Македонија
(Видео) Костадинов: Донесен е законот за ЈО, извршителот Мицкоски не успеа да го спаси својот шеф Груевски

СДСМ продолжува со заложбата за неселективна правда и правна држава. Основата ја поставија мнозинството пратеници преку изгласаниот закон за Јавното обвинителство. Законот гарантира независен правосуден систем, но и одговорност и казнивост за сите што го прекршиле законот. Тоа е една од основите за напредок на државата кон Европската Унија, изјави портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов.
„Oгромното мнозинство во парламентот постигна историска победа врз криминалните структури на ВМРО-ДПМНЕ. Нивната намера да го амнестираат партискиот криминал пропадна. Не успеа обидот на извршителот Христијан Мицкоски да го спаси од одговорност неговиот шеф Никола Груевски. Граѓаните со право се незадоволни од состојбите во судството, но и ние во СДСМ сме незадоволни од испорачаното во делот на правдата.
Но, уште еднаш ги уверувме нашите граѓани дека со законот за Јавното обвинителство се гарантира судски епилог на сите почнати судски процеси, но и случаи отворени од СЈО, кои ќе се водат врз основа на фер и транспарентна постапка. Зад ова законско решение застанаа и нашите партнери од САД и Европската Унија за што им сме благодарни за поддршката, благодарни сме им за тоа што го препознаа напредокот.
Законот гарантира независни институции. По три децении, политичарите, конечно, нема да избираат обвинители ниту, пак, ќе одлучуваат за предмети. Независноста ќе гарантира професионалност, објективност и неутралност во одлучувањето. Му овозможуваме на обвинителскиот систем да може да работи растоварен од политички влијанија. Сега тие се на ред, да преземат одговорност.
Не успеа намерата на ВМРО-ДПМНЕ да ги загрози правдата и европската иднина на државата. ВМРО-ДПМНЕ и извршителот Мицкоски остануваат изолирани во одбраната на криминалот, изолирани во дејствувањето против ЕУ и НАТО. СДСМ во согласност со стратешките определби за независно судство и демократско владеење нема да дозволи кој било, а најмалку Мицкоски, да си поигрува со европската иднина. На сите им е јасно – мие не застануваме тука, продолжуваме по патот кон Европа. Тие еден чекор назад, ние три чекори напред!“, порача Костадинов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Општина Центар: Дератизацијата не е опасност за кучињата и мачките, да не се шират дезинформации

Општина Центар ги отфрла шпекулациите дека дератизацијата претставува опасност за животните.
„Ве информираме дека дератизацијата се спроведува редовно и исклучиво од стручни лица од Центарот за јавно здравје, со употреба на методи и средства кои се безбедни и не претставуваат закана за кучињата, мачките и другите домашни миленици. Апелираме до граѓаните да не подлегнуваат на непроверени и неточни информации кои во јавноста се пласираат од одредени неквалификувани и нелиценцирани лица или организации. Ваквите дезинформации неосновано предизвикуваат страв и паника кај граѓаните и непотребно ја вознемируваат јавноста“, велат од Општината.
Македонија
СДСМ: Мицкоски пак манипулира, со инфлација од 4,8%, реалниот раст на БДП е -1,4%

Со инфлација од 4,8% повисока од растот на БДП, реалната економија оди надолу од -1.4%, а граѓаните тонат во сиромаштија, велат од СДСМ.
„Македонија е далеку од 4-та економија во Европа како што сака Мицкоски да прикаже. Неговите фалби немаат врска со реалноста. Граѓаните не живеат од статистички бројки туку од сопствениот џеб. А таму реалноста е сурова: повисоки цени, пониски приходи и намален квалитет на живот. Македонскиот БДП по жител, според куповната моќ, е само 42% од просекот на ЕУ, повисок просек од нашите граѓани има дури и земјите во регионот, Србија со 51%, Црна Гора со 53%“, се наведува во соопштението.
Од СДСМ велат дека странските инвестиции се преполовени на 221 милиони евра, од 573 милиони евра минатата година.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Хидробиолошкиот завод е првата линија на одбрана во борбата против климатските промени

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се обрати на свечената академија по повод 90-годишнината од основањето на Хидробиолошкиот завод – Охрид, најстарата македонска научно-истражувачка институција, формирана во 1935 година од академикот Синиша Станковиќ.
Таа ја истакна незаменливата улога на Заводот во проучувањето, заштитата и афирмацијата на Охридското Езеро, како и во зачувувањето на биолошката разновидност на Преспанското и Дојранското Езеро.
За неа, Хидробиолошкиот завод е жив сведок на човечката упорност и стремеж да се проникне во тајните на природата, обезбедувајќи генерациска мисија за зачувување на езерските екосистеми и истовремено создавајќи научна мисла со меѓународен углед.
Според неа, наш императив мора да биде да го сочуваме и да го одржуваме овој непроценлив животен ресурс. Нашите водени бисери: Охридското Езеро, Преспанското Езеро и Дојранското Езеро, се наше и светско наследство.
Таа укажа на неопходноста од зголемување на поддршката за Заводот, преку дополнителни инвестиции во опрема и кадровско доекипирање, бидејќи човечките ресурси се најсилниот капитал на институцијата.
Претседателката упати честитки до генерациите научници и вработени во Хидробиолошкиот завод за нивната пожртвуваност и посветеност, истакнувајќи дека нивната работа претставува најдобар пример за хармонија меѓу човекот и природата.
„Посакувам пастрмката да опстане во Охридското Езеро, Преспа да продолжи да биде дом на ретките птици, Дојран да го сочува рибарскиот дух, а вашиот Хидробиолошки завод да слави и по следните 90 години,“ порача претседателката.