Македонија
(Видео) Ковачки: Власта со предлогот и овозможува на Бугарија целосен диктат
Пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, оценува дека власта ја лажеше македонската јавност во врска со Предлогот за отпочнување на преговорите со ЕУ. Владата на Ковачевски лажеше затоа што со овој предлог прават трајна штета на македонските национални и државни интереси, кои водат или кон вечно преговарање или кон асимилација, промена на учебниците, промена на историските читанки за лица и настани од македонската историја и директно задирање во идентитетските прашања, додава Ковачки.
„Со еден збор, владата на Ковачевски предвидува Предлог кој целосно ги опфаќа бугарските барања. Ковачевски и Владата го лажеа народот и кога говореа дека наводно одбиле првичен предлог, за потоа да излезе на виделина дека новиот предлог е ист и со козметички и семантички несуштински измени. Вистината е дека прифаќаат предлог кој во себе содржи механизми кои на Бугарија и овозможуваат целосен диктат на процесот во кој или ќе ги прифаќаме нивните барања или ќе добиваме континуирано вето. Тоа е втората лага на Ковачевски и неговата Влада“, истакнува Ковачки во изјавата.
Тие, како што вели, тврдат дека во рамката за почеток на преговори не се опфатени т.н. историски прашања, но во суштина, смета Ковачки, истата таа рамка содржи Годишен извештај или Протокол кој треба да го цени официјална Софија и од чија содржина зависи напредокот на Македонија.
„Е токму тука во овој годишен извештај ќе се проценува реализацијата на членот 12 од договорот со Бугарија од 2017 година и во кој извештај таксативно и прецизно бугарската страна бара конкретни промени на учебници за лица и настани, споменици и т.н. Така на пример, со точен рок се обврзува македонската страна да направи промена на лекции во учебникот за 7 одделение по географија, во учебникот по историја за Цар Самоил, а во некоја наредна фаза и промена на учебниците кои се однесуваат на Илинденското востание, Гоце Делчев, Сандански, Груев и сите видни револуционери и историски настани. Ова е диктатот кој владата на Ковачевски е спремна да го прифати за да обезбеди сликање кое треба да биде новото селфи од авиончето, бидејќи вистинскиот почеток на преговори би следел после менувањето на македонскиот Устав“, појаснува пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ.
Суштинското отворање на пристапниот процес, оценува Ковачки е условен од промена на Уставот, за кој прво истата таа власт тврдеше дека ќе се случи на крајот пред самото членство, за сега да го направи на самиот почеток, без никакви гаранции од нови условувања и понижувања.
„Попатно, не помалку важно ќе биде оценувањето на говорот на омраза кој ќе се разгледува и оценува во рамки на Годишните извештаи кое е со широк опфат и овозможува селективно толкување од страна на Бугарија. Ете заради ваквите ултиматуми и понижувања велиме не благодарам. Заради ваквите лаги на власта на Ковачевски народот масовно излезе и вечерва ќе излезе, гласно и јасно кажа НЕ на асимилацијата на рати која ни се подготвува со овој предлог. И токму затоа граѓаните ќе продолжат и денес со својот мирен и достоинствен протест и денес во 19 часот пред платото на Владата“, додаде Ковачки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јордан Апостолски, Наташа Бошкова и Сашо Георгиевски кандидати за судии во Европскиот суд за човекови права
Владата на денешната 141 седница беше информирана за текот на постапката за номинирање кандидати за позицијата судија во Европскиот суд за човекови права.
Во таа насока, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ја презентираше Информацијата за реализираните активности, согласно известувањето доставено од Комисијата за избор на кандидати за судија во Европскиот суд за човекови права, со кое се информира за предлогот на Комисијата за избор на тројца кандидати: Јордан Апостолски, Наташа Бошкова и Сашо Георгиевски.
„По разгледувањето, Владата ја усвои Информацијата, по што Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, како надлежна институција задолжена за спроведување на административните и техничките активности во постапката, ќе продолжи со обезбедување мислење од Меѓународниот советодавен панел на експерти при Советот на Европа, во однос на исполнувањето на пропишаните критериуми од страна на предложените кандидати“; соопштија од Владата.
По добивањето на мислењето од Меѓународниот советодавен панел, Комисијата ќе ја достави листата со тројца кандидати до Владата, по што конечната листа ќе биде проследена до Парламентарното собрание на Советот на Европа.
фото/Depositphotos
Македонија
Проштална средба на Гаши со американската амбасадорка Агелер
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Ангела Агелер.
На средбата, претседателот Гаши изрази благодарност за нејзината лична посветеност, професионален пристап и поддршка на демократските процеси во државата. Посебно беше нагласена нејзината улога во јакнењето на институционалната соработка, градењето доверба и унапредувањето на дијалогот со Собранието.
Претседателот Гаши упати благодарност и до Амбасадата на САД за континуираната и силна поддршка на Република Северна Македонија во зајакнувањето на демократските институции, владеењето на правото, стабилноста и евроатлантската ориентација на земјата. Во тој контекст, беше нагласена и благодарноста до Соединетите Американски Држави како стратешки партнер и сојузник.
Претседателот Гаши нагласи дека придонесот на амбасадорката Агелер и на САД оставил видлива и позитивна трага во развојот на демократските и современите процеси во државата. Тој, исто така, изрази уверување дека пријателските односи и соработката ќе продолжат и во иднина.
Македонија
Утре без вода дел од Центар
Утре без вода ќе останат дел од корисниците од Општина Центар.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 14.01.2026 година ( среда ) поради поврзување на водоводна и хидрантска мрежа за стариот објект на Комерцијална Банка на плоштад Пресвета Богородица бр. 3 од страна на фирмата Бауер БГ, во периодот од 08.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат објектите на МНТ, Музичкото Училиште, Министерството за Транспорт и Врски, како и Управата за издавање на матични книги“, информира РЦУК – Скопје.

