Македонија
(Видео) Коњ влечен за автомобил во Скопје, граѓаните револтирани: страшно, жално, бездушно

Коњ бил влечен за возило во Скопје. Од снимката се гледа како животното паѓа кога автомобилот за кој е врзан забрзува за да не направи метеж во сообраќајот. За момент коњот паѓа по што возилото застанува, а од него излегуваат тројца луѓе за да го кренат по што продолжуваат да го влечат.
„Најверојатно, го учеа да дрифта“, пишува објавувачот на снимката.
Случајот предизвика лавина реакции и во јавноста.
„Не ни се излегува од дома веќе, кај и да тргнеш – повредено куче, згазено, скапано на улица, муви го јадат. Одиш по патот, кутриња куп трчаат гладни, мислат дека некој нешто ќе им даде (за возврат добиваат куршум, нели ние сме див Запад), коњи заврзани за коли се влечат по улица, грозна е сликата да излезеш и прошеташ“, се вели во еден од коментарите.
„Страшно, жално, бездушно“, пишува во друг коментар под снимката.
Објавувачот посочува дека случајот е пријавен и во полиција.
„Се надевам дека ќе ги пронајдат“, пишува тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Премиерот уверува дека Владата е стабилна и силна

Владата е стабилна и силна, и ги исполнува очекувањата на граѓаните, и покрај бројните предизвици и општата економска катастрофа која беше наследена. Општ став е дека се вложуваат сите сили Македонија да се стави на брза трка за економски раст и развој, соопшти денеска владејачката ВМРО-ДПМНЕ по седницата на Централниот комитет на партијата.
Како што се наведува во соопштението по средбата, генералниот секретар Ѓорѓија Сајкоски го информирал претседателот и партијата дека општинските комитети се силно мотивирани и подготвени за избори, на кои се очекува огромна победа.
„Претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски истакна дека Македонија ја очекуваат успеси и добри резултати кои се последица на реформите преземени во изминатиот период, и дека целта е економска стабилност и просперитет на сите граѓани“, се посочува во соопштението.
Мицкоски исто така информирал и дека во идниот период продолжуваат испитувањата и мерењата на јавното мислење за кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ, кои покажуваат неколукратна предност пред политичките конкуренти, но и дека треба да се сполни одговорноста на преземените ветувања пред граѓаните.
Македонија
Детето што загина со мотор немало ниту возачка, ниту кацига, а возело со брзина над дозволената

Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје извршил увид на местото на тешката сообраќајната несреќа во која загина 16-годишен возач на мотоцикл, која ноќеска се случила во близина на трговскиот центар „Чаирчанка”.
Како што соопшти државното Јавно обвинителство, според првичните сознанија по увидот, 16-годишникот управувал без возачка дозвола и заштитна кацига, како и со брзина поголема од дозволената.
-На критичната локација не успеал да избегне електричен тротинет со кој по коловозот управувал 14-годишник. Во сообраќајната несреќа, возачот на моторот се здобил со тешки телесни повреди од кои починал на лице место, додека малолетникот кој управувал со тротинетот е повреден и задржан на лекување, соопшти ЈОРСМ.
Со цел точно утврдување на причините за несреќата, јавниот обвинител издал повеќе наредби и насоки.
-Се обезбедуваат и се прегледуваат снимки од видеонадзорот на конкретната локација. Издадена е наредба за обдукција на телото на починатиот, а и кај малолетникот кој управувал со тротинетот ќе бидат извршени анализи за евентуално присуство на алкохол или други недозволени супстанции, наведува Обвинителството.
Министерството за внатрешни работи претходно информираше дека во СВР Скопје денеска во 02.28 часот било пријавено дека на ул.„Цветан Димов“ во скопски Чаир се случила сообраќајна несреќа помеѓу мотоцикл пиаџо беверли со скопски регистарски ознаки, управуван од 16-годишник од Скопје, и електричен тротинет управуван од 14-годишник од Скопје.
Од здобиените повреди на местото на несреќата починал 16-годишниот мотоциклист, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош. Четиринаесетгодишник кој управувал електричен тротинет, пак, се здобил со телесни повреди констатирани во Ургентниот центар при Комплекс клиники „Мајка Тереза“.
Македонија
Пијани возеле автомобили, полицијата ги фати и ги приведе

Полициски службеници од полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Куманово и полициски службеници од полициското одделение за безбедност на патниот сообраќај Кратово денеска ги лишиле од слобода А.М.(38) од Куманово, А.Р.(49) од село Ваксинце, општина Липково и З.Л.(60) од село Страцин, кратовско.
МВР соопшти дека при контрола на патниот сообраќај во Куманово, полициските службеници констатирале дека кај А.М., кој управувал патничко моторно возило цитроен, биле измерени 1,56 промили алкохол во крвта, а кај А.Р., кој управувал патничко моторно возило опел, биле измерени 1.55 промили алкохол. При контрола на патниот сообраќај во Кратово, З.Л. не застанал на знак за запирање и се обидел да побегне, но набргу бил запрен и полициските службеници кај него измериле 2,28 промили алкохол во крвта.
По целосно документирање на настаните, против лицата ќе бидат поднесени пријави по член 297-А од Кривичниот законик „безобѕирно управување со моторно возило”.