Македонија
(Видео) „Корупцијата на власта оди до Брисел“, Филипче ја повика Ковеши да дојде во Македонија
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција упати повик до главната европска обвинителка, Лаура Ковеши, да ја посети Македонија, лично да се запознае со малверзациите што ВМОР-ДПМНЕ ги прави со европските фондови, меѓу кои и ИПАРД програмата, со која се загрозени 130 милиони евра.
„СДСМ ја повикува европската обвинителка Лаура Ковеши да ја посети Македонија, лично да се запознае со малверзациите кои ВМРО-ДПМНЕ ги прави со европските фондови, меѓу кои и тоа што е веќе јасно ИПАРД програмата во која се загрозени 130 милиони евра. Не може да имаме доверба во институциите на власта со притисокот на власта кои што со своето однесување се заштитници на криминалот, и тоа да биде над правото и над јавниот интерес“, рече Филипче.
Тој додаде дека власта единствено нешто што прави во однос на сите скандали а посебно со скандалот со ИПАРД е да ја дефокусира јавноста.
„Наместо одговорност после апсењето на нивниот директно, член на ВМРО-ДПМНЕ, директор во Агенцијата за финансиска поддршка, гледаме само спинови и обвинувања кон опозицијата. Но фактите се јасни – се случи најголемата проневера на европски пари во Македонија, ИПАРД фондовите и тоа луѓе, членови на ВМРО-ДПМНЕ, луѓе блиски до премиерот Хријан Мицкоски“, рече Филипче.
На прес-конференцијата тој појасни дека со вклучување на Лаура Ковеши, овој скандал целосно ќе се расчисти и ќе се осигура дека нема повторно да се случи.
„Не е ова темен вилает на ВМРО-ДПМНЕ да си играат со судбината на Македонија и да си играат со европската иднина на граѓаните, и да си играат со европските фондови коишто се наменети за подобар живот на граѓаните и за подобар систем тука во државата“, нагласи претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени возачи од Скопје и Куманово, возеле без возачка, одземени им се возилата
Полицијата уапси двајца возачи од Скопје и Куманово, возеле без положен возачки испит, одземени им се возилата.
Попладнево во 12:40 часот на патот Куманово-с. Липково, полициски службеници го лишија од слобода Ш.А.(31) од Куманово. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „голф“ со кумановски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. Ш.А. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
На 03.02.2026 во 13:00 часот на улица „Јустинијан први“ во Скопје, полициски службеници го лишија од слобода И.Џ.(20) од Скопје. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. И.Џ. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
По документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 297-а од КЗ.
Македонија
Партиите со осуда за нападот врз новинарот Видиновски
Политичките партии го осудија нападот врз новинарот Александар Видиновски.
„Ги осудуваме нападите врз новинарот Александар Видиновски, кои се последица на бугарскиот национализам и шовинизам. Нападот врз новинарот Видиновски е напад врз слободата на говор и врз медиумите, од страна на структури кои разгоруваат омраза, а се мотивирани од бугарскиот национализам. Сите напади како овој врз новинарот Видиновски го разјадуваат општеството и ја подгреваат омразата, и мора веднаш да престанат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Осуда стигна и од ЛДП.
„Либерално-демократската партија (ЛДП) најостро го осудува однесувањето на онлајн насилниците со коментари исполнети со говор на омраза кон новинарот на Канал 5, Александар Видиновски. Ваквиот начин на изразување и на воспоставување дијалог не е воопшто соодветен за било кое демократско општество. Ја изразуваме нашата поддршка за Видиновски, бараме независното новинарство да остане независно од секакви влијанија и бараме брза реакција на институциите за расчистување на случајот“, велат од ЛДП.
Македонија
Македонија и ОАЕ потпишаа Меморандум за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Дубаи оствари билатерална средба со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан, во чии рамки беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата.

„Со Меморандумот се воспоставува институционална рамка за систематска соработка насочена кон унапредување на јавните политики, јакнење на административните капацитети, дигитална трансформација и примена на иновативни модели на управување“, соопштија од МНР.
Од таму додаваат дека потпишувањето на документот отвора нови можности за размена на знаења, експертиза и добри практики, како и за реализација на заеднички активности и проекти во области од заемен интерес, со цел зголемување на ефикасноста и квалитетот на владините услуги.
На средбата станало збор и за можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Скопје и Обединетите Арапски Емирати. Воедно бил направен сеопфатен преглед на билатералните односи, при што биле разгледани можностите за нивно натамошно продлабочување. Посебен акцент бил ставен на унапредувањето на политичката соработка, јакнењето на економските врски и интензивирањето на трговската размена меѓу двете земји.
Двете страни ја потврдиле заедничката определба за натамошно зајакнување на партнерските односи и развој на конкретни иницијативи кои ќе придонесат за одржлив економски раст, институционална ефикасност и продлабочена соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати.

