Македонија
(Видео) Костовски и оваа изборна кампања ветува поликлиника во Бутел: За два месеца, ќе почне да се гради, за 18 месеци ќе да биде завршена
За два месеца, ќе биде поставен камен-темелник за нова поликлиника во Бутел, а ќе биде изградена за 18 месеци, најавија денес градоначалникот на општина Бутел, Дарко Костовски, и министерот за здравство, Азир Алиу. Поликлиниката ќе се гради на местото на амбулантата до општинската зграда, која минатата власт ја смести во пластични контејнери. Градоначалникот Костовски денешната прес-конференција рече дека има историски контекст оти се материјализира она што е најбарано од жителите на Бутел и околината.
„Станува збор за модерна поликлиника. Ќе се простира на приближно 1.500 квадратни метри и граѓаните на општина Бутел ќе бидат опслужени и во однос на примарното и во однос на секундарното здравство. Тендерската постапка очекуваме да трае околу еден месец. Кога ќе заврши тендерската постапка, кога ќе биде избрана фирмата, веднаш ќе бидат удрени темелите. Тоа очекувам да биде не повеќе од два месеца од сега. Во условите за градба предвидено е градењето да трае 18 месеци, сигурен сум дека ќе стигне во тој рок. Бидејќи ќе се гради на местото на старата амбуланта, модуларната, која е веднаш до Општина Бутел, матичните лекари, кои во моментот работат таму, ќе бидат дислоцирани во зградата на поранешниот дом ‘25 Мај’ во соодветни квалитетни услови. Таа зграда има свој паркинг и е во срцето на општина Бутел, ќе биде пристапно за сите граѓани“, рече градоначалникот Костовски.
Иако тендерот го најавува на почеток на изборната кампања, Костовски уверува дека нема законски пречки да се распише оти поликлиниката е предвидена во програмата за работа многу време пред изборите.
За изградба на поликлиниката се обезбедени 117 милиони денари, од кои 90 отсто се од Министерството за здравство, а 10 отсто од Општина Бутел, која го предвиде новиот објект во детаљниот урбанистички план и обезбеди проектна документација за него.
Министерот за здравство Азир Алиу вели дека поликлинката во Бутел е пример за соработка на централата со локалната власт и најави дека за поликлиниката и покрај јасниот недостиг на кадар во јавните здравствени установи, тој ќе обезбеди доволно лекари и медицински сестри, кои ќе даваат услуги и од примарното и од секундарното здравство во оваа установа, а за тоа ќе извести на посебна прес-конференција.
Поликлиника во Бутел на местото на амбулантата се ветува на секои избори последниве триесет години. Таа беше предизборно ветување на сегашниот градоначалник Костовски и на минатите избори кога уверуваше дека ако стане градоначалник, додека се изгради нов објект на местото на пластичните контејнери, во кои е сместена амбулантата, тој ќе им ја отстапи општинската зграда. Тоа не го направи, но денес рече дека интензивно работеле на проектот со тоа што лани во февруари едногласно во Советот го изгласале урбанистичкиот план, обезбедиле проект и успеале да договорат соработка со централната власт за да може тој да се реализира.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Безбеден град денес регистрираше 500 казни
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вечерва преку објава на социјалната мрежа Фејсбук им порача на граѓаните дека треба да бидат горди на себе.
-Први февруари 2026 година, околу 20 часот. Има драстично намалување на бројката на сообраќајни прекршоци споредено со пред 2 месеци кога почнавме со тест периодот. Имаме околу 500 сообраќајни прекршоци констатирани од страна на паметните камери и сакам да укажам огромна благодарност до македонските граѓани и совесните учесници во рамки на сообраќајот зашто вие сте тие кои овозможивте драстично да се намали бројката за период од околу 2 месеци од 120 илјади прекршоци на 500, порача министерот.
Македонија
Сообраќајниот хаос во центарот ќе се намали за најмалку 30 отсто
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска официјално го означи почетокот на градежните активности на булеварот Македонија, проект за кој, како што рече, со години се зборувало, но без конкретна реализација.
Ѓорѓиевски истакна дека стартува првата фаза, која треба значително да придонесе за растоварување на сообраќајот во централното градско подрачје, со проекција за намалување на сообраќајниот метеж за најмалку 30 проценти. Првата фаза, според најавите, ќе се реализира во рок од 90 дена.
Тој најави дека веќе наредната недела ќе започне тендерската постапка за втората фаза, која ќе опфати изградба на два нови кружни текови и влез во подземна сообраќајница. Целта, како што рече, е да не се губи време и втората фаза да започне веднаш по завршувањето на првата.
Во рамки на првата фаза се предвидува проширување на дел од постојните сообраќајници, уредување на просторот, изградба на нова атмосферска канализација и поставување на 60 нови шахти, со што ќе се решава и проблемот со атмосферските води во овој дел од градот. Проектот вклучува и проширување на улицата „Пролет“, нов приклучок и крак кон булеварот „Борис Трајковски“, како и проширување и нов крак кон улицата „11 Октомври“.
Ѓорѓиевски изрази уверување дека по истекот на 90 дена ќе биде пресечена лентата за завршување на првата фаза и нагласи дека до крајот на неговиот мандат ќе вложи максимални напори, заедно со својот тим, целата сообраќајница со должина од околу два километри целосно да биде завршена. Проектот, според него, претставува еден од најзначајните за главниот град и дел од ветувањата дадени пред граѓаните.
На крајот, градоначалникот со симболична забелешка посочи дека речиси секој значаен проект што го започнуваат заедно со претседателот на Владата е проследен со дожд, што, како што рече, го доживува како добар знак и бериќет за брза и успешна реализација на градежните активности.
Македонија
СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се скараа за дрогата која била набавена во Македонија
Опозициската СДСМ денеска со остро соопштение реагираше по заплената на околу пет тони дрога во Србија, наведувајќи дека наркотиците пристигнале преку Македонија и дека станува збор за, како што велат, „картелски скандал од огромни размери“.
Од СДСМ посочуваат дека меѓу уапсените лица има и косопственик на македонска фирма, што, според нив, отвора сериозни прашања за одговорноста на институциите и можната вмешаност на државни структури.
„Како е можно пет тони дрога да поминат преку македонската граница, а Владата да молчи? Без поддршка или затворање очи од структури во власта и институциите, ваков шверц е невозможен“, наведуваат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија:
СДСM прашуваат како поминала дрогата? Одговорите на овие прашања нека ги постават кај познатиот сопственик на фабрика за марихуана Зоран Заев, независно дали се наоѓа во Струмица или на трошење на пари во сигурниот Дубаи. Директен линк со него има Венко Филипче.

