Македонија
(Видео) Ковачевски – Руте: Северна Македонија направи многу, треба да го направи последниот чекор на патот кон ЕУ
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска во Гранада, Шпанија во рамките на Самитот на Европската политичка заедница се сретна со премиерот на Холандија, Марк Руте.
Како што известуваат од владината прес служба, на средбата било истакната поддршката на Холандија која е меѓу најголемите билатерални донатори на Северна Македонија и во континуитет помага во реформите на повеќе сфери во нашата земја, како почитување на човековите права, демократија, владеење на правото, реформи во судството, јавната администрација, заштита на маргинализираните групи во општеството.
Премиерот на Холандија, Марк Руте на средбата истакна дека Северна Македонија стигна многу далеку во процесот и мора да го направи последниот чекор, за што побрзо членство во ЕУ. Изрази благодарност кон премиерот Ковачевски за поддршката и усогласеноста на Северна Македонија со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, како и поддршката за Украина. Руте му се заблагодари на Ковачевски што Северна Македонија е стриктна во примената на визната политика.
Премиерот Ковачевски изрази благодарност до Холандија за заложбите во градењето на независни институции во Северна Македонија, кои се столб на секоја европска демократија.
Двајцата премиери разменија мислења околу евроинтеграциите на Северна Македонија, објективниот пристап на Холандија во оценувањето на критериумите за пристапување на нашата држава во Унијата создава дополнителен импулс за Северна Македонија во давање резултати и ја потврдува посветеноста на Владата на реформската агенда на земјата за побрзо членство на Северна Македонија во Европската Унија, се додава во соопштението на прес-службата на Владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Здружението на судии загрижено за изјавите за Управниот суд: со нив се врши притисок врз судиите и судиското одлучуваљње
Здружението на судии во врска со реакцијата на Управниот суд на РСМ, ја искажува својата загриженост за изјавите на поединци со кои, како што се истакнува во соопштението, директно или индиректно се врши притисок врз судиите и судиското постапување и одлучување.
Како што велат, припадноста кон одредена политичка партија и можноста за идно владеење односно учество во извршната власт, не смее да се користи за коментирање, заканување или влијание врз судиското одлучување.
Оценуваат дека таквите изјави се штетни пред се за политичките субјекти кои ги пласираат во јавноста, а истовремено може да се разберат и како обид да се поткопа непристрасноста и интегритетот на судиите.
„Во однос на неоснованите обвинувања кои беа упатени на адреса на Претседателот на Управниот суд на РСМ, како Здружение на судии даваме целосна поддршка на колегите од именуваниот суд и напоменуваме дека секој избран судија е независен во своето одлучување и таа независност му е Уставно загарантирана. Па во тој правец и при најмал сомнеж за евентуален обид за притисок или влијание врз неговата работа, без разлика од кого доаѓа, е должен да ги извести надлежните судиски инстанци. Воедно, сите останати општествени чинители, а особено претставниците на политичките партии се должни да ја почитуваат загарантираната судиска независност што е во духот и на демократскиот развој и Европскиот просперитет на земјата“, потенцираат од ова здружение.
Македонија
Одбиена тужбата на „Европскиот фронт“ за избирачкото место во Долнени
Управниот суд ја одби како неоснована тужбата од Коалицијата „Европски фронт“ на решението на Државната изборна комисија (ДИК) за прифаќање на приговорот од Коалицијата „Твоја Македонија” за избирачкото место 1470 во Долнени на Парламентарните избори 2024.
„Европскиот фронт“ поднесе седум тужби против решенија на ДИК на Парламентарните избори 2024.
Досега Управниот суд ja одби како неоснована и тужбата за избирачкото место 1194, во Општина Крушево.
Македонија
Мицотакис со предупредување: Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат Договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис уште еднаш ја предупредува Македонија дека прекршувањето на Договорот од Преспа, со кој се реши долгогодишниот спор за името меѓу двата соседа, ќе ги загрози амбициите на балканската земја за членство во ЕУ, пишува грчки „Катимерини“
Говорејќи од градот Верија во северна Грција за време на неговата кампања пред изборите за Европскиот парламент во јуни, Мицотакис изјави дека трите меморандуми за разбирање поврзани со договорот од 2018 година нема да бидат ратификувани од Парламентот се додека новото раководство во Скопје продолжи со прекршување на договорот.
„Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен, а меморандумите нема да бидат ратификувани освен ако не се почитува она што го предвидува договорот“, рече тој.