Македонија
(Видео) Костовски: Чесно и одговорно, со многу труд и работа, може да дојдат промените
„Ми велеа дека е невозможно да се поместат работите што ја влечат општина Бутел надолу во уште подлабоки проблеми. Но, оваа година што измина покажавме дека има надеж и дека чесно и одговорно, со многу труд и работа, може да дојдат промените“, изјави во своето обраќање градоначалникот на општина Бутел, Дарко Костовски, во кампањата „Промените на дело“, во организација на ВМРО-ДПМНЕ.
Костовски додаде дека Општина Бутел донесе буџет дизајниран според реални потреби на граѓаните со многу решенија за годината во која се влегува со многу ентузијазам и големи планови.
„Добро е да се знае дека секое населено место во општина Бутел ќе добие модерни, урбани спортско-рекреативни центри. Томче предложи и тој проект го прифативме за реконструкција на уличното и поставување на ново ЛЕД-осветление во општина Бутел. Но, заедно оваа година ќе продолжиме со инвестиции во образованието, нови паркови и зелени површини“, нагласи градоначалникот на општина Бутел.
Тој посочи дека ќе има инвестиции во спортот и спортската инфраструктура. Ќе се асфалтираат над 30 улици, ќе се изградат нови водоводи и канализации.
„Покажавме дека промените вредат и тие се реалност. За општина Бутел каква што секој од вас заслужува“, укажа Костовски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, нагласи дека изминатата година Општина Бутел инвестира повеќе од 70 милиони денари за развој и тоа во време во една од најтешките кризи.
„Покажуваме на дело дека ги менуваме работите, покажуваме разлика, која граѓаните ја сакаат, и дека нивниот глас вистински вреди затоа што работиме според нивните барања и потреби. Изминатата година Општина Бутел инвестира повеќе од 70 милиони денари за развој и тоа во време во една од најтешките кризи, во време на целосно кочење и опструкција на централната власт“, рече Мицкоски.
Тој нагласи дека оваа година ќе се инвестираат рекордни 120 милиони денари за развој на општина Бутел.
„Конечно, општината ќе добие ново речно корито на река Серав, со нова трим-патека и партерно уредување. Колку Владата повеќе работи против својот народ и ги казнува општините, толку ние имаме поголем мотив да сработиме за граѓаните. Следува година на промени и година на нови проекти и победи. Затоа што нашата борба е да решиме што повеќе проблеми и создаваме иднина, промените на дело“, истакна Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Здружението на судии загрижено за изјавите за Управниот суд: со нив се врши притисок врз судиите и судиското одлучуваљње
Здружението на судии во врска со реакцијата на Управниот суд на РСМ, ја искажува својата загриженост за изјавите на поединци со кои, како што се истакнува во соопштението, директно или индиректно се врши притисок врз судиите и судиското постапување и одлучување.
Како што велат, припадноста кон одредена политичка партија и можноста за идно владеење односно учество во извршната власт, не смее да се користи за коментирање, заканување или влијание врз судиското одлучување.
Оценуваат дека таквите изјави се штетни пред се за политичките субјекти кои ги пласираат во јавноста, а истовремено може да се разберат и како обид да се поткопа непристрасноста и интегритетот на судиите.
„Во однос на неоснованите обвинувања кои беа упатени на адреса на Претседателот на Управниот суд на РСМ, како Здружение на судии даваме целосна поддршка на колегите од именуваниот суд и напоменуваме дека секој избран судија е независен во своето одлучување и таа независност му е Уставно загарантирана. Па во тој правец и при најмал сомнеж за евентуален обид за притисок или влијание врз неговата работа, без разлика од кого доаѓа, е должен да ги извести надлежните судиски инстанци. Воедно, сите останати општествени чинители, а особено претставниците на политичките партии се должни да ја почитуваат загарантираната судиска независност што е во духот и на демократскиот развој и Европскиот просперитет на земјата“, потенцираат од ова здружение.
Македонија
Одбиена тужбата на „Европскиот фронт“ за избирачкото место во Долнени
Управниот суд ја одби како неоснована тужбата од Коалицијата „Европски фронт“ на решението на Државната изборна комисија (ДИК) за прифаќање на приговорот од Коалицијата „Твоја Македонија” за избирачкото место 1470 во Долнени на Парламентарните избори 2024.
„Европскиот фронт“ поднесе седум тужби против решенија на ДИК на Парламентарните избори 2024.
Досега Управниот суд ja одби како неоснована и тужбата за избирачкото место 1194, во Општина Крушево.
Македонија
Мицотакис со предупредување: Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат Договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис уште еднаш ја предупредува Македонија дека прекршувањето на Договорот од Преспа, со кој се реши долгогодишниот спор за името меѓу двата соседа, ќе ги загрози амбициите на балканската земја за членство во ЕУ, пишува грчки „Катимерини“
Говорејќи од градот Верија во северна Грција за време на неговата кампања пред изборите за Европскиот парламент во јуни, Мицотакис изјави дека трите меморандуми за разбирање поврзани со договорот од 2018 година нема да бидат ратификувани од Парламентот се додека новото раководство во Скопје продолжи со прекршување на договорот.
„Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен, а меморандумите нема да бидат ратификувани освен ако не се почитува она што го предвидува договорот“, рече тој.