Македонија
(Видео) Кузеска: Додека државата гори, додека семејствата во Кочани молат за помош, Владата ќе потроши 1,8 милион евра од народните пари за да се луксузира
Додека државата гори, додека пожарникарите со мизерни плати се борат со пламените стихии, додека семејствата во Кочани молат за помош и чекаат државата да им помогне, Владата на Христијан Мицкоски ќе потроши 1,8 милиони евра од народните пари за да се луксузира, да прави логоа, брошури, тотеми и кетеринзи за ЕКСПО што ќе се случи дури во 2027 година, вели Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Според неа, повеќе од 110 милиони денари ќе платат на приватна фирма за „визуелни идентитети“, столови со еко-кожа, тотеми, билборди, спотови, брошури, кетеринзи и престои на промотери цели 4 месеци во Белград.
Луѓето во оваа држава, додава таа, едвај преживуваат, платите стагнираат, нема пари за Кочани, нема пари нови пожарникарски возила, нема пари за ништо освен за промоција на Мицкокси и Владата. За тоа нема проблем да има речиси 2 милиони евра.
„Ова е чиста навреда за граѓаните. Владата со овој тендер ја покажува својата вистинска природа: луксузирана, одлепена од реалноста, во која министри и премиер си замислуваат дека народните пари се нивна сопственост за шетање по Белград и снимање спотови.
„И не само тоа. Овој тендер, кој вклучува медиумски кампањи, спотови, билборди, реклами на социјални мрежи, банери, соопштенија и цела инфраструктура за промоција отвора сериозно прашање: дали овие 1,8 милиони евра од буџетот всушност се уште еден начин Владата да си ја плати сопствената изборна кампања со пари од граѓаните. Дали токму преку овие тендери Владата ќе си обезбеди медиумски простор, билборди, видеа и маркетинг кој ќе го користи за сопствена пропаганда пред и за време на изборите? Кој ќе одговара за ова расфрлање со нашите пари“, прашува Кузеска.
Ова, како што истакнува, не е влада на народот, ова е влада одлепена од реалноста, арогантна, без трошка чувство за одговорност кон граѓаните.
Ги повика граѓаните да видат на што се трошат нивните пари.
„Да видат како Владата избра да се луксузира и да си прави промоции наместо да им помогне на оние кои секој ден се борат да преживеат.
Оваа ароганција мора да престане. Оваа скапа срамота ќе ја разоткриваме до крај и ќе бараме одговорност за секој денар потрошен за оваа бесрамна авантура на Владата“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Со Мицкоски Македонија е во ранг со Сомалија, САД ја запре обработката на визи“, велат од СДСМ
„Македонија е опфатена во одлуката на САД за суспендирање на обработката на визи заедно со уште 75 земји, меѓу кои Сомалија, Сирија, Гана, Руанда, Бутан, Нигерија, Иран, Русија…“, велат од СДСМ.
„Минатата година САД ги зголеми царините кон Македонија, сега од 21 јануари САД ќе биде суспендира и обработка на визи за македонските државјани.
Толку е периметарот на Мицкоски, ја доведе Македонија во ранг со Сомалија“, соопшти СДСМ.
Македонија
Фактот што Македонија е ставена на иста листа со Судан и Сомалија е длабоко поразителен и алармантен сигнал, смета Македонски концепт
Губењето на стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави претставува сериозна и потенцијално смртоносна закана за безбедноста, стабилноста и иднината на Република Македонија и македонскиот народ. За мала држава во чувствителен геополитички регион, ваквото нарушување на односите со клучниот стратешки сојузник значи институционална изолација, економска несигурност и директно слабеење на националната безбедност, велат од Македонски концепт.
Според нив, фактот што Македонија е ставена на иста листа со држави како Судан и Сомалија е длабоко поразителен и алармантен сигнал.
„Тоа не е случајност, туку последица на долгогодишна толеранција, па дури и институционална пасивност кон два опасни феномени: растечкиот верски радикализам на македонска територија и широко распространетото прокомунистичко и антизападно однесување и наратив во јавниот простор“, велат од Македонски концепт.
Од таму велат дека овие појави се директно спротивни на вредностите на НАТО, на западната цивилизација и на принципите врз кои се темели стратешкото партнерство со САД.
„Потребни се итни, проактивни и недвосмислени државни мерки, без калкулации и без идеолошки страв: забрана на носење бурки и верски манифестации во сите јавни институции, во име на безбедноста, секуларноста и јавниот ред; донесување посебен закон за спречување и санкционирање на верскиот радикализам и донесување закон за забрана на комунистичката идеологија, нејзините симболи и тоталитарното наследство, како идеологија која историски и суштински е спротивна на слободата, демократијата и западниот вредносен систем“, се наведува во соопштението.
Паралелно со внатрешните реформи, велат од Македонски концепт, Република Македонија мора да упати формален и аргументиран приговор до Соединетите Американски Држави за штетите предизвикани со ставањето на земјата на ваква листа.
„Како полноправна членка на НАТО, Македонија има право да се повика на Договорот за стратешко партнерство, со јасно барање истиот да се почитува и земјата веднаш да биде отстранета од таа листа. Македонија мора да избере, или ќе биде јасен и вредносно усогласен сојузник на САД, или ќе продолжи да тоне во сива зона на радикализам, идеолошки анахронизам и меѓународна недоверба. Среден пат, нема“, велат од Македонски концепт.
Македонија
Утрово најстудено во Берово, најмногу снег на Попова Шапка
Утрово најстудено било во Берово кадешто се измерени -6 степени, -5 било во Скопје-Петровец, Струмица и Демир Капија, -4 во Битола, Велес, Штип, Кавардарци, Попова Шапка, -3 во Прилеп, -2 Скопје-Зајчев Рид, Гевгелија, -1 Kрушево Претор, Куманово, 0 Крива Паланка, Виница.
Висината на снежната покривка во 7 часот утрово била 25 сантиметри на Попова Шапка, 10 сантиметри во Маврови Анови и Крушево.
Времето денеска
Сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и северозападен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 7 до 14 степени.
Во Скопје, сончево и тивко со мала облачност. Максималната температура ќе достигне до 9 степени.

