Македонија
(Видео) Ковачевски – О’Брајан: Северна Македонија е пред клучен момент да ги осигури европските перспективи
Премиерот Димитар Ковачевски, денеска, одржа тет-а-тет средба со помошник-државниот секретар на САД за Европа и Евроазија, Џејмс О’Брајан.
По тет-а-тет средбата, се одржа и билатерална средба, на која присуствуваа и Артан Груби, прв заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Фатмир Битиќи, заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Бојан Маричиќ, заменик на претседателот на Владата за европски прашања, Славјанка Петровска, министерка за одбрана, и Викторија Аврамовска-Мадиќ, заменик-министерка за правда.
На состанокот беше поздравена конструктивната улога на Република Северна Македонија како претседавач со ОБСЕ, како и придонесот на нашата држава во мирот во регионален и глобален контекст, особено што во Северна Македонија се гледа фактор на стабилност и безбедност во регионот.
Премиерот Ковачевски и помошник-државниот секретар на САД, О’Брајан, го потврдија големото пријателство помеѓу Северна Македонија и САД, кое е базирано на меѓусебна доверба.
Се истакна и важноста на стратешкото партнерство на САД во натамошниот напредок на нашата држава. Се разговараше и за актуелни прашања во нашата држава, како и од значење за поширокиот регион.
На средбата е потенцирано дека политичката стабилност има клучно значење во реформските процеси од значење за граѓаните и за развојот.
Се констатира дека Северна Македонија со зрелите политики и мудрите лидерски одлуки стана членка на НАТО и сега е пред пресвртен момент да обезбеди европски квалитет на живот каков што заслужуваат македонските граѓани, функционална имплементација на владеењето на правото и унапредување на правната институционална рамка во рамките на процесот на преговори со ЕУ.
Заедничкиот заклучок од средбата беше дека е неопходно сите политички лидери и субјекти во државата да ја имаат предвид важноста Северна Македонија да продолжи со следниот чекор на патот кон ЕУ, што ќе ги осигура европските перспективи на државата. Тоа е чекор што се очекува од Северна Македонија како придонес во демократскиот прогрес и перспективите на целиот Западен Балкан и во прилог на стабилноста и безбедноста на европскиот континент.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Граѓаните да ги ажурираат своите податоци за „Безбеден град“ на посебниот шалтер во МТВ или во станиците за технички преглед
Министерството за внатрешни работи ги потсетува граѓаните дека на посебниот шалтер во Одделот за граѓански работи, во зградата на МТВ (приземје) во Скопје, кој работи секој работен ден во периодот од 08:00 до 17:00 часот можат да поднесат барање за промена на контакт-податоците кои ги доставиле при регистрација на возилата, доколку има настаната промена или во случај да имаат добиено известување со неточни податоци.
Истото, може да се изврши и низ станиците за технички преглед на возила во државата каде што е распореден деташиран референт на МВР.
Македонија
Делови од Кисела Вода и Чаир денеска без струја
Од ЕВН Македонија информираат дека денеска без електрична енегија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 11.00 часот, дел од корисниците од улиците Кујунџиска и Битпазарска, објектите лоцирани околу националната галерија Чифте Амам, како и дел од корисниците од старата чаршија. (општина Чаир)
– во периодот од 10.00 до 14.00 часот, корисниците од ул. Јустинијан Први лоцирани околу ДИМ Маркет, како и дел од корисниците од улицата Речиште. (општина Кисела Вода)
Македонија
Поради протест блокирани повеќе гранични премини за влез и излез од државата на товарни возила
Поради протест блокирани се повеќе гранични премини за влез и излез од државата на товарни моторни возила.
Како што известуваат од Макам-Транс, превозниците од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора на 26.01.2026 година започнаа протест со блокада на граничните премини за влез и излез на товарни моторни возила од државите кој ќе трае до надминување на проблемот за евиденција на престој на возачите во Шенген зоната.
Граничните премини кои се блокирани се: Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блаце, Блато и Стење.
Затворени се граничните терминали за влез на товарни моторни возила на територија на нашата држава и на коловозните ленти на самите гранични премини за излез од државата, но само на делот за товарен сообраќај.
Патничкиот сообраќај за патници несметано ќе се врши на секој граничен премин, велат од Макам-Транс.
Како што информира АМСМ, сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

