Македонија
(Видео) Ковачки: Надлежните молчат за шверцот на еден тон дрога преку скопскиот аеродром
Пред точно eден месец медиумите објавија вест дека во полициска акција е спречен шверц на психотропни супстанции, кои влегле во Македонија преку скопскиот аеродром, посочи во денешната изјава Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што рече тој, се работи за шверц на еден тон дрога, која била внесена во Македонија преку македонска компанија, која се занимава со телефонска галантерија.
„Овој нов скандал, кој е поврзан со Министерството за внатрешни работи и Царината, ја дава целосната слика зошто Република Македонија е на 111. место на скалата на индексот за корупција на ‘Транспаренси интернешнл’“, истакна Ковачки, притоа јавно поставувајќи неколку прашања поврзани со овој настан:
„Прво, дали на 5 ноември на скопскиот аеродром во делот на стоково царинење пристигнала пратка, на чиј товарен лист и декларација било забележано дека станува збор за телефонска галантерија, а во таа пратка имало друга стока?
Второ,, дали оваа сомнителна пратка била прегледана од надлежните царински работници на аеродромот во делот за стоково царинење и доколку не била прегледана, со какво образложение не била?
Трето, дали можеби претпоставените на царинските службеници им дале усна или писмена наредба за да не постапат?
Четврто, дали царинските службеници, кои биле одговорни за контролата на сомнителната пратка, на барање на полициските службеници на 5 ноември годинава дале изјави со кои потврдиле дека царинската контрола на пратката од Дубаи не е извршена врз основа на наредба на претпоставениот царински службеник, а три дена подоцна под силен притисок оваа изјава целосно ја промениле?“, се прашањата што ги постави претставникот на ВМРО-ДПМНЕ, а за кои, како што рече, јавноста очекува одговори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Судот го потврди пуштањето на Јанева, сценариото на ДПМНЕ се реализира
Денеска Кривичниот суд и официјално потврди дека на Катица Јанева ѝ е одобрен условен отпуст од затвор, велат од СДСМ.
„Отпустот започнува од 21.12.2025 година и трае до 21.08.2026 година. Од вкупната затворска казна од 7 години, дозволен е условен отпуст од 8 месеци.
Овие факти и периодот токму сега и до летото наредна година, во целост го потврдува сценарио од стратегијата на ДПМНЕ кое целосно го разоткивме.
Зошто сега?
Затоа што темата со мигрантите за пари стана национална тема, корупциските скандали за наместени тендери покажуваат како се крадат 14,5 милиони евра преку 161 тендер, затоа што кога нема пари во буџетот за плати и пензии а граѓаните тоа го чувствуваат секој ден.
Затоа што сега и гори на власта под нозе“.
Нивното сценарио, додаваат од партијата, е до изборите кои ги планираат наредната година.
„Јанева треба да биде искористена како алатка на ДПМНЕ во нивната црна кампања и во нападите врз СДСМ.
Кривичните пријави и политичкиот прогон, лажните вести и манипулациите, нападите врз медиумите и спроведувањето на српското сценарио во Македонија веќе не се доволни. Власта ја губи контролата и затоа мора да ги засилува нападите.
Како? По добро познати српски рецепти.
Исто како случајот со Дијана Хркаловиќ во Србија. Копи-пејст медиумска стратегија, со истите методи, истите наративи и истата цел: дефокус од суштинските проблеми и напад врз опозицијата“.
СДСМ, како што истакнуваат, јасно порачува: „Нема да ви помине Катица. Нема да ви поминат мигрантите за пари. Нема да ви помине ниту едно сценарио за манипулација и дефокус. Народот ви подготвува крај“.
Македонија
Стојкоски: Стоп за дезинформации и паника, во општина Ѓорче Петров нема, ниту ќе има мигрантски кампови
Стоп за дезинформации и паника. Советот на Општина Ѓорче Петров јасно и недвосмислено ја отфрла секоја лага и манипулација поврзана со наводно прифаќање мигранти или изградба на мигрантски кампови, напиша на социјалните мрежи Александар Стојкоски, градоначалник на општината Ѓорче Петров.
„Во нашата општина нема, ниту било побарано, ниту ќе биде дозволено воспоставување мигрантски кампови или трајно сместување мигранти.
Свесното ширење дезинформации создава страв, несигурност и ја нарушува стабилноста и соживотот во локалната заедница. Тоа не е политика – тоа е неодговорност“.
Стоиме цврсто во заштита на безбедноста, јавниот ред, меѓуетничката стабилност и мирниот живот на нашите граѓани, порачува Стојкоски.
Ги повика сите политички чинители на одговорен јавен говор и почитување на фактите.
„Мнозинството во Советот предводено од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија ги усвои следните заклучоци:
Нема мигрантски кампови во општината;
Не е побарано ниту не е договорено прифаќање мигранти;
Ннема да биде дозволено трајно сместување мигранти;
Заклучоци:
Се осудуваат лажните информации и политичките манипулации
Се констатира дека дезинформациите создаваат паника и несигурност
Се потврдува јасна политика против нелегалната миграција
Се дава поддршка на мерките на Владата за безбедност и стабилност
Се штитат меѓуетничките односи, мирот и соживотот.
Општината останува цврсто посветена на безбедноста и мирниот живот на граѓаните“.
Македонија
Тошковски: МВР успешно го заокружи проектот со ОБСЕ за хибридно образование
Министерството за внатрешни работи денес официјално го одбележа завршувањето на проектот „Градење на хибриден образовен систем во Министерството за внатрешни работи на Македонија“, со кој се поставуваат темелите на современ, одржлив и технолошки напреден систем за полициска обука.
Проектот, реализиран во партнерство со Мисијата на ОБСЕ во Скопје и со финансиска поддршка од Сојузна Република Германија, Кралството Норвешка и дополнителни придонеси од Финска, во изминатите години овозможи суштинска трансформација на начинот на стручно усовршување и професионален развој во рамки на Министерството.
Во рамки на проектот беше воспоставен модерен хибриден модел на образование кој комбинира дигитални алатки, современи дидактички методи и долгорочен пристап „обука на обучувачи“. Развиена е програма за хибридна обука, селектирани и обучени се национални обучувачи со високи дигитални и педагошки компетенции, воспоставен е Мултимедијален центар за обука во Тренинг центарот во Идризово, како и Систем за управување со учење (LMS) кој овозможува флексибилна и квалитетна едукација.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, обраќајќи се на завршниот настан, истакна дека овие резултати претставуваат јасен показател за институционална зрелост и определба за континуирано вложување во знаење и професионализација на полициската служба. Тој нагласи дека воспоставените капацитети отвораат можности за понатамошна соработка со меѓународните партнери и за активно вклучување во регионалните образовни мрежи, вклучително и Регионалната асоцијација на полициски академии и центри за обука од Југоисточна Европа.
Министерството за внатрешни работи упати благодарност до Мисијата на ОБСЕ во Скопје, како и до меѓународните партнери за континуираната поддршка, нагласувајќи дека со овој проект не се става крај, туку се отвора ново поглавје во кое хибридното образование станува составен дел од секојдневното функционирање на Министерството и важна алатка за подготовка на полицијата за идните безбедносни предизвици.

