Македонија
(Видео) Коњановски: Битола со над 65 нови проекти во делот на инфраструктурата за 2023 година
Зад нас оставаме година полна со предизвици, во која покажавме дека кога се работи чесно и посветено може да се постигнат високи резултати. Битола успеа да излезе од затвореноста и индиферентноста која постоеше изминатите години. Битола повеќе не е заборавен град, вели градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски во своето обраќање во кампањата „Промените на дело“ во организација на ВМРО-ДПМНЕ.
Коњановски потенцираше дека минатата 2022 година се реализира голем број на проекти од културата, образованието, спортот, животната средина и проекти од други области.
Успеавме да реконструираме над 10 километри улици во општината. Да реконструираме и изградиме водоводни и канализациски мрежи . уредивме паркови, детски и спортски игралишта. Започнавме и многу други проекти од голема важност за општината во делот на енергетската ефикасност, спортот, културата и други области. Битола секогаш била расадник на врвни спортисти и спортски центар на Балканот. Градот доби нова северна трибина на стадионот Петар Милошески, а направено е идејно решение за новиот модерен спортски центар. Националниот парк Пелистер излегува од заборав, за што овозможивме поддршка на дополнителни содржини за проектот авантуристички парк на Пелистер, како и поддршка за реконструкција на Планинарскиот дом „Копанки“. Работиме на изготвувањето на локалниот еколошки акционен план, а изработен е катастар на загадувачи и Зелен катастар. Субвенциониравме колективни згради за поголема енергетска ефикасност, изјави тој.
Градоначалникот Коњановски им се заблагодари на граѓаните за проектите и идеите кои ги дадоа а кои се внесени во буџетот на општината за 2023 година, потенцирајќи дека 2023 година ќе се реализираат над 65 проекти за битолчани во делот на инфраструктура, носење на нов Генерален урбанистички план, изградба на нов парк во нова Битола, како и изградба на стационар за бездомни животни во вредност од 56 милиони денари.
Благодарам и на поддршката и заинтересираноста заедно да ја изградиме Битола за сите нас. Добивме многу идеи од Вас, како на пример идеите од бизнис секторот за подобрување на инфраструктурата во поранешната индустриска зона, каде што подготвивме проектна документација за реконструкција на улицата Индустриска во должина од 2,4 километри. На иницијатива на професорката Весна Христовска поддржана од повеќе наставници и професори воведовме наградување на талентирани и надарени ученици преку објава на јавен повик. На барање на претставниците на урбани и месни заедници подготвивме документација за реконструкција на улицата „Зборска“ „Драгорска“ и други улици. Битола следната година започнува со дигитализација на услугите. Продолжува со изработка на нов Генерален урбанистички план, а интензивно работиме на изградбата на новиот парк во нова Битола, проект вреден 29 милиони денари, стационарот за бездомни животни вреден 56 милиони денари, како и инфраструктурно подобрување на влезот во Битола од страна на Прилеп, и изградба на велосипедски патеки, кажа Коњановски.
Со буџетот и оваа година креиран заедно со вас почитувани граѓани продолжуваме да реализираме 65 нови проекти за битолчани. Да го вратиме и подржиме културното живеење, одлика на Битола. Битола ја даде довербата и таа доверба ја исполнуваме со промени на дело, истакна Коњановски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши и Бегај од Скопје порачаа: Заеднички кон ЕУ и подлабока регионална соработка
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
Гаши изрази големо задоволство од средбата и истакна дека очекува пријателството и соработката што постојат меѓу двете земји во иднина уште повеќе да се зајакнат и унапредат. На меѓународен план, двете држави имаат исти цели и интереси, а тоа се членството во Европската унија, меѓусебната поддршка како непосредни соседи и сојузници во НАТО и продлабочувањето на регионалната соработка.
Тој изрази очекување и надеж дека двете држави заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција, бидејќи тоа е многу важно не само за Северна Македонија и Албанија, туку и за останатите земји од регионот на Западен Балкан. Во функција на промоција на парламентарната дипломатија и градење на билатералните парламентарни односи, претседателот Гаши истакна дека одржува редовни контакти со колегите од Парламентот на Албанија и дека посетите на највисоко парламентарно ниво се одржуваат речиси секоја година.
Претседателот Бегај истакна дека Република Северна Македонија и Албанија се две пријателски земји кои делат исти вредности, визии и предизвици и претставуваат пример за соработка во регионот. Тој посочи дека е унапредена соработката во многу сфери од заеднички интерес, што е во функција на подобрување на животниот стандард на граѓаните во двете држави. Останува определбата за уште поголема соработка, особено во економската сфера.
Двајцата соговорници ја потенцираа важноста и улогата на Македонците и Албанците кои живеат во двете земји и претставуваат мост за градење стабилни и пријателски односи. Патничкото, енергетското и железничкото поврзување меѓу двете земји во рамките на Коридорот VIII ќе придонесе за уште поголема размена на луѓе, стоки и услуги, за што постои огромен потенцијал.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај се потпиша во Книгата на впечатоци и се обрати пред пратениците во Собранието.
Македонија
Движење ЗНАМ: Иницираме кратење на пратеничкиот состав од 120 на 90 во новото решение на Изборниот Законик
Потпретседателката на Движење ЗНАМ за Наша Македонија, Весна Бендевска, на првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство, ја потврди заложбата на Движењето во однос на неопходноста од суштински и системски измени на изборниот модел во Република Македонија.
„Заложбите на Движење ЗНАМ се за воведување на една изборна единица со изборен праг од 2 до 3 проценти, со што ќе се овозможи правична застапеност и на помалите политички субјекти и независните пратенички листи. Што всушност беше и барање во одлуката на Уставниот суд.“ – истакна Бендевска.
Дополнително, таа нагласи дека цврст став на Движењето е намалување на бројот на пратеници во законодавниот дом на 90, бројка што, како што посочи, ќе соодветствува на реалната големина на популацијата во државата.
„Го афирмирам односно реафирмирам ставот на Движење ЗНАМ за намалување на бројот на пратеници на 90 со што ќе се придонесе за рационализација на трошоците, материјални, финансиски и човечки и ќе значи значителна придобивка за Буџетот на државата. Воедно, ќе се добие пофункционално, поефикасно и поконсолидирано законодавно тело, кое ќе биде во служба на побрз, поквалитетен и посериозен законодавен процес.“ – потенцираше потпретседателката.
Во однос на гласањето на дијаспората, таа потсети дека воведувањето на ваквиот модел беше проследено со зголемување на бројот на пратеници на 123, што, како што нагласи, отвори низа прашања за финансиската оправданост и ефикасноста на изборниот процес во странство.
„Сведоци сме колку чини изборната постапка која подразбира испраќање избирачки одбори во дијаспората, при што бројот на гласачи во повеќе случаи не соодветствуваше со првичната намера и очекувањата.“ – изјави Бендевска.
ЗНАМ додава дека ќе продолжи да се залага за изборен модел што гарантира еднаква вредност на секој глас и институции што работат ефикасно, транспарентно и во интерес на граѓаните на Република Македонија.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.

