Македонија
(Видео ) Коциќ: Укинато спојувањето концесии за рудникот „Иловица“
СДСМ како одговорна партија останува на страната на граѓаните и нивните интереси. Владата предводена од СДСМ донесе одлука за укинување на спојувањето на концесиите за рудникот „Иловица“, истакна на прес-конференција Ненад Коциќ, пратеник на СДСМ.
„Со тоа продолжуваме да ги користиме сите механизми за да спречиме отворање рудници во Струмичкото Поле. СДСМ од прв ден беше против и сѐ уште е против отворање рудници за разлика од ДПМНЕ, кои денес лицемерно глумат загриженост, а впрочем токму тие ја дадоа концесијата за рудникот ‘Иловица’, како и други 85 концесии за рудници. Одлуката за доделување концесија за рудник за бакар и злато во Иловица е донесена на 16 јуни 2012 година“, вели тој.
Се повика на документ кој, како што рече, го потврдува тоа.
„На оваа одлука потпишан е Зоран Ставревски како тогашен заменик-претседател на владата, еден од најблиските соработници на бегалецот и почесен претседател на ДПМНЕ, Никола Груевски. Пред доделувањето на концесијата претходеле позитивни мислења од неколку државни органи. Тоа е овој документ, каде што се издвоени позитивни мислења од неколку институции. Миле Јанакиески, тогашен министер за транспорт и врски, Паско Кузман, тогашен директор на Управата за заштита на културното наследство, Љупчо Димовски, тогашен министер за земјоделство, се само дел од тогашните функцинери од ДПМНЕ и коалицијата, кои даваат поддршка за отворање рудник во Иловица. Позитивно мислење даваат и општините Ново Село и Босилово, тогаш раководени од градоначалници и мнозинство во Совет од редовите на ДПМНЕ“, појаснува пратеникот на СДСМ.
За разлика од нив, како што вели, Владата предводена од СДСМ уште од самиот почеток на мандатот презеде чекори во насока на заштита на интересите и барањата на граѓаните и затоа рудниците не се отворени до ден-денеска.
„Во јуни 2019 Владата предводена од СДСМ го задолжува Министерството за економија да достави предлог одлука за едностран раскин на договорот за концесија, а во декември истата година истата Влада на СДСМ носи одлука за едностран раскин на договорот за концесија. Тоа е вистината за концесиите, дозволите и одлуките за рудникот за бакар и злато во Иловица. ДПМНЕ со својата неодговорност, неспособност и алчност ја втурна државата во судски лавиринти, во кои сѐ уште е заглавена“, додава Кочиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски: Опозицијата ја мачи што доаѓа време на одговорност за канабисот
Премиерот, Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница за пратенички прашања, одговарајќи за концесиите за канабис и акцијата која се спроведува, истакна дека истата се спроведува подолг период и правдата ќе си дојде на свое место, а опозицијата ја мачи тоа што доаѓа време за одговорност за сите вклучени лица, па им работи меморијата кој што потпишал или направил, воедно посочи дека факт е дека фирма од која се запленија 30 тони има поврзаност со функционер од СДСМ.
„Оваа влада веќе шест лиценци има одземено, од информациите со кои располагам уште неколку ќе бидат одземени во периодот кој следи, контролите продолжуваат, очекувам голем број на лиценци да бидат одземени. Но, исто така за мене е поважно што е правено изминатите години откако главната економска политика на претходната влада се темелеше на давање на лиценци и одгледување на цвет од канабис и да не ги заборавиме 150 денари претплата за МРТ кои потоа пет пати ги наплатија. Тоа беше главната економска политика на претходната влада и нормално ширење на хистерија кога сега од опозиција ја прават без да понудат било какво решение“, потенцираше премиерот Мицкоски, одговарајќи на прашање од пратеникот Љупчо Пренџов.
Премиерот Мицкоски нагласи дека факт е дека фирмата во којашто се запленија повеќе од 30 тона цвет од канабис има роднинска поврзаност со висок функционер на опозицијата од минатото односно претседател на локална организација во СДСМ во Ново Село и тоа е факт и никој не може да го побие.
„Не еден килограм, не еден тон, туку 30 тони, факт е дека овие испораки завршуваат до луѓе блиски од претходната влада, но тоа не можам јавно да го зборувам бидејќи е дел од истрагата. Тишината нив ги оптеретува, тие се навикнати на парада, камери, лисици, понижувања, омаловажувања, тие не се навикнати на соопштенија за јавност или кратка изјава и тоа ги мачи затоа што конечно доаѓа времето на наплата на она кое што во назад во времето било погрешено. Ги мачи што гледаат дека нема назад, кога гледаат како камионите се полнат со запленет канабис, се одземаат лиценци. Работи меморијата, секој се преиспитува што направил што потпишал, кој документ, што згрешил тоа е цело време потсвест која ќе продолжи да ги јаде. Сега тие се молат да заврши истрагата побргу за да видат кои се тие, дали се тие или не, дали ќе се покрене постапка овде за одземање имунитет можеби, тоа ги мачи“, изјави премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски додаде дека има чувство дека голем дел од нив ќе се изненадат затоа што главната економска политика им се водеше на канабисот и затоа и многу им се тие 18 пратеници кои ги добија.
„Не велам дека имам податоци, но имам чувство дека ќе бидат изненадени за тоа што следува во периодот. А она кое очекувам е правдата да си дојде на свое место и сите одговорни лица да одговараат. Замислете држава во која главната економска политика се темели на канабис, отидоа чекор понапред, сакаа да формираат слободни канабис туристички зони каде ќе биде дозволено користење на марихуана. Овие луѓе и ова им е многу што добија 18 пратеници, после тоа се што направија и тоа им е многу. Не им беше доволно што тони канабис ќе порасне и генерации ќе бидат потенцијални зависници и беа свесни за тоа и решија да направат слободни зони за консумирање на канабис, па спомнуваа Дојран, Охрид и не случајно во тие региони има најмногу плантажи за да нема трошоци за транспорт. На тоа дојде крај и сега следи одговорноста и гарантирам дека одговорност ќе има“, дециден е премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски воедно нагласи дека не случајно акцијата е работена подолг период и не случајно почетокот започна кај нашиот северен сосед и тука има можеби дилема зошто баш таму се појави, а можеби одговорот ќе се најде во новата пи-ар стратешка група која ја води политиката во опозицијата или во хотел Парк во центарот на Скопје.
Македонија
Полицаец кој го обезбедува Собранието возел без да има положено, одземено му е возилото
Полицаец, вработен во Одделението за обезбедување на Собрание, возел без да има положено. Против него е поднесена кривична пријава и одземено му е возилото.
„Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против А.Б., поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“ по член 297-а од Кривичниот законик. Пријавениот А.Б., полициски службеник во Одделението за обезбедување на Собрание на РСМ, Сектор за обезбедување на објекти од државен интерес при Оддел за заштита на определени личности и објекти, на 12.02.2026 на ул.„11 Октомври“ во Скопје управувал негово лично патничко моторно возило „бмв“ без положен возачки испит, односно без возачка дозвола, а по наредба на јавен обвинител возилото е одземено“, соопшти МВР.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди против А.Б. поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност.
Пред една недела, уште еден полицаец беше фатен без возачка дозвола.
Македонија
Герасимовски: Инспекторите се на терен, санкции за сите што немаат одобрение за урбана опрема
Општина Центар ги повикува сите правни субјекти и сопственици на угостителски објекти навремено да ја проверат и подготват целокупната документација за поставената урбана опрема на јавните површини.
Инспекциската служба на Општина Центар, спроведува интензивни теренски контроли за утврдување дали терасите, настрешниците, шанковите, перголите, параваните, застаклените конструкции и другата урбана опрема се поставени со важечко одобрение и согласно издадената документација.
За секоја утврдена неправилност, инспекторите согласно законските надлежности, ќе реагираат со поведување прекршочни постапки и изрекување соодветни санкции.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, во повеќе наврати порача дека нема да има толеранција за бесправно узурпирање на јавниот простор.
„Нашите инспекциски служби се на терен. Соодветни казни ќе има за сите што немаат одобрение за поставување урбана опрема“, рече Герасимовски.

