Македонија
(Видео) Кузеска: СДСМ покачува плати и пензии, ВМРО-ДПМНЕ блокира
Во изминатиот период граѓаните гледаат два концепти на политичко делување.
1.СДСМ покачува плати и пензии, реализира мерки и политики кои обезбедуваат повеќе пари во семејните буџети и повисок животен стандард за сите граѓани.
И
2. ВМРО-ДПМНЕ блокира.
СДСМ покажува што значи одговорно владеење, ВМРО-ДПМНЕ деструкција, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
„ Тоа е особено видливо во македонското Собрание каде со месеци ВМРО-ДПМНЕ го блокира законот за поголеми плати на 27.000 наставици и наставнички. ВМРО-ДПМНЕ беше против покачувањето и на минималната плата а нивните градоначалници не презедоа ништо за заштита на граѓаните од енергетската криза.
Концептот на СДСМ значи повеќе пари кај граѓаните, кај работниците, наставниците, а концептот на ВМРО-ДПМНЕ значат блокади, тензии, кризи, деструкција. Новата Влада предводена од СДСМ се посвети на битка со економската криза и буџетот кон директна поддршка на граѓаните.
Од април, со новото законско решение, околу 80 000 работници ќе примат 18.000 денари плата или за 9.000 денари повеќе од времето на ВМРО-ДПМНЕ. Ја покачуваме минималната плата, но и ги поддржуваме компаниите со субвенции да може да ја исплатат во висина од 16 милиони евра. И граѓаните и компаниите се поддржани во овој процес. Добрите економски и финансиски политики овозможуваат да буџетот ги издржи сите кризи и излезе во пресрет на граѓаните со финансиска поддршка
Со 38 милиони евра ги поддржавме граѓаните преку субвенционирање на набавките на електрична енергија и спречивме голем ценовен шок. Работиме на покачување на пензиите, на нова методологија за постојано зголемување. Го решивме проблемот со парното греење во Скопје и го преземавме БЕГ кој заради кризата не беше во можност да набави топлинска енергија. Не дозволивме граѓаните да останат без греење.
И додека СДСМ интензивно работи на обезбедување повисоки плати и во време на криза, ВМРО-ДПМНЕ ги гледаме како прават сѐ за да не се покачат платите на наставниците и професорите во основното и средното образование. Фактите се очигледни.
Колку и да е неодговорно ВМРО-ДПМНЕ, колку и да е голема нивната деструкција, СДСМ, парламентарното мнозинство, овие блокади на ВМРО ДПМНЕ нема да дозволи да успеат“ рече Кузеска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

