Македонија
(Видео) Костадиновска-Стојчевска: Сѐ е јасно во решението, 12 проценти повисоки плати на културните работници, кратење нема да има
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, по реакциите на Синдикатот на културата на Република Македонија за наводни нејасности во решението за плата изготвено од Министерството за култура и неоснованите обвинувања за кратење на платите во културата, одржа прес-конференција на која јасно соопшти дека нема никаква опасност од кратење на платите, напротив, платите во март повторно се покачуваат.
„Би сакала да не се шират дезинформации, некакви теории на заговор, дека Министерството за култура сака нешто да скрие. Напротив, секогаш сме работеле одговорно и транспарентно, во служба, пред сè, на културните работници. Сè е јасно во решението за плата, платите на културните работници ќе се покачат 12 проценти“, рече министерката за култура објаснувајќи го образецот на решението што Министерството за култура преку официјална е-пошта го достави до установите за пресметка на платите.
Таа појасни дека последниот пат кога било добиено 10 проценти покачување во септември 2023 година, според член 14 став 1 од Општиот колективен договор, а во текот на целата 2023 година имало вкупно 21 процент покачување на нивните плати.
„Фер е да кажеме дека во изминатите 4 години, од 2020 до септември 2023 година, кога беше последното покачување, покачувањето на платите на културните работници, почитувајќи го колективниот договор, склучен на 30 декември 2019 година, и Општиот колективен договор, изнесува 40 отсто. Со ова последно покачување во март покачувањето на платите во културата е 52 отсто“, информира министерката за култура аргументирајќи дека кратење на платите во секторот нема да има.
Костадиновска-Стојчевска го појасни решението испратено до установите одговарајќи на нејасностите што се јавуваат и разменуваат преку Синдикатот на културата и додаде дека за изработка на овој документ Министерството за култура ги консултира Министерството за труд и социјална политика и Државниот испекторат за труд.
Потенцира дека во изминатиот период, по донесувањето на колективниот договор во културата, во ниту еден момент не станало збор за негово непочитување додавајќи дека од самото потпишување на колективниот договор во 2019 година тој е исполнет.
„Некогаш сме имале потреба за одредени кратења средства или пренамена за да ги дообезбедиме платите, меѓутоа во последните три буџети зголемувањата на платите им се предвидени. Може и самите културни работници да проверат дека и најновото покачување од март е предвидено во системот за изработка на плати на Министерството за финансии“.
Костадиновска-Стојчевска, одговарајќи на новинарско прашање, повтори дека кратење во културата нема и упати апел да не се шират дезинформации, да не се шират страв и паника во секторот зашто колективниот договор се почитува и со секое ново покачување на минималната плата платите во културата уште повеќе ќе растат. Тоа е наша заедничка цел, рече министерката за култура говорејќи за завидното ниво на платите што културните работници го заслужуваат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) По ерата на Југославија, селото Драчево е првото село во Македонија што добива сопствено модерно кино
Општина Кисела Вода вчера вечер официјално го отвори новото кино во Домот на културата во Драчево. Проектот, реализиран во партнерство со „Киноверзум“, претставува втора филмска сцена на територијата на оваа општина и вкупно петта во мрежата на оваа групација во Македонија.

Свеченото отворање се одржа пред преполна сала, во присуство на претставници на Владата, Собранието, како и голем број уметници и културни работници. Настанот го водеше актерот Рубенс Муратовски, а вечерта беше заокружена со проекција на меѓународно наградуваниот документарен филм „Приказната за Силјан“, кој беше македонски кандидат за „Оскар”.

– Ова е историски чекор, бидејќи по времето на Југославија, селото Драчево е првото село во Македонија кое добива свое модерно кино. Со овој чекор потврдуваме дека културата не смее да биде привилегија на центарот, туку право на секој граѓанин. Нашата визија е јасна- ја носиме уметноста таму каде што е домот на луѓето. Сакаме врвните филмски остварувања да бидат на само неколку чекори од вашиот праг-истакна градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.

Таа додаде дека ова е второ заедничко кино со „Киноверзум“ и е доказ дека со јасна заедничка визија се постигнуваат видливи и трајни резултати.

Посебно признание на настанот им беше оддадено на гостите, режисерката Тамара Котевска и продуцентот Јорданчо Петковски. Нивниот филм „Приказната за Силјан“, кој беше македонски кандидат во трката за „Оскар“, кој е откупен од „National Geographic“ и добитник на бројни награди на реномирани светски филмски фестивали, беше симболично избран за првата проекција на новото филмско платно во Драчево. За жителите на Драчево ова имаше и емотивна вредност, со оглед на тоа што продуцентот Петковски потекнува токму од ова место.

– Ова е седма година од постоењето на „Киноверзум” и горди сме што вечерва го отвораме нашето петто кино. По Штип, Велес, Свети Николе и првото кино во Кисела Вода, сега и Драчево добива филмска сцена со најсовремени технички услови. Опремено со ласерски кино-проектор и врвен систем за звук, на посетителите им ги нудиме најактуелните светски филмски хитови по најпристапни цени. Веќе од утре, на редовниот репертоар во Драчево се филмовите „Свадба” и „Оркански височини“, изјави Михаела Ѓорчева, основач на „Киноверзум“.

Овој проект е вистински пример за континуитет во спроведувањето на добрите идеи и плодна соработка, со оглед на тоа што иницијативата за негово отворање започна уште во мандатот на претходникот на Стаменкоска Трајкоска, сегашниот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски. Со оваа реализација, Општина Кисела Вода ја потврдува својата посветеност на културната инфраструктура, правејќи ги Драчево и Кисела Вода нови културни епицентри достапни за сите жители.






Македонија
Врнежи од слаб снег на неколку патни правци, патот кон село Герман е блокиран од паднато дрво
Од синоќа е воведена забрана за сообраќај на регионалниот пат Р2-233 Гостивар – село Чегране поточно во село Форино, поради излевање на реката Вардар. Сообраќајот се пренасочува од село Чајле кон село Старо Чајле према село Форино, извести АМСМ.
Патот кон село Герман е блокиран кај село Станча, од паднато дрво и не е прооден.
Сообраќајот на државните патишта се одвива по влажни коловози. Врнежи од слаб снег има во Крива Паланка – г.п Деве Баир, г.п Делчево, Страцин, и на Пониква, но во моментов не претставуваат пречка за одвивање на сообракајот.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, соопшти АМСМ.
Македонија
(Фото) Ѓорѓиевски: По две децении, Драчево повторно доби свое кино
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски преку социјалните мрежи извести дека по две децении, Драчево повторно доби свое кино.
„Особено ми е драго што иницијативата што ја започнавме пред завршувањето на мојот мандат како градоначалник на Кисела Вода, денес прерасна во реалност. Овој проект беше визија за враќање на културниот живот таму каде што му е местото, меѓу мојот народ. Од денес, таа визија живее“, вели градоначалникот.
„Киното ќе функционира во рамки на Домот на културата во Драчево, простор кој повторно ќе стане собиралиште на уметноста, емоцијата и заедничките доживувања.
Покрај Кисела Вода, сега и драчевчани ќе бидат дел од КИНОВЕРЗУМ и ќе имаат можност да уживаат во најновите филмски достигнувања и најголемите светски хитови, блиску до својот дом.
Филмското искуство повеќе нема да значи патување километри далеку, туку тука – дома. Културата повторно пулсира во Драчево“, додаде Ѓорѓиевски.

