Македонија
(Видео) Ковачки: Единствена работа со која се фали власта е НАТО, а се уште ја немаат прилагодено стратегијата и легислативата за борба против тероризмот
Во делот на легислативата, точно е дека ние има стратегија за борба против тероризмот и за насилен екстремизам, меѓутоа нашата стратегија за одбрана е од пред нашиот влез во НАТО. Значи имаме застарена стратегија за одбрана која што не е во склад со стратегијата за борба со тероризам и насилен екстремизам. Колку време се на власт, таа стратегија се уште не е донесена, а тоа е единственото нешто со кое што се гордеат и со тоа што се гордеат немаат донесено нова стратегија за одбрана, вели Драган Ковачки, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ на денешната дебата насловена „Справување со тероризмот – Предизвик на современа Европа“ во рамките на кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените!“.
Ковачки рече дека во делот на борбата со тероризмот Македонија се уште нема дефинирано кои објекти се критични.
„Ние немаме дефинирано кои објекти се критични и кои во даден момент треба да се обезбедуваат од овој аспект. Но ние тоа го немаме дефинирано како држава. Зошто? Затоа што се тотално неспособни. Пет години ЕУ укажува на носење на овој закон со прст не е помрднато, ние во собрание немам добиено ништо“, посочи тој.
– Згора на тоа зборувајќи за НАТО цело време односно секоја година, при крај на година, на ребаланс на буџетите се крати од програмата за интеграција во НАТО. Внимавајте по милијарда и 500 милиони секоја година заминуваат на зголемување на одредени бенефиции за нив. И мислам дека на тоа треба да му се стави крај. ВМРО-ДПМНЕ такво нешто нема да дозволи, изјави Ковачки.
Во однос на заканите со бомби Ковачки изјави дека „во екот на заканите, началникот за сузбивање на сајбер криминалот си дал оставка од МВР, укажувајќи дека идната влада на ВМРО-ДПМНЕ освен што ќе инвестираме во структурите, ќе мора да инвестира и во човечкиот потенцијал“.
– Она што е клучно е дека началникот на тоа одделение за информатичка безбедност, во ек на заканите на бомби го напушти министерството за внатрешни работи. Значи единствениот експерт кој што сме го имале во МВР им избега за повисока плата, што значи дека ние како ВМРО-ДПМНЕ покрај тоа што реков дека ќе инвестираме и во структурите и во способностите, ќе мора да инвестираме и во човечкиот потенцијал, рече Ковачки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Потпишан Меморандум со највисоко рангираните универзитети во Македонија за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, објави Ѓорѓиевски
Градоначалникот на Град Скопје, заедно со највисоко рангираните универзитети во Македонија потпишаа Меморандум за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, со што академската заедница официјално се вклучува како активен и рамноправен партнер во овој значаен европски културен процес, информираат од Град Скопје.
Со Меморандумот се потврдува јасната европска ориентација на универзитетите и нивната улога како двигатели на знаење, креативност и иновации, како и нивната општествена одговорност во развојот на заедницата. Вклучувањето во „Скопје 2028“ отвора можности за интеграција на културата во наставните и истражувачките програми, поттикнување на студентската креативност и младинскиот ангажман, развој на интердисциплинарни и меѓународни партнерства и зголемување на академската видливост на европско ниво.
Академската заедница останува посветена на активна, професионална и визионерска улога во реализацијата на „Скопје 2028“, со цел зајакнување на европските вредности, продлабочување на интеркултурниот дијалог и создавање одржлива, солидарна и креативна иднина за Скопје и Македонија.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.
Македонија
СДСМ: Македонија сака во ЕУ а ВМРО изолација
Македонските граѓани во големо мнозинство, над 70% сакаат членство во ЕУ. Додека Мицкоски и ВМРО намерно ја туркаат земјата кон изолација, далеку од ЕУ, истакнуваат од СДСМ.
„Известувачот за Македонија, Томас Вајс денеска изјави дека мора да се исполнат реформи и условот со уставни измени за да продолжи европскиот пат на земјата, при презентирањето на нацрт-извештајот за 2025 година.
Евроамбасадороот Михалис Рокас вчера беше дециден дека нема членство во ЕУ без право на глас и без право на вето.
Со ова, приказните на Мицкоски се разобличени целосно.
Исто како и празната националистичка реторика која веќе не поминува“.
Граѓаните, додаваат од СДСМ, го гледаат Мицкоски седнат во авион како се лукзуора на нивна сметка, со скапи часовници од 60.000 евра, со тендери како томбола за бизнис.
Тоа, како што оценуваат, е личен финаниски патриотизам.
„Зборува за меко ткиво а не знае дека и мозокот е меко ткиво.
Мицкоски, граѓаните имаат мозок“.

