Македонија
(Видео) Ковачевски – Санчез: Шпанија силно стои зад Северна Македонија за членство во ЕУ
На маргините на Самитот на Европската политичка заедница, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски оствари билатерална средба со домаќинот на Самитот, шпанскиот премиер Педро Санчез. Соговорниците разменија мислења и информации за актуелните состојби во Европа, и во регионот на Западен Балкан.
Како што известува владината прес-служба, премиерот Ковачевски го запознал шпанскиот премиер Санчез со најновите внатрешно-политички состојби во државата и се заблагодари за севкупната поддршка од Шпанија која низ годините се покажа како важен партнер на билатерален план и поддржувач во аспирациите на Северна Македонија за членство во ЕУ. Претседателот на Владата, Ковачевски ја истакна важноста на улогата на Шпанија во ратификацијата на пристапниот протокол за членство на Северна Македонија во НАТО.

Премиерот Санчез истакна дека поддршката на Шпанија кон Северна Македонија ќе продолжи да биде силна сè до остварувањето на крајната цел, членството на Северна Македонија во ЕУ, се додава во соопштението од Владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Настапувал без дозвола: Аца Лукас приведен на концерт во Кавадарци
Српскиот пејач Аца Лукас синоќа бил приведен во Кавадарци околу 00:10 часот, за време на настап во угостителски објект.
Според информацијата од МВР, при акциска контрола спроведена од полицијата, во координација со инспектори и Управата за јавни приходи, било утврдено дека пејачот настапувал без потребната дозвола.
„Утврдено е дека лицето А.В. (57) од Република Србија настапувало без потребна дозвола. За сторениот прекршок до Основниот суд Кавадарци е поднесено барање за поведување прекршочна постапка, по член 217 став 1 точка 2 од Законот за странци. Лицето е спроведено во Основен суд Кавадарци по скратена постапка, каде му е изречена парична казна“, стои во соопштението на МВР.
Македонија
(Видео) ВМРО-ДПМНЕ ја напаѓа Кацарска поради предметот за линеарното зголемување на пензиите, од Уставен велат дека прозивките се преседан
На прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, обвини дека уставната судијка Добрила Кацарска бара укинување на зголемувањето од 7000 денари на пензиите, додека истовремено бара зголемување на својата плата, која изнесува околу 100.000 денари.
Манасиевски изјави дека дел од судиите и обвинителите блиски до Социјалдемократскиот сојуз бараат енормни зголемувања на платите, а Кацарска, како што рече, „по насока од СДС“ бара намалување на линеарното покачување на пензиите. Во изјавата се наведува дека во време на СДСМ пензионерите добивале многу помали покачувања, додека, според него, лица во правосудството со ниска доверба бараат високи примања.
Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека Социјалдемократите ја крахирале економијата и го контаминирале судството, а сега преку Кацарска се обидуваат да им ги одземат средствата на пензионерите. Манасиевски посочи дека барањата за високи плати во правосудството не се пропорционални со довербата од едвај 2 проценти.
Во изјавата, тој порача дека додека ВМРО-ДПМНЕ е на власт, економијата ќе расте, а со тоа и платите и пензиите. Манасиевски побара од СДСМ јавно да се огради од барањето на Кацарска за поништување на зголемувањето на пензиите.
ВМРО-ДПМНЕ и претходните денови настапи со слични обвинувања, на коишто реагираше Уставниот суд, кој во соопштение остро ја осуди реториката за предметот во кој се оценува уставноста на член 2 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување. Според Судот, нападнати се интегритетот, самостојноста и независноста на судијата-известител, а во јавноста се создава погрешна перцепција за работењето на институцијата.
Уставниот суд информира дека во случајот се поднесени 17 иницијативи од граѓани, а не од судијката Кацарска, и дека одлуките се носат со мнозинство гласови, а не од еден судија. Судот оцени дека прозивките кои ја поврзуваат судијата со партиски интереси претставуваат притисок и опасен преседан, особено кога некоја одлука не одговара на политички субјекти.
Во соопштението се додава дека јавното напаѓање на судии е директен напад врз институцијата што го штити Уставот и дека прашањето на пензиите не смее да се користи како основа за политичко влијание врз Судот. Уставниот суд апелира политичарите да покажат уставно-правна култура и повтори дека останува имун на секој притисок или обид за влијание.
Pред два дена, Уставниот суд поведе постапка за линеарното зголемување на пензиите. Судот оценува дека одредбата може да ги наруши уставните принципи на социјална праведност, еднаквост и правна сигурност, како и да создаде нееднаквост меѓу пензионерите со различни износи на пензии.
Македонија
Мицкоски: Македонија е дом на различности што ја збогатуваат нашата заедничка приказна
Премиерот Христијан Мицкоски упати честитка по повод 22 Ноември – Денот на албанската азбука, истакнувајќи дека празникот носи силна историска и културна симболика, поврзана со Битолскиот конгрес од 1908 година.
Во своето обраќање, Мицкоски потсетува дека тогаш, албанската интелигенција направила голем чекор кон создавање унифицирана азбука – „чин со длабоко европско значење“, како што рече, кој означил модернизација, образование и отвореност.
Премиерот нагласи дека Денот на албанската азбука е важен и за државата, бидејќи „Македонија е дом на различности кои не разделуваат, туку ја збогатуваат нашата заедничка национална приказна“. Албанската заедница, според него, е суштински дел од културниот и општествениот мозаик на земјата.
Мицкоски порача дека Владата останува посветена на политики кои градат меѓуетничка доверба, создаваат услови за достоинствен развој на јазиците и културите и ја зајакнуваат кохезијата меѓу граѓаните.
„Имаме амбиција да градиме општество во кое младите Македонци, Албанци, Турци, Срби, Бошњаци, Роми, Власи и сите други ќе ја гледаат својата иднина овде – во силна и развиена татковина“, изјави тој, додавајќи дека секој јазик треба да биде „мост, а не граница“.
Во обраќањето беа истакнати и проектите што Владата ги спроведува – модернизација на инфраструктурата, образованието, поддршка на културните институции, дигитализација и економски развој на локалните заедници, како и јакнење на институциите за рамноправност и интеграција.
На крајот, Мицкоски порача дека успехот е „заеднички проект“ и дека со обединетост, почит и одговорност може да се постигне напредок за целата држава.
„Нека е честит Денот на албанската азбука“, стои во честитката.

