Македонија
(Видео) Коциќ: Неоснованата интерпелација за Филипче е кулминација на ВМРО-ДПМНЕ
Од почетокот на пандемијата на коронавирусот од ВМРО-ДПМНЕ гледаме само неодговорно, деструктивно однесување на штета на јавното здравје, на штета на здравствениот систем, вели Ненад Коциќ, пратеник од СДСМ.
Според него, неодговорно дејствување на ВМРО-ДПМНЕ кулминира со конструирани случаи и денешното барање за отповикување на министерот за здравство, Венко Филипче.
„Очигледно е дека Христијан Мицкоски и другите функционери на ВМРО-ДПМНЕ се патолошки опседнати со провизии. Нема друго логично објаснување за нивното упорно ширење лажни вести. Изгледа сè уште живеат заглавени во филмот на нивниот режим кога речиси и да не постоеше јавна набавка во која не постоеше провизија за фамилијата и ВМРО-ДПМНЕ. Токму затоа и во напорите и обидите на Владата и Министерството за здравство да обезбедат вакцини тие задолжително и по автоматизам гледаат провизија“, рече Коциќ.
Додаде дека е срамно, како што рече, да се прават обиди за политичко профитирање преку креирање лажни скандали, кои се поврзани со јавното здравје на сите граѓани, без разлика на етничка, верска и политичка припадност.
„ВМРО-ДПМНЕ создава атмосфера на јавен линч на секој што ќе се обиде да помогне во набавката на вакцините и со тоа намерно ги одвраќа економските оператори да бараат легални канали и да лобираат за земјата побргу да обезбеди доволна количина вакцини за масовна имунизација на населението. Партијата, која е синоним за висока корупција, ВМРО-ДПМНЕ, која во периодот 2006-2016 располагаше со и потроши повеќе од 30 милијарди евра народни пари, нема кредибилитет кого било друг да обвинува за провизија“, вели пратеникот од СДСМ.
Според него, на опозициската ВМРО-ДПМНЕ ѝ пречи високиот степен на доверба на министерот Филипче и целиот здравствен систем, кој, како што потенцира Коциќ, покажале како треба да се справува во една здравствена пандемија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.
Македонија
Сиљановска-Давкова-Грлиќ Радман: потврдена подготвеноста на Хрватска да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Гордан Грлиќ Радман, министер за надворешни и европски работи на Република Хрватска, кој престојува во официјална посета на земјава.
Обајцата го потврдија цврстото македонско-хрватско пријателство коешто двете земји го негуваат повеќе од 3 децении, втемелено на взаемна почит и разбирање и реализирано низ политички дијалог и конструктивна соработка.
Претседателката искажа искрена благодарност за хрватското отворено и континуирано разбирање и поддршка на македонската интеграција, како и на принципиелниот став на Хрватска дека проширувањето на Унијата со Западен Балкан треба да се темели на реални заслуги, без билатерализација и вето.
Министерот Радман ја потврди подготвеноста на неговата држава да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес во рамките на Копенхашките критериуми, потенцирајќи дека македонската држава доби статус на кандидат за членство во ЕУ во март 2005 година, односно неколку месеци пред Хрватска.
Соговорниците очекуваат дека партнерството дополнително ќе се зајакне со Договорот за стратешка соработка со Владата на Република Хрватска, како и со претстојната официјална посета на Претседателката Сиљановска-Давкова на пријателска Хрватска, кон крајот на март.
Македонија
Уапсен тетовец: осомничен за лажни дојави за поставени бомби во образовни институции
Утрово во 09:10 часот во с.Палатица, тетовско, полициски службеници од одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи во координација со полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода М.Р.(18) од село Палатица.
Тој се сомничи дека во повеќе наврати испраќал електронски пораки на повеќе образовни институции во Тетово дека во институциите има поставено експлозивни направи.
Полицијата соопшти дека по преземени мерки и извршени проверки е констатирано дека сите дојави за поставени бомби биле лажни.
Денеска, со сдуска наредба, бил извршен и претрес во неговиот дом во селото, при што биле одземени повеќе електронски уреди.
Лицето било приведено во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случаите, во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

