Македонија
(Видео) Костовски: Надвор од умот е да се собираат политички поени за случајот „Монструм“
Правда за жртвите кај Смилковското Езеро побараа и дел од членовите на ВМРО-ДПМНЕ присутни на протестот пред кривичниот суд, од каде порачаа дека дошле по сопствена волја. Кандидатот за градоначалник на Бутел од ВМРО-ДПМНЕ, Дарко Костовски, вели дека протестот не бил партиски организиран.
-Протестот не е партиски, јас сум од Бутел, ги познавам дел од семејствата на момчињата. Ова е грозоморен чин осуден од општеството, а и судот си ја заврши работата, но поради одредни политики, случајот се врати каде што е сега. Мислам дека некој свесно сака да ја сокрие правдата. Јас зборувам во лично име, ни на крајот од паметот не ми е да мешам политика кога се работи за ваков чин, говорам како човек, мојот став е познат од минатото… Јас лично би осудил кој било што сака да прави политчки поени за овој случај, тоа е надвор од умот, рече Костовски.
Дел од граѓаните на протестот носеа транспаренти на кои пишуваше „Спиеш ли мирно Заев“, „Ги сонуваш ли ти жртвите од Смилковското Езеро“ и порачаа судот да ги казни убијците.
На протестот не беа присутни родителите на жртвите кај Смилковското Езеро. Тие на последното рочиште го обвинија премиерот Заев дека крие дел од разговорите за овој случај кои укажуваат на вмешаност на функционери на ДУИ. Заев, пак, повтори дека сите разговори од прислушуваните материјали се предадени на СЈО, а како сведок за случајот би се појавил ако судот го побара тоа од него.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Правосудството со 2 отсто доверба бара двојно повисоки плати
Во соопштение до јавноста, владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ оцени дека наместо да работи на ефикасност и подобрување на довербата кај граѓаните, која изнесува само 2 отсто, правосудниот систем дополнително ја нарушува својата слика со барање за двојно зголемување на платите.
„Не треба да заборавиме дека македонските правосудни органи се едни од најплатените во регионот и Европа, со 2,3 до 3,2 просечни плати, односно нешто над 100.000 денари па се до над 144.000 денари или од 1700 евра до 2360 евра. Претседател на суд, пак, во Македонија зема околу 180.000 денари или 3000 евра, а за ефикасност и да не зборуваме, далеку под сите европски просеци“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како аргумент, ВМРО-ДПМНЕ наведува примери од други држави: Србија: судиите земаат околу 120.000 денари, доверба 20%, Хрватска: платите се околу 3350 евра, доверба 20%, Словенија: платите се од 1738 до над 4000 евра, доверба 41%, Германија: судиите земаат околу 3300 евра, доверба 58%.
Според соопштението, доколку бидат прифатени сегашните барања, судија би земал околу 160.000 денари, а претседател на суд 360.000 денари – што е еквивалент на осум просечни плати и повисоко од примањата на нивните колеги во Европа со многу поголема ефикасност и доверба.
Во заклучокот, ВМРО-ДПМНЕ повикува на разумност и наведува дека е време правосудните органи да се фокусираат на работа и резултати што ќе ги почувствуваат граѓаните.
Македонија
Променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд
Времето денес ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд.
Наместа врнежите ќе бидат пообилни (над 30 l/m² за 24 часа) со услови за појава на невреме со грмежи и силен ветер. Преку денот ќе дува умерен, повремено засилен ветер од јужен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 13 до 19 степени, јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно, со повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен, повремено засилен јужен ветер. Максималната температура ќе достигне до 18 степени.
Македонија
Дел од улицата Партение Зографски денес без струја
ЕВН Македонија извести дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од ул.Партение Зографски од раскрсницата со ул.Рилски Конгрес до Бул. Тодор Александров ( општина Центар )

