
Ветрот го сменил правецот од Дрисла, Скопје вечерва мириса на изгорено

Вечерва ветрот го смени правецот и дува од депонијата Дрисла во насока на Скопје поради што во делови од главниот град се чувствува силен непријатен мирис, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Соопшти дека и вечерва продолжуваат активностите за затрупување на депонијата Дрисла, а ќе бидат дополнително засилени рано наутро.
За утре се планирани и повеќе дополнителни активности на дивата депонија Вардариште, најави Ангелов.
Преходно денес беше соопштено дека пожарот на депонијата „Дрисла“ се гасне со затрупување на најкритичните делови.
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека е потпален, а како причина за тоа ги наведе физичките процеси на распаѓање на отпадот, кога се ослободува метан – штетен гас кој е лесно запалив, поради што Мицкоски вели дека е доволен само еден отпушок за да се предизвика пожар.
Граѓаните од главниот град вечерва се жалат на миризбата надвор која им предизвикува отежнато дишење. Ситуацијата, според мерните станици, особено е алармантна вечерва во Аеродром и во Ново Лисиче.