Македонија
(Видео) Костадинов: Голем е стравот од пораз кај Мицкоски, затоа неговите пратеници го кочат Собранието
Со месеци целата јавност гледа деструктивно, неодговорно однесување на ВМРО-ДПМНЕ овде во Собранието. ВМРО-ДПМНЕ безобразно ја злоупотребува ситуацијата со пратеници заболени од ковид и со пратеници кои се во изолација, за да ги кочи сите важни процеси и закони за граѓаните, обвини портпаролот на владејачкиот СДСМ, Костадин Костадинов.
„Денес немаше да бидеме во ваква ситуација ако ВМРО-ДПМНЕ не се противеше и не ги блокираше измените на Деловникот за работа со што можеше да се обезбеди работа од далечина на пратениците позитивни на ковид или се во изолација“, истакна тој, додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ блокира сè што е во интерес на граѓаните, дека нивните пратеници не влегуваат во салата и не работат за граѓаните што ги гласале.
„До каде оди нивната деструктивност зборува и фактот што денеска од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека ќе ја блокираат и утрешната седница на која се и барањата за интерпелација поднесени токму од ВМРО-ДПМНЕ, како и Информација во врска со актуелните состојби во здравството, исто така поднесена токму од ВМРО-ДПМНЕ“, рече Костадинов.
Им порача на пратенциите на ВМРО-ДПМНЕ да не бараат алиби и да нудат оправдувања за нивните блокади, туку да почнат да работат за граѓаните.
Според него, очигледно било дека големи се фрустрациите кај Мицкоски од шесте порази од граѓаните, а стравот бил огромен од следниот извесен пораз на есен, па затоа, вели тој, неговите пратеници овде во Собранието кочеле и блокирале.
Со или без ВМРО-ДПМНЕ, реформскиот процес ќе продолжи, но ќе продолжат и поразите на Христијан Мицкоски, порача Костадинов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од општината Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09.00 до 16.00 часот корисниците на улиците Борис Сарафов и Атанас Иљоски (општина Ѓорче Петров).
Македонија
Магла на два патни правци, најавен собир на регионалниот пат Берово – Струмица, сообраќајот ќе биде блокиран
Поради појава на магла се бележи намалена видливост од 50 – 60 магла има на патните правци Неготино – Градско и Неготино – Демир Капија, извести АМСМ.
Најава за прекин на сообраќај: На 19.12.2025 година во 10.00 часот од страна на Месно население на село Двориште, најавен е јавен собир на Регионален пат П-1302 (Берово – Струмица) на место викано „Студенецо“, при што сообраќајот ќе биде блокиран, а возачите кои сообраќаат по патен правец Струмица – Берово, да ги користат алтернативните патни правци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, претпладне магла
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне наместа ќе има појава на магла. Во југоисточниот дел од земјата ќе дува слаб ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 1, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно и тивко. Во делови од котлината ќе има појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до -3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на стабилна воздушна маса до понеделник ќе се задржи стабилно и тивко време. Наместа ќе има појава на магла и зголемена облачност. Во вторник кон крајот на денот ќе има услови за локален слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец.

