Македонија
(Видео) Костовски: Да не дозволиме ситни интереси на поединци скапо да ја чинат земјата и да влеземе во нова изолација
Ги повикуваме сите пратеници на одговорност да се вклучат во дискусијата во Собранието и да ги поддржат уставните измени, истакна на денешната прес-конференција Мартин Костовски, пратеник на СДСМ.
Според него, сите 120 пратеници, како претставници на народот и избрани од народот, имаат обврска на прво место да ги стават граѓаните, да ги стават државните, националните и стратешките интереси.
„Имаме неповторлива шанса да го продолжиме европскиот пат и да оствариме уште една стратешка цел: членство во ЕУ до 2030 година. Со признаен и потврден македонски јазик во ЕУ и македонски идентитет. Да бидеме рамо до рамо на големата маса, рамо до рамо со државотворните европски народи. Граѓаните сакаат и заслужуваат да бидат европски граѓани, да имаат европски квалитет на живот и европски животен стандард, во европска држава, а тоа да биде нивната родна земја. Предлогот за измена и дополнување на Уставот е доставен до македонското Собрание. Се однесува на додавање делови од народи во нашиот Устав, во преамбулата и во само два члена, 49 и 78“, соопшти тој.
Појаснува дека се додаваат деловите од бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и од египќанскиот народ.
„Целата македонска јавност, сите граѓани, може да се уверат дека станува збор за измени што само го унапредуваат македонскиот Устав и го зајакнуваат македонскиот идентитет. Прво, затоа што ги унапредува основните права на деловите од народи што живеат во нашата земјата и, второ, ја истакнува посебноста на македонскиот народ. Еднаш засекогаш да ставиме крај на тезата: еден народ – две држави. Затоа, да се обединиме за иднината на земјата со глас за Европа во македонското Собрание“, вели Костовски.
Потенцира дека не треба да се дозволи ситни интереси на поединци и политички кариери скапо да ја чинат земјата и да влезе во нова изолација, која ќе трае со години.
„Да не дозволиме самите од внатре да се блокираме на патот кон и ЕУ и нови загубени 10, 15 или 20 години додека регионот напредува. Без уставни измени, нема членство во ЕУ. Сите пратеници што навистина се за членство во ЕУ – ова е шансата на дело да ја докажат. Без изговори, без калкулации. Глас за Европа е глас за подобра македонска иднина“, дополнува пратеникот од СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одронот е исчистен, сообраќајот на автопатот Скопје – Велес се одвива нормално
Во 20:38 часот на патниот правец Скопје-Велес, тунел Бадар, одронот е исчистен и сообраќајот се одвива нормално, информира АМСМ.
Претходно, од таму информираа дека сообраќајот се одвива по една лента поради одрон во тунелот.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Одлуката за домашен притвор на Груби е на обвинителството со 2 отсто доверба
Правда мора да има и таа мора да биде неселективна и конечна. Одлуката за домашен притвор е на обвинителството. Истото она со 2 посто доверба и за кое СДС се бореше да биде несменето до последниот здив. Сите забелешки може да ги испратат до таа адреса, и до омилените на Венко обвинители, велат од ВМРО-ДПМНЕ, по одлуката на скопското обвинителството да побара замена на мерката притвор со куќен притвор за Артан Груби.
„СДС треба да се договори со себе бидејќи се исклучително недоследни. Изутрина тврдат дека ДУИ одработува за ВМРО-ДПМНЕ, а сега дека е обратно. А всушност СДС се вистински во паника затоа што нивниот криминоген другар Артан Груби може да проговори за сите ортачки криминали на владите на Зоран и Вице, на Венко и Ковачевски, за бизнисите на Зечевиќ. Зошто врхушката на СДС денес заседаваше и “вртеше” телефони интересирајќи се за исказот на Артан Груби во обвинителство. Ова е и причината зошто СДС во случајот со Груби се однесува по логиката иста на онаа: “лопов вели држете го лоповот”. Црната кутија за криминалите на СДС и ДУИ падна. Прашање на време е кога “исплашените” од СДС ќе му прават на судските клупи друштво на Артан Груби“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Куќниот притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, велат од СДСМ
Одредувањето куќен притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, сметаат од СДСМ. Според партијата, затоа судството и обвинителството се ставени под директна контрола на Мицкоски и ВМРО-ОКГ.
„Дилот ВМРО–ДУИ се спроведува пред очите на јавноста. Прво со договореното враќање и режираното снимање на граничниот премин. Не работеа камерите кога Груби си замина преку граница, слободно, со пасош, иако бил на стоп-листата. Но, за договореното враќање на Груби камери има на секој чекор – од граница, пречек, па сè до Обвинителството и Судот. Потоа следуваше веќе подготвената кампања по медиумите под контрола на Орбан, а сега и одлуките за куќен притвор. Ако некој еднаш избегал од државата, зошто му се одредува куќен притвор?“, прашуваат од СДСМ.
Од таму велат дека ништо не е случајно и останува само да видиме која е цената.
„Пеш преминал преку граница и побегнал. А бил на стоп-листа. Сега, после 14 месеци бегство – се враќа и му се одредува куќен притвор. На кого уште не му е јасно ова сценарио? Ништо не е случајно. Ова е дел од договорот меѓу ДУИ и ВМРО-ОКГ. Останува само да видиме која е цената“, велат од СДСМ.

