Македонија
(Видео) Ковачки: Изјавата на Петков потврдува дека Ковачевски ги прифатил сите бугарски барања да бидат дел од рамката за ЕУ
Ковачевски премолчува вградување на бугарските барања во преговорите за пристапување кон ЕУ, исто како што премолче и дозволи отворање на клубот „Ванчо Михајлов“ во Битола. Дури и Кирил Петков е свесен дека бугарските барања се неприфатливи за македонскиот народ, па применува тактика на нивно разложување во периодот на преговори за влез на земјата во ЕУ, со што бугарските услови подоцна ќе мора да бидат исполнети на нашиот пат кон ЕУ, истакна на денешната прес-конференција Драган Ковачки, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Петков изјави: ‘Не може да се очекува сите барања на Бугарија да бидат исполнети сега пред почетокот на преговорите. Најглупавото нешто што можеме сега да го направиме е против бугарскиот интерес и ќе се сопнеме. Да бараме сè што сме сакале да се случи, да се случи пред подигнување на ветото’. Со ова Петков јасно кажува дека и тој е свесен дека бугарските барања се максималистички, а со тоа и нереални и неприфатливи, но кажува и дека тој е на план да ги протурка со расцепкување и нивно врзување со процесот на преговори со ЕУ“, вели Ковачки.
„Во понатамошниот тек на изјавата тој додава: ‘Сега таму имаме нормална влада и таа е подготвена да ги преземе ангажманите со европски договор’. Со ова отворено кажува дека Ковачевски прифатил вклопување на бугарските барања во рамката на преговарање за влез во ЕУ“, појасни Ковачки.
Прашува на што е подготвен Ковачевски и кои се тие бугарски барања што и Бугарите знаат дека наеднаш нема да може да им поминат кај народот, па им е потребен Ковачевски да прифаќа периодично исполнување на нашиот пат кон ЕУ?
„Аматеризмот, неспособноста и немањето државнички капацитет на Ковачевски ќе ја однесат Македонија во амбис,и ќе го врзат нашето членство во ЕУ со исполнување на сите бугарски барања. Доколку се прифати врзување на преговорите со исполнување на бугарските барања, тогаш Ковачевски трајно ќе ја осуди државата на неуспех или на побугарчување“, оценува пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ.
Токму затоа, додава Ковачки, ВМРО-ДПМНЕ потенцира дека се потребни писмени гаранции за македонскиот идентитет, јазик и историја. Во спротивно, оценува дека аматеризмот и неспособноста на Ковачевски ќе значат катастрофа за националните интереси.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова со раководството на Факултетот за музичка уметност: потенцирана важноста на едукативната и педагошката работа
По повод големиот јубилеј 60 години постоење и дејност на Факултетот за музичка уметност, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги прими деканката проф. м-р Дарија Андовска, продеканката за настава и наука, проф. д-р Соња Здравкова-Џепаровска и продеканката за концертна дејност, вонр. проф. м-р Марија Вршкова.
За деканката Андовска успехот на факултетот е резултат на големото музичко знаење, љубов, креативност, труд и посветеност на повеќето генерации наставен кадар.
Јубилејот добива на тежина и значење заради фактот дека за релативно кусо време, вработените постигнале далеку поголеми резултати од факултетите, односно музичките академии од регионот, стари и по стотина години.
Честитајќи им го роденденот, претседателката ја потенцираше важноста на едукативната и педагошката работа на Факултетот, којшто изнедрил музички и уметнички великани како Симон Трпчевски.
За Сиљановска-Давкова, неспорна и непроценлива е амбасадорската улога на нашите музички уметници во промоцијата на македонската држава ширум светот.
Таа со задоволство ја прифати поканата да биде покровителка на јубилејот на институцијата којашто е расадник на уметници без кои не може да се замисли успешната работа на Филхармонијата, Националната опера и балет, Националниот џез оркестар, како и на бројните ансамбли и оркестри.
Професорките ја запознаа претседателката со тешките предизвици од финансиска и просторна природа, хроничниот недостиг на инструменти и опасноста од згаснување на некои катедри во отсуство на кадар.
Тие очекуваат преиспитување и измена на низа предложени решенија од новиот Закон за високо образование во претстојната дебата.
Македонија
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови по наместа влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Сите патишта водат кон Будимпешта, со владин авион кај шефот и на море, велат од СДСМ
Главна дестинација на владинот авион е релацијата Скопје-Будимпешта. Дури седум пати летале до шефот, во главниот град на Унгарија, според информациите за летањето на владиниот авион кои ги објавија медиумите, велат од СДСМ.
„Сите во Будимпешта, со владин авион, на консултации и по работни задачи кај шефот.
Наместо да лежи во Идризово, ВМРО му подготвува враќање на Никола Груевски.
Затоа и беа тргнати потпретседателите.
Нема повеќе потпретседатели, нема внатрешна конкуренцијам се расчистува патот за единствениот претседател на ВМРО, Груевски.
Мицкоски е само чувар на фотелјата.
Мора да се обезбеди безбеден терен за враќање на газдата“.
Според опозиционата партија, Мицкоски, Николовски, Силјановска најмногу го користеле владинот авион.
„Толку многу се шета, Мицкоски дури и на Јадран оди со владин авион на капење.
Затоа мора да се купува нов авион, да се даваат милиони евра народни пари“, прашуваат од СДСМ.

