Македонија
(Видео) Коцевски: Дали Македонски телеком во 2021 година му продава мерцедес на Назим Буши?
МВР на Спасовски продолжува со молкот за дивеењето во Скопје со приватно возило со флешери, кое според нашите сознанија било управувано од Ќерим Буши, син на заменик министерот во МВР, Назим Буши. Како што веќе рековме ќе продолжиме да објавуваме детали. Уште еднаш прашуваме дали регистарските ознаки СК 0202 АП кои биле официјални таблички на мерцедесот со флешери сега постојат, избави на денешната прес-конференција Зоран Коцевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој постави прашање до Македонски телеком дали им се познати регистарските таблички СК 0202 АП, и дали тие биле таблиците на црниот мерцедес 350 компакт кој тие го купиле во 2017-та година, како службено за Назим Буши?
Додаде дека Македонски телеком треба да одговори дотолку повеќе што во бордот на директори седат луѓе назначени од владата како Зоран Китанов, Нина Ангеловска и Дардишта.
Мерцедесот на синот на Буши е купен од телеком, а потоа даден на Буши.
Коцевски прашува дали Назим Буши истото возило го дава на битолската фирма во сопственост на негови роднини, во чија сопственост било возилото на денот на инцидентот?
Кого штити овде Спасовски? Одговорот на овие прашања им е познат на МВР. Зошто досега не е постапено? И дали целиот случај треба да заврши со казна за заменикот началник на СВР Скопје кој интервенирал за возилото да биде пуштено?
Дали Оливер Спасовски молчи и не смее да одговори на овие прашања, затоа што се плаши да не ја наруши коалицијата СДС – ДУИ?
Се држи ли МВР заложник за функционирањето на криминалната влада?
Наместо заташкување на случајот со казна на полициски службеници, веднаш оставки од Назим Буши и Оливер Спасовски,изјави Коцевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски: Верувам дека нема да зборувам за 61 пратеник, туку за 62 пратеници
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и иден мандатар Христијан Мицкоски денеска најави водење принципиелна политика со соседите. Како идна Влада, како што рече, на денешното одбележување на годишнината од Разловечкото востание, коалицијата „Твоја Македонија“ ќе се залага за принципот „своето не го даваме, туѓото не го сакаме“, потенцирајки дека нема да се прават избрзани чекори, кои можат „многу“ да ја чинат државата.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски изјави дека по прегласувањето на неколку избирачки места во Изборната единица 5 што ќе се одржи во среда, ќе може да каже дека имаат не 61 пратеник, туку 62 пратеници.
„Фокусирајќи се на народот, имаме историска можност како никогаш досега, во овие повеќе од три децении. Треба да ја довршиме задачата, на 22 мај ќе има прегласување во Изборната единица 5, очекуваме уште еден пратеник таму и веќе на следното мое обраќање верувам дека нема да зборувам за 61 пратеник, туку за 62 пратеници“, рече Мицкоски во изјава дадена во делчевското село Разловци, на одбележувањето на Разловечкото востание.
Мицкоски посочи дека е подобро да се придвижуваме за милиметар, но тој чекор да биде цврст.
„Вие сте свесни дека дека против природата не можеме, како народ сме од најмалубројните народи во Европа. Организацијата која што има често и привилегијата да ги брани интересите на еден од најмалобројните народи во Европа – македонскиот народ, треба да е мудра. Не треба да правиме избрзани чекори кои што може да не чинат многу. Подобро да се придвижуваме за милиметар, но тој чекор да биде цврст. Мора да сме трпеливи, мора да сме попаметни, тројно попаметни од сите и помудри, затоа што само така можеме да опстанеме во круг на многу предатори кои што верувајте не сакаат да ја видат Македонија успешна, не сакаат да ја видат Македонија просперитетна, среќна, Македонија полна со граѓани кои што се задоволни. Тоа го видовте уште во првите денови кога ние не бевме се уште разбудени од оној историски резултат на 8 мај, а веќе почнаа страстите да се вжештуваат, но не само наоколу туку и дома“, рече Мицкоски.
Како идна Влада, додаде, победничката коалиција е подготвена сите тие предизвици да ги совлада, како што рече, трпеливо и со паметна политика која како таква политика ќе се води со соседите.
„Ве повикуваме на градење мостови, ги повикуваме сите на заедничка соработка во рамките на овој наш преубав Балкан. Што се однесува до меѓународната политика нема никогаш да не видите како коленичиме, како се вовлекуваме или како се понижуваме самите себе. Имав можност изминативе години да среќавам светски авторитети од Вашингтон преку Брисел и Берлин и останатите светски важни главни градови. Ништо повеќе за мене не е инспиративно отколку овој преубав македонски народ и ова преубава наша македонска држава, така што ќе имаме и кон нив една политика која што ќе се темели на аргументи, бидејќи никогаш не се плашиме да ги вкрстиме нашите аргументи со аргументите на нашите соговорници“, додаде Мицкоски.
Мицкоски отфрли какво било беспотребно иритирање кон соседите, напоменувајќи дека сепак треба да се почитува елементарното човеково право кое е загарантирано.
Македонија
Нестабилно време со дожд и грмежи до среда
По врнежите и невремето по кое во текот на ноќта полавени беа подруми во Охрид, од УХМР најавуваат дека до среда ќе се задржи нестабилно време, претежно во попладневните часови со локален пороен дожд и грмежи.
Во четврток ќе има услови за краткотраен дожд, претежно во планинските подрачја, а преодно стабилизирање на времето се очекува во петок.
Температурите ќе бидат без значителна промена.
Македонија
Делови од Аеродром, Карпош и Ѓорче Петров утре без струја
Без електрична енергија утре ќе останат делови од општините Аеродром, Карпош и Ѓорче Петров.
Како што соопшти РЦУК – Скопје, без струја во периодот од 09:00 до 15:00 часот ќе останат корисниците на дел од село Долно Лисиче, реонот околу чаталот, ул.10 во општина Аеродром, од 10:30 до 14:30 часот дел од улица 16, на патот кон Визбеговово општина Карпош, а од 13:00 до 14:30 часот објектите на градинката Росица, на ул.„Мечкин Камен“, бр.45А. во општина Ѓорче Петров.