Македонија
(Видео) Кузеска: Нов скандал во министерството на Андоновски – жената државен секретар, а мажот добива тендери
Денес продолжуваме со објавување на серијата скандали поврзани со тендерските мрежи на ДПМНЕ.
Пред граѓаните ќе покажеме документи и факти, со кои основано се сомневаме за постоење систем на корупција и испумпување на парите на граѓаните преку јавните набавки во државните и општинските институции кои ги води ДПМНЕ, истакна на прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
„Очигледно, не постои случајно избрана фирма кога се работи за тендерите на ДПМНЕ.
Денешниот скандал е пример за директен конфликт на интерес, непотизам и основано сомнение за корупција во Министерството за дигитална трансформација водено од Стефан Андоновски“, вели таа.
Според неа, во Министерството на Андоновски, каде втор човек е Државниот секретар – Гордана Клинчарова, тендери добива фирма на нејзиниот сопруг, Мартин Клинчаров.
Како факти посочи два договори, склучени ,како што појасни, помеѓу Министерството за дигитална трансформација и Друштвото за производство, трговија, промет и услуги МАТЕО ДИЗАЈН ДООЕЛ увоз-извоз Скопје застапувано од управителот Мартин Клинчаров – сопруг на Гордана Клинчаров.
„Првиот договор за набавка на конференциска и презентациска опрема во вредност од 2.400.000 денари или околу 40.000 евра. И вториот договор, за набавка на ИТ опрема во вредност од 529.000 денари. Само од овие два тендери, преку Министерството на Андоновски, околу 50.000 евра завршиле кај фирмата на сопругот на Клинчарова, која е државен секретар во истото министерство.
Ете каде завршуваат парите на граѓаните. Во семејните фирми на функционерите од ДПМНЕ.
Ова е еклатантен пример за конфликт на интерес и непотизам од страна на ДПМНЕ. Но и сериозен сомнеж за корупција“.
Прашањето, според неа, е каква е улогата на министерот Андоновски во овој скандал? Дали бил и тој соучесник, бидејќи, како што дополни, неговото име и презиме стои на договорите како потписник!
„Со овој скандал се потврдува нашето тврдење дека ДПМНЕ ги испумпува парите на граѓаните преку мрежа на фирми и тендери. Но се потврдува и фактот дека на голема врата ги враќа изведувачите на Скопје 2014 во нивните сегашни бизнис шеми. Истата оваа фирмата на Мартин Клинчаров била дел од изведувачите на проектот Скопје 2014, за поставување на мермер и изведба на мостот Гоце Делчев. Близината на кадрите на ДПМНЕ и Маето Дизајн оди дотаму што фирмата се јавува и како донатор во Општина Аеродром, во перид кога градоначалник е, Тимчо Муцунски. И повторно, истиот Тимчо ја поставил Гордана Клинчарова за Раководител на секторот финансии за време на неговиот мандат.
Традиционално, секаде каде што Гордана Клинчарова е поставена од ДПМНЕ на одредена позиција, нејзиниот сопруг развива тесна институционална соработка“.
Кузеска нагласи декаСДСМ бара Државната комисија за спречување на корупција да отвори предмет и да постапи за овој скандал. Сите надлежни институции да се вклучат во негово расчистување.
И како што најави, СДСМ ќе ја продолжи борбата против злоупотребата на парите на граѓаните.
„Шемата е страотна и ќе биде целосно презентирана во јавноста со сите докази за лица кои се директно поврзани со ДПМНЕ и со компаниите кои земале милионски тендери“, оцени Кузеска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Велеа решен проблем со транспортерите, а не е, ќе понесе ли Николоски одговорност
Вицепремиерот Николовски велеше не се секирајте проблемот на транспортерите е решен, разговаравме со Европската Унија, нема да има проблем, но еве не е решен, укажа претседателот на СДСМ, Венко Филипче на средбата со Општинската организација на СДСМ во Гевгелија. Филипче посочи дека дел од компаниите веќе се селат во Бугарија и во Хрватска.
„Гледате како излажа вицепремиерот Николовски за транспортерите. Што велеше, не се секирајте, завршен е проблемот, разговаравме со Европската Унија, нема да има проблем. Еве, не е така. Ќе понесе ли одговорност затоа што не ја зборел вистината? Зборувавме со неколку компании. Веќе се селат во Бугарија и во Хрватска. Таму ќе ги регистрираат транспортните компании“, рече Филипче.
Во обраќањето Филипче нагласи дека владата на ВМРО-ДПМНЕ свесно ја доведе државата до состојба на изолација и без јасен план за напредок, што носи сериозни последици врз економијата, компаниите, граѓаните.
„Целосно не изолираа, целосно не изолираа. Ќе го враќаа името, ќе обезбедеа подобра преговарачка позиција. Ништо од тоа. Ништо. Ние сме изолирани, слепо црево на Балканот. Нема план како напред, кажува премиерот, што не кажуваше пред изборите 2024 дека ќе го запре целосно европскиот пат и нема да има уставни измени. Тој велеше и ветуваше, ќе има подобра преговарачка позиција за земјата. Затоа му дадоа поддршка луѓето, не за да го запре европскиот пат на земјата којшто трае од 1991 прва година“, рече Филипче.
Тој додаде дека премиерот Мицкоски нема право да ја држи изолирана државата и да ја загрозува иднината на граѓаните.
„Тој нема право да го прави тоа, тој нема никакво право, ни морално, ни политичко, да ја запре земјата, да ја изолира, да не стави целосно на страна, под силно влијание на српско-унгарски интереси, на медиумска мрежа којашто не ја кажавме ние, ја анализираа независни истражувачки новинари.Кажаа дека таква мрежа, која што шири антиевропски наратив, проруски наратив е контролирана од Орбан. 40% од медиумите кај нас се под контрола на Орбановата мрежа на медиуми“, рече Филипче.
Македонија
Воена вежба на крајбрежјето и во водите на Охридското Езеро, надлежните апелираат на внимателност до месното население
СВР Охрид известува дека, утре (17.02.2026 година) од 04 до 09 часот, на крајбрежјето и во водите на Охридското Езеро кај караулата во струшкото село Радожда, воена вежба ќе реализираат припадниците на македонската и белгиската армија.
„При извршување на вежбовните активности, ќе биде употребена маневарска муниција поради што, апелираме до месното население на адаптирање на своите обврски и внимателност при нивното извршување како и придржување до насоките на униформираните службени лица задолжени за безбедноста на подрачјето“.
Македонија
Филипче: Премиерот се луксузирал со владин авион на одмор додека нема пари за плати
„Гледаме како се луксузирал премиерот, како го користел владиниот авион да оди на одмор без никаков срам. Треба да одговори на прашањето кој бил со него во авионот? Треба да одговори на прашањето зошто најавуваат купување на нов владин авион, за повторно да го користи во приватни цели за приватни патувања?“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче на попладневната средба со партиското членство од општинската организација на СДСМ Гевгелија, во рамки на теренските активности на партијата.
Филипче ја критикуваше власта за луксузирањето и што велат од партијата, негрижата за животниот стандард на граѓаните. Тој нагласи дека во време кога граѓаните се соочуваат со постојани поскапувања и ниски примања, власта се луксузира на грбот на народот.
„Тоа ли е целта? Во време кога не сака да им зголеми плати на работниците, прават такви трошоци, луксузирање на сметка на сите граѓани. Сите граѓани го плаќаат керозинот за тој авион“, истакна Филипче.
Се осврна на животниот стандард и одбивањето на власта да ја зголеми минималната плата.
„Ние ги премоливме, дававме закони два пати, ова е втор пат како го даваме законот за минималната плата. Луѓето не можат крај со крај да врзат. 600 евра плата не е луксуз, минимална плата. Основни потреби не може да задоволува луѓето. Колку е сметка за струја, колку е потрошувачка кошничка, не може да преживеат. Нема слух, нема слух“, порача Филипче.
Тој заклучи дека Владата нема визија и нема план за подобрување на животниот стандард, туку само задолжувања и луксузирање, додека граѓаните едвај преживуваат.

