Македонија
(Видео) Костадинов: Мицкоски да излезе и да му се извини на македонскиот народ за лагите и хистеријата
Срушени се сите клевети на ВМРО-ДПМНЕ дека се распродавал македонскиот идентитет, потопени се сите лаги на Христијан Мицкоски дека се распрачувала нашата татковина. Македонскиот идентитет не е распродаден, туку е сочуван, а нашата држава не е распарчена како што хистерично лажеше Мицкоски, изјави портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов.
„Додека ние работевме за граѓаните и ги браневме државните позиции, европската иднина и македонскиот национален идентитет, Мицкоски смислено и оркестрирано ширеше хистерични лажни вести и клевети поткопувајќи ја државната позиција. Пред само неколку дена Мицкоски на собир за одбрана на својата фотелја лажеше дека во Софија ни се распарчувала државата. Клеветеше дека се распродава идентитетот, дека се тргува со антифашистичкиот темел на нашата држава, ширеше лажни вести, поттикнуваше говор на омраза.
Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ беа единствените што гласно навиваа Северна Македонија да не добие датум за почеток на преговорите. Единствените што намерно и свесно блокираа реформи и закони важни за интеграцијата во ЕУ, но уште поважни за нашите граѓани. Нивните лаги дека, освен Бугарија, и други земји не ја поддржуваат нашата интеграција, ја демантираа европски држави. Секогаш кога се работи за државните и националните интереси, Мицкоски го покажува своето антидржавно и антиевропско лице.
Таков е и случајот со стратешката грешка и неодобрувањето на меѓувладината конференција за Република Северна Македонија од страна на Република Бугарија. Не издржа Христијан Мицкоски, па поита овој пораз на европските вредности да го воспева како своја победа. Ништо ново од партијата што правеше сè за да го блокира напредокот во интеграцијата, партијата чиј претседател не смогна сили ниту да го честита членството во НАТО.
Се потврди дека сè што излегува од устата на Мицкоски е ноторна лага и ова е уште еден негов пораз. Затоа, Мицкоски, те повикуам да излезеш и да им се извиниш на граѓаните за сите твои лаги, клевети, хистерии, со кои работеше против својата татковина, против својот народ. Излези и извини му се на македонскиот народ! Излези и извини им се на сите наши граѓани!
Остануваш, Мицкоски, уште долго во опозиција, ние продолжуваме да работиме за граѓаните, за државата. Ние сме свои на своето. Македонци кои зборуваат македонски јазик. Нашата македонска иднина е европска. Станавме земја членка на НАТО како Македонци, кои зборуваат македонски јазик, ќе станеме земја членка на ЕУ како Македонци што зборуваат македонски јазик“, порача Костадинов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ реагира: Ако СДСМ не ја краделе државата, минималната плата денес ќе беше и повисока
Предлог-законот на СДСМ за минимална плата од 600 евра е доказ дека доколку не ја краделе државата додека биле на власт, работниците денес ќе имале и повисока минимална плата, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата наведуваат дека СДСМ денес поднеле предлог-закон со кој се предвидува минимална плата од 600 евра и дека во истиот навеле дека за таа мерка се потребни околу 7,5 милијарди денари, односно околу 110 милиони евра, но не објасниле од каде би се обезбедиле тие средства.
Според ВМРО-ДПМНЕ, добрата страна на предлог-законот е што, како што велат, покажува дека СДС имале можност во минатото да ја зголемат минималната плата и до 600 евра, но тоа не го направиле.
Во реакцијата се наведува и дека доколку не била дозволена злоупотреба на околу 170 милиони евра државни пари за набавка на, како што велат, канцероген мазут со кој бил загадуван воздухот, работниците денес можеле да имаат и повисока минимална плата, можеби и од 700 евра.
Од ВМРО-ДПМНЕ дополнуваат дека СДСМ и ДУИ, според нив, наместо да работат во интерес на граѓаните, гледале како да ја ограбат државата и да си ги наполнат сопствените џебови.
Македонија
Променливо облачно со повремен дожд: снег на планините и заладување во недела
Утре времето ќе биде променливо облачно, со слаб повремен локален дожд, а на планините и на повисоките места со слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималните температури ќе се движат од 0 до 6 степени, а максималните од 7 до 11 степени.
Во Скопје ќе преовладува променливо облачно време со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 5 степени, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Во наредните денови продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Пообилни врнежи се очекуваат во недела, кога дождот ќе преминува во снег и во дел од пониските места.
Македонија
Јаневска: Македонија доби 8,2 милиони евра од ЕУ за спроведување на ЕРАЗМУС програмата во 2026 година
За спроведување на ЕРАЗМУС + програмата на Европската комисија наменета за образование, обука, млади и спорт, Македонија годинава доби најголем буџет откако во истата учествува како програмска земја. Со речиси 8,2 милиони евра ќе се финансираат заеднички проекти на македонските образовни установи, институции и граѓански организации со партнери од земјите во ЕУ, како и кратки истражувачки и студиски посети.
Можностите за вмрежување, приоритетните области, постапката за изработка и роковите за аплицирање со проекти денес беа претставени на конференција на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во присуство на ректори на јавните и приватните високообразовни установи во државава, претставници на училишта, граѓански здруженија и други потенцијални корисници на средства во рамки на ЕРАЗМУС програмата, се обратија претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука Весна Јаневска и директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Ана Михајлов.
На конференцијата беше посочено дека во фокусот на програмата се младите, односно јакнење на нивното знаење и вештини во границите на ЕУ, со кои потоа ќе придонесат за развој на сопствената држава.
Министерката Јаневска смета дека и оваа година ќе има ефикасна искористеност на можностите, затоа што државата има зајакната законска основа во која задолжителни компоненти се мобилноста, европската димензија и меѓународната соработка, зајакнати се и капацитетите на Националната агенција каде има ново раководство и добра внатрешна структура, а воедно и МОН како национален авторитет ги засилува механизмите за контрола на целиот процес за спроведување на програмата ЕРАЗМУС.
Таа ги повика заинтересираните кандидати да ги разгледаат можностите и со свои проекти да аплицираат на повиците за распределба на средства, што Националната агенција ќе ги објави на 19 февруари, односно на 5 март.
Македонија е дел од ЕРАЗМУС програмата уште од нејзиното воведување од страна на Европската комисија во 2014 година, кога буџетот изнесуваше 3,5 милиони евра.

