Македонија
(Видео) Костовски: Најновиот скандал со тендерските шеми на ДПМНЕ е изградбата на пазарот во Неготино
Најновиот скандал со тендерските шеми на ДПМНЕ и изградбата на пазарот во Неготино открива алармантни сомнежи за расипничко и криминално трошење на народните пари. Денеска објавуваме конкретни факти – со вредности, цени, договори и јасна математика, изјави Мартин Костовски – организациски секретар на СДСМ.
„Ви ги претставуваме пресметките што покажуваат како ДПМНЕ прави бизнис на грбот на граѓаните на Неготино. Одиме по ред. Ова е Договорот за пазарот во Неготино, класифициран како „урбана опрема“, склучен со една од омилените фирми на ДПМНЕ – МАСТЕФ ДООЕЛ, во вредност од околу 420.000 евра. На страна 8 од Договорот, во делот за кровопокривачки работи, стои невидена цифра: за набавка и изведба на 1 м² кровен сендвич панел е наплатено 10.000 денари. 10.000 денари за квадрат панел платиле неготинчани?! Да не е златен? Да не го набавија од Белизе?“, праша Костовски.
Во реалноста, додаде тој, на пазарот, во било кој склад во малопродажба цената на 1 м² сендвич панел со дебелина од 5 см, со највисок квалитет, се движи околу 1.000 денари.
„Да ја додадеме и работна рака – уште 1.000 денари. Вкупна цена се доаѓа до 2.000 денари за метар квадратен. Што значи тоа? Разликата до 10.000 денари е 8.000 денари по м², или 130 евра повеќе – за секој квадрат. За вкупно 440 м², тоа се 60.000 евра разлика – само за покривот. Во чии џебови завршиле? Ова не е тендер – ова е грабеж.Цените се тука, бројките се јасни, математиката е немилосрдна“, рече Костовски.
Истакна дека општините на ДПМНЕ вртат тендери со цени што се пет пати повисоки од реалните и рече дека СДСМ бара итна истрага.
„Го повикуваме Јавното обвинителство и Државната комисија за спречување на корупцијата веднаш да постапат. Граѓаните заслужуваат одговорност, а не криминални договори“, рече Костовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК: Излезноста до 15 часот изнесува 18,18 отсто
Државната изборна комисија соопшти дека до 15:00 часот, на повторените избори за градоначалник во општините Врапчиште, Гостивар, Центар Жупа и Маврово и Ростуше, гласале вкупно 23.298 гласачи, што претставува 18,18 отсто од вкупно запишаните 128.286 гласачи.
По општини:
– Врапчиште – 21,01%
– Гостивар – 17,85%
– Центар Жупа – 10,99%
– Маврово и Ростуше – 18,60%
Гласањето се спроведува на 215 избирачки места.
Македонија
(Видео) МВР: Гласањето се одвива мирно, без нарушувања на јавниот ред и мир
Локалните избори кои се одржуваат во дел од општините на подрачје на СВР Тетово, односно ОВР Гостивар и СВР Охрид се одвиваат во мирна, фер и демократска атмосфера, информира Министерството за внатрешни работи.
„МВР презема мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес. До сега не се регистрирани инциденти или било какви нарушувања на јавниот ред и мир. МВР апелира до сите граѓани и до политичките партии, да придонесат за мирна и демократска атмосфера. Доколку има било какво нарушување на изборниот процес граѓаните да пријават во најблиската полициска станица или на телефонските броеви 192 или 112“, се наведува во објавата на ФБ.
Македонија
(Видео) ДИК: До 13 часот излезноста е 8,90 отсто, едно избирачко место воопшто не е отворено
До 13:00 часот на повторените локални избори гласале 11.217 лица или 8,90 отсто, соопшти Државната изборна комисија.
По општини:
– Врапчиште – 9,58 %
– Гостивар – 8,74 %
– Маврово – Ростуше – 10,03 %
– Центар Жупа – 6,61 %
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, кажа дека гласањето на сите избирачки места се одвива непречено, освен на избирачкото место 0782 во Ќафа кое се уште не е отворено.

