Македонија
(Видео) Кузеска: И Унгарија потврди дека парите за кредитот се кинески

Унгарскиот Центар за управување со државен долг, објави дека Унгарија зела една милијарда евра кинески пари од Кинеската банка за развој. Податоците се јавно достапни на нивната интернет страница, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска одговарајќи на новинарски прашања.
„По пишувањето на реномирани светски медиуми ова е уште една, официјална потврда дека парите за унгарскиот кредит се всушност кинески пари. Значи освен корупцијата Мицкоски сака да го сокрие и потеклото на парите од Кина, затоа му се брза со итна постапка во Собрание и го бутка по секоја цена. Последиците ќе бидат врз граѓаните и државата“, рече Кузеска.
Според СДСМ, на овој начин Мицкоски ја става во заложништво земјата и под штетна политичка зависност од трети земји, спротивно на стратешките интереси.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ: Маркет вижн склучила договор со Владата на рекордна сума од 400.000 евра

Омилената агенција на ВМРО-ДПМНЕ која уште од времето на Груевские платена да ги манипулира граѓаните со лажни анкети е повторно ангажирана, овој пат за сума од 400.000 евра народни пари, велат од СДСМ.
„Имено, Маркет вижн пред само неколку недели склучила договор со Владата на рекордна сума од 400.000 евра за да прави анкети и го мери мислењето и задоволството на граѓаните од работата на Владата. Зар некој треба да верува во овие анкети кои служат единствено за да се манипулира јавноста и се во функција на пропагандата на ДПМНЕ. За жал се враќа старата пракса на постојано пласирање на манипулативни анкети кои треба да ги демотивираат граѓаните да бараат промени, но оваа стратегија од времето на Груевски е одамна прочитана“, се вели во реакцијата на партијата.
Македонија
Апасиев и Левица се прочитани и демаскирани, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Апасиев и Левица се прочитани и демаскирани, а нивното глумење скромност, одејќи со велосипед на работа и левичарски активизам, им е само параван за нивните матни зделки, велат од ВМРО-ДПМНЕ во утринското соопштение.
„Левица и Димитар Апасиев не се грижат за граѓаните и државата, тие се заинтересирани само како да дојдат до деловни простории по багателна цена, на некоја атрактивна локација по центарот на Скопје. А, за да ја постигнат оваа нивна цел не бираат со кого соработуваат. Па така, Апасиев, преку партијата Левица во соработка со извршителите, купил деловни простории од над 400м2 и тоа за три пати пониска од пазарната. Извршителите, по кои плукаше и за кои бараше укинување, очигледно само колку за да собери гласови, сега му станаа најдобри соработници кои му овозможија да дојде до евтин и атрактивен деловен објект. Иако Апасиев и Левица глумеа и тврдеа дека купениот имот е толку евтин затоа што станувало збор за подрумски простории, излезе дека вистината е сосема друга. Деловниот простор кој не бил само подрум, туку и објект со високо приземје, е во сопственост на Зоран Ивановски кој е дел од претседателството на Левица и член на Управниот одбор на Водовод-Скопје. На тоа место, односно на истата адреса каде што се наоѓа овој деловен објект, кој е над земја три-четири метри е регистриран локал, односно друштво за угостителство и услуги Павилјон 36 ДООЕЛ Скопје“, се вели во реакцијата на партијата.
Тука завршува скромноста и пропагандата на Апасиев и луѓето во Левица и нивното глумење револуционери во црни кошули.
„Додека глумат деца на стечајни и чесни работници, нив ги интересира само како преку ноќ, врз грбот на нивните членови, да дојдат до деловни објекти, скапи автомобили и џипови, луксузни одмори по грчките плажи. Апасиев ги лаже членовите и симпатизерите на Левица, им продала лажни демагогии и гол популизам, за тој и неговите соработници да уживаат во лагоден живот со привилегии, локали, скапи автомобили и одмори“, завршуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Сообраќајот се одвива непречено, по суви коловози

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Мостот на река Вардар на регионалниот пат Р1312, кај Башино село е затворен за секаков вид на сообраќај.