Македонија
(Видео) Костовски: Мицкоски, Лефков и ВМРО-ДПМНЕ да се извинат за лагите кои ги фабрикуваа за Ковачевски
Со денови ВМРО-ДПМНЕ ја лажеше јавноста и фабрикуваше лаги против претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски. Секој ден од Белиот дворец се пласираа најдолни лаги, изјави на денешната прес-конференција Мартин Костовски, пратеник на СДСМ.
Тие лаги, како што рече, се демантирани и од Државната комисија за спречување на корупцијата која соопшти дека нема никаков основ и затоа нема да има никаква постапка.
„Со ова се потврдува дека измислените афери на ВМРО-ДПМНЕ се единствено со цел да се дефокусира јавноста од криминалниот тендер од 136 милиони евра во Град Скопје, за кој функционерите на ВМРО-ДПМНЕ меѓусебно се обвинуваа за вмешаност. Денес, откако и потона и последната нивна лага, Мицкоски, Лефков, и ВМРО-ДПМНЕ треба да му се извинат на претседателот Ковачевски, а потоа и на јавноста која со денови ја лажеа и манипулираа“, истакна Костовски.
Оценува дека ништо не се менува во ВМРО-ДПМНЕ предводена од Христијан Мицкоски, тоа, според Костовски е криминална партија која своето дејствување го базира на лажни вести и фабрикувани дезинформации затоа што нема никаква понуда за граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Проштална средба на Гаши со американската амбасадорка Агелер
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Ангела Агелер.
На средбата, претседателот Гаши изрази благодарност за нејзината лична посветеност, професионален пристап и поддршка на демократските процеси во државата. Посебно беше нагласена нејзината улога во јакнењето на институционалната соработка, градењето доверба и унапредувањето на дијалогот со Собранието.
Претседателот Гаши упати благодарност и до Амбасадата на САД за континуираната и силна поддршка на Република Северна Македонија во зајакнувањето на демократските институции, владеењето на правото, стабилноста и евроатлантската ориентација на земјата. Во тој контекст, беше нагласена и благодарноста до Соединетите Американски Држави како стратешки партнер и сојузник.
Претседателот Гаши нагласи дека придонесот на амбасадорката Агелер и на САД оставил видлива и позитивна трага во развојот на демократските и современите процеси во државата. Тој, исто така, изрази уверување дека пријателските односи и соработката ќе продолжат и во иднина.
Македонија
Утре без вода дел од Центар
Утре без вода ќе останат дел од корисниците од Општина Центар.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 14.01.2026 година ( среда ) поради поврзување на водоводна и хидрантска мрежа за стариот објект на Комерцијална Банка на плоштад Пресвета Богородица бр. 3 од страна на фирмата Бауер БГ, во периодот од 08.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат објектите на МНТ, Музичкото Училиште, Министерството за Транспорт и Врски, како и Управата за издавање на матични книги“, информира РЦУК – Скопје.
Македонија
Отворена нова подрачна канцеларија на Агенцијата за катастар во Општина Ново Село
Агенцијата за катастар на недвижности отвори нова подрачна канцеларија во Општина Ново Село.
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, денес заедно со градоначалникот на Општина Ново Село официјално ја отворија новата подрачна канцеларија на Агенцијата.
Со отворањето на оваа канцеларија, повеќе од 10.000 жители на Општина Ново Село и околните населени места од денес ќе можат побрзо и поедноставно да ги остварат своите катастарски права и обврски, без потреба од патување до Струмица.
Директорот на Агенцијата, Иван Живковски, при посетата на новата канцеларија истакна дека ова е дел од поширокиот процес на реорганизација и системско приближување на институцијата до граѓаните, со цел обезбедување подостапни, поефикасни и поквалитетни услуги.

