Македонија
(Видео ) Коциќ: Укинато спојувањето концесии за рудникот „Иловица“
СДСМ како одговорна партија останува на страната на граѓаните и нивните интереси. Владата предводена од СДСМ донесе одлука за укинување на спојувањето на концесиите за рудникот „Иловица“, истакна на прес-конференција Ненад Коциќ, пратеник на СДСМ.
„Со тоа продолжуваме да ги користиме сите механизми за да спречиме отворање рудници во Струмичкото Поле. СДСМ од прв ден беше против и сѐ уште е против отворање рудници за разлика од ДПМНЕ, кои денес лицемерно глумат загриженост, а впрочем токму тие ја дадоа концесијата за рудникот ‘Иловица’, како и други 85 концесии за рудници. Одлуката за доделување концесија за рудник за бакар и злато во Иловица е донесена на 16 јуни 2012 година“, вели тој.
Се повика на документ кој, како што рече, го потврдува тоа.
„На оваа одлука потпишан е Зоран Ставревски како тогашен заменик-претседател на владата, еден од најблиските соработници на бегалецот и почесен претседател на ДПМНЕ, Никола Груевски. Пред доделувањето на концесијата претходеле позитивни мислења од неколку државни органи. Тоа е овој документ, каде што се издвоени позитивни мислења од неколку институции. Миле Јанакиески, тогашен министер за транспорт и врски, Паско Кузман, тогашен директор на Управата за заштита на културното наследство, Љупчо Димовски, тогашен министер за земјоделство, се само дел од тогашните функцинери од ДПМНЕ и коалицијата, кои даваат поддршка за отворање рудник во Иловица. Позитивно мислење даваат и општините Ново Село и Босилово, тогаш раководени од градоначалници и мнозинство во Совет од редовите на ДПМНЕ“, појаснува пратеникот на СДСМ.
За разлика од нив, како што вели, Владата предводена од СДСМ уште од самиот почеток на мандатот презеде чекори во насока на заштита на интересите и барањата на граѓаните и затоа рудниците не се отворени до ден-денеска.
„Во јуни 2019 Владата предводена од СДСМ го задолжува Министерството за економија да достави предлог одлука за едностран раскин на договорот за концесија, а во декември истата година истата Влада на СДСМ носи одлука за едностран раскин на договорот за концесија. Тоа е вистината за концесиите, дозволите и одлуките за рудникот за бакар и злато во Иловица. ДПМНЕ со својата неодговорност, неспособност и алчност ја втурна државата во судски лавиринти, во кои сѐ уште е заглавена“, додава Кочиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Здружението на судии загрижено за изјавите за Управниот суд: со нив се врши притисок врз судиите и судиското одлучуваљње
Здружението на судии во врска со реакцијата на Управниот суд на РСМ, ја искажува својата загриженост за изјавите на поединци со кои, како што се истакнува во соопштението, директно или индиректно се врши притисок врз судиите и судиското постапување и одлучување.
Како што велат, припадноста кон одредена политичка партија и можноста за идно владеење односно учество во извршната власт, не смее да се користи за коментирање, заканување или влијание врз судиското одлучување.
Оценуваат дека таквите изјави се штетни пред се за политичките субјекти кои ги пласираат во јавноста, а истовремено може да се разберат и како обид да се поткопа непристрасноста и интегритетот на судиите.
„Во однос на неоснованите обвинувања кои беа упатени на адреса на Претседателот на Управниот суд на РСМ, како Здружение на судии даваме целосна поддршка на колегите од именуваниот суд и напоменуваме дека секој избран судија е независен во своето одлучување и таа независност му е Уставно загарантирана. Па во тој правец и при најмал сомнеж за евентуален обид за притисок или влијание врз неговата работа, без разлика од кого доаѓа, е должен да ги извести надлежните судиски инстанци. Воедно, сите останати општествени чинители, а особено претставниците на политичките партии се должни да ја почитуваат загарантираната судиска независност што е во духот и на демократскиот развој и Европскиот просперитет на земјата“, потенцираат од ова здружение.
Македонија
Одбиена тужбата на „Европскиот фронт“ за избирачкото место во Долнени
Управниот суд ја одби како неоснована тужбата од Коалицијата „Европски фронт“ на решението на Државната изборна комисија (ДИК) за прифаќање на приговорот од Коалицијата „Твоја Македонија” за избирачкото место 1470 во Долнени на Парламентарните избори 2024.
„Европскиот фронт“ поднесе седум тужби против решенија на ДИК на Парламентарните избори 2024.
Досега Управниот суд ja одби како неоснована и тужбата за избирачкото место 1194, во Општина Крушево.
Македонија
Мицотакис со предупредување: Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат Договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис уште еднаш ја предупредува Македонија дека прекршувањето на Договорот од Преспа, со кој се реши долгогодишниот спор за името меѓу двата соседа, ќе ги загрози амбициите на балканската земја за членство во ЕУ, пишува грчки „Катимерини“
Говорејќи од градот Верија во северна Грција за време на неговата кампања пред изборите за Европскиот парламент во јуни, Мицотакис изјави дека трите меморандуми за разбирање поврзани со договорот од 2018 година нема да бидат ратификувани од Парламентот се додека новото раководство во Скопје продолжи со прекршување на договорот.
„Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен, а меморандумите нема да бидат ратификувани освен ако не се почитува она што го предвидува договорот“, рече тој.