Македонија
(Видео) Кочоска: Во аферата „Еуростандард“ тешка 200 милиони евра делени им се над 20 милиони евра кредити без покритие на струмички компании
Пропаѓањето на Еуростандард банка, вториот ТАТ, е афера тешка речиси 200 милиони евра, колку што и вредеше активата на банката заклучно со 31.12.2018 година, за жал, последниот јавно расположлив ревизорски извештај на банката, изјави Гордана Димитриеска-Кочоска, претседател на Комисијата за материјално финансиско работење на ВМРО-ДПМНЕ.
„Епилогот е 100 илјади блокирани сметки, четириесетина илјади пензионери без своите пензии, измамени штедачи и над 20 милиони евра депозити, кои ќе останат непокриени. Но, воедно, овде се отвора и сомнеж за криминално и коруптивно работење.
Според неа, вистинското прашање во аферата е на кој начин се одобрувани кредитите, кои набргу, како што вели, станувале лоши пласмани и зошто тоа било премолчувано од најмалку три финансиски институции задолжени за контрола на банките.
„Дали е точно дека во аферата за Еуростандард банка тешка 200 милиони евра над 55 милиони евра кредити без покритие им се делени на разни компании, меѓу кои и струмички компании блиски до власта? Јавноста ја интересира кои се тие компании што зеле пари без покритие или со хипотеки со преценета вредност. Сомнежот е дека се делени кредити за недвижности со нереална и натпроценета вредност, со цел да се добијат повеќе пари. Да потсетиме дека Зоран Заев изјави оти знаел за работењето на банката една година, а министерката за финансии заштедата од 250 илјади евра навреме си ја извадила од банката. Ова е коруптивен случај чии пипала одат до највисоките структури на власта“, истакна Кочоска.
На новинарско прашање кој е коментарот на ВМРО-ДПМНЕ по објаснувањето на антикорупциската комисија дека поранешната министерка за финансии, Нина Ангеловска, имала етичка одговорност, но немала кривична одговорност со тоа што си ги повлекла парите, Кочоска вели дека е шокирана.
„Ако Зоран Заев изјави дека пред една година точно знаел дека банката има проблеми и ако точно пред една година, па можеби и повеќе од тоа, бидејќи гувернерката досега не се произнесе во однос на тоа кога и во кој момент адекватноста на капиталот на банката паднал под 8, во согласност со законскиот минимум, тоа значи дека банката требало да биде затворена една година претходно. Во меѓувреме, Нина Ангеловска станува министер за финансии, поминува една година во која банката е под тој законски минимум и министерката полека полека си го намалува својот депозит. И уште, нели, најшокантно, на еден и пол месец пред изборите таа си ги повлекува и последните средства, а притоа да не заборавиме таа е дел од Комитетот за финасиска стабилност. Како може Нина Ангеловска да нема информации и да не знае дека банката последната година имала проблеми. Оттука се поставува прашањето дали таа намерно и полека го вадела својот депозит за да не биде забележливо одеднаш и притоа токму поради такви случаи како Нина Ангеловска, кои требало во последната година да ги повлечат своите депозити, се одолжуваше стечајот на банката и не баш пред изборите, не знам зошто, повторно гувернерката ќе треба да одговори на прашањето, туку по изборите, ние имаме отворање стечај на банката. Антикорупциската, според мене, и не само според мене, туку тоа е и ставот на ВМРО-ДПМНЕ, е само продолжена рака на Зоран Заев. Со оваа одлука што ја донесе, тоа е и ништо повеќе не може да се заклучи за антикорупциската“, порача Кочоска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

