Македонија
(Видео) Ковачки: Внукот на Али Ахмети купи деловна зграда од 30 милиони евра, дали Ковачевски не знае и за ова како што не знаеше за Мерко
Димитар Ковачевски се прави како паднат од Марс. Но од ДУИ почнаа да прават толку скандали што глумењето дека не е од тука и не му поминува. Ако не знаел за Мерко, не знаеше за дуќанот на братот на Груби, дали сега ќе каже дека не знаел и за внукот на Али Ахмети кој ја купи деловната зграда Соравиа во строгиот центар на Скопје, чија пазарна вредност е од 25 до 30 милиони евра, прашува Драган Ковачки, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Во текот на вчерашниот ден, потсетува Ковачки, официјално и „Соравиа груп“ и „Певлаку ШПК“, партнер на „Тор Индустриес“ на внукот на Али Ахмети, Дрин Ахмети, потврдија дека „Павлеку ШПК“ и „Тор Индустри“ ја купиле деловната зграда „Соравиа“.
„Дрин Ахмети, е син на братот на Али Ахмети. Тој е основач на „Тор Индустри“, основана во 2020 година и според информациите кои се објавени во медиуми нема прикажано профит. „Тор Индустриес“ е фирма која заедно со Павлеку ШПК од Тирана е нов сопственик на зградата „Соравиа“, ексклузивен деловен комплекс во центарот на Скопје. Според јавно достапните податоци, „Соравиа“ е со површина од над 15.000 метри квадратни.
Досегашниот сопственик на деловната зграда на својата официјална веб страна има објавено податок, дека деловната зграда „Соравиа“ е инвестиција од 25 милиони евра. Тоа се пари кои биле потребни за тој да ја изгради и пушти во употреба. Цената на деловен простор во центарот на Скопје, според информациите до кои дојдовме по извршено истражување кај повеќе фирми кои се занимаваат со недвижнини заклучивме дека е од 2.000 евра за метри квадратни па нагоре“, вели Ковачки.
Оценува дека согласно јавно достапните податоци може да се заклучи дека внукот на Ахмети купил зграда која вреди од 25 до 30 милиони евра.
Ова, како што додава, е аларм за ЈО и ДКСК, но и за сите институции од областа на финансиското разузнавање, како УФР и Финансиската полиција и очекуваме истите веднаш да отворат истрага.
„Институциите се должни да го утврдат потеклото на парите за купување на луксузната деловна зграда „Соравиа“. А, Ковачевски да каже дали и за внукот на Ахмети ќе премолчи, или конечно ќе побара одговорност. Додека Али, Груби и останатите се дел од власта, нивните семејства се стекнуваат со мултимилионски имоти. Додека народот се иселува масовно, роднините на функционерите на ДУИ градат бизнис империи. Ова е една од главните причини, зошто ВМРО-ДПМНЕ се бори за ДУИ да оди во опозиција“, потенцира Ковачки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре сончево со мала локална облачност, во наредните денови температурите во пораст
Сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 12 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст. До средината на следната седмица ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, а по одредени котлини ќе има појава на магла.
Македонија
Зелени коридори на сите премини и размена на искуства и податоци: Скопје и Атина со заеднички план за побрза трговија
Блиската соработка на Царинските управи на Македонија и Република Грција носи видливи придобивки за економиите на двете земји, при што двете страни се длабоко посветени кон унапредување на безбедноста и забрзување на протокот на стока преку засилена соработка, размена на искуства и споделување податоци.
Проширување на примената на зелените коридори на сите граничните премини, споделување на најдобрите практики и искуства на државната хемиска лабораторија на Грција, како и унапредување на соработката помеѓу службите за контрола и истраги, се дел од иницијативите што ќе бидат опфатени во заедничкиот Акциски план на коишто двете страни започнуваат да работат веднаш. Ова се дел од заклучоците на денешната билатерална средба на делегации од двете царински управи предводени од директорите Бобан Николовски и Димитриос Бурикос, на која активно учествуваше и директорката на Националната лабораторија на Грција, Софија Зиси.
„Овој состанок го гледам како можност за утврдување на конструктивни заеднички активности во областа на ефикасни контроли и практични мерки за олеснување на трговијата на границата, имајќи ги предвид напорите и активностите кои Царинската управа на Република Северна Македонија ги спроведува на патот на интеграцијата кон Европската Унија“, истакна Бурикос.
Директорот Бурикос во своето обраќање особено се осврна на реформата на Царинската унија на ЕУ, која значително ќе влијае на идната соработка. Во оваа насока, тој се осврна на трите главни области кои се акцентирани со реформата – централизација на царинските податоци преку заеднички Царински податочен центар на ЕУ, целосна дигитализација, како и поедноставување на постапките преку унапредување на програмата за Овластен економски оператор како клучна за олеснување на трговијата и зајакнување на безбедноста во синџирот на снабдување преку партнерство со приватниот сектор.
Директорот Николовски нагласи дека Царинската управа е цврсто посветена кон спроведување на реформската агенда за побрза интеграција во единствениот пазар на ЕУ, при што размената на искуства со Грција, како земја членка е од големо значење за понатамошно усогласување со европските системи и практики.
„Преку соработката со грчката Царинска управа јасно потврдуваме дека нема отстапувања од нашата цел, изградба на модерна царинска служба што работи по највисоки стандарди. Во фокусот на нашата соработка во периодот што следи се модернизација на царинската лабораторија, унапредување на контролите базирани на анализа на ризик, зајакнување на истражните механизми и олеснување на трговијата преку проширување на зелените ленти и размена на податоци во реално време. Нашата блиска соработка е основа и за унапредување на условите за водење бизнис, како клучно за зголемена трговска размена помеѓу двете држави“, вели директорот Николовски.
Македонија
Таравари поднесе тужба за клевета против Изет Меџити
Претседателот на поделената Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, преку својот адвокат, Aбидин Абдули, вчера поднесе тужба за клевета во Основниот суд Скопје 2 против градоначалникот на Чаир, Изет Меџити.
Тужбата доаѓа по изјавите дадени од Меџити во телевизиска емисија на „Лајм“, каде што тој тврдел дека Таравари за време на својот мандат како министер, издал седум лиценци за фабрики за преработка на канабис.
Според соопштението, пред поднесувањето на тужбата бил даден и законски рок за јавно извинување, кој Меџити не го искористил.
Таравари категорично ги демантираше овие обвинувања, оценувајќи ги како невистинити и клеветнички. Тој претходно најави дека ќе преземе правни чекори доколку не биде упатено јавно извинување за дадените изјави.
Со поднесувањето на тужбата во Основниот суд Скопје 2, случајот сега се очекува да добие институционален тек.

