Македонија
(Видео) Кузеска: Тошковски кога ќе порасне сака да биде како Груевски – со партиска милиција под своја контрола

Очигледно министерот Панче Тошковски оди по стапките на својот идол – Никола Груевски и делува како негов партиски клон, рече денеска на прес-конференција, Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Според неа, „со предлог законските измени кои Тошковски ги предлага во Законот за полиција, тој готви партиска милиција на ВМРО-ДПМНЕ под негова контрола“.
„Наместо модерна, професионална, европска полиција – Тошковски го претвора Министерството за внатрешни работи во пара-полициски апарат на ВМРО-ДПМНЕ. Ова не е реформа, ова е отворање на вратите за криминалци, послушници и партиски војници.
Ова е рецепт за полициска држава! Законот за измени на Законот за полиција што го предлага Тошковски е опасен за целиот безбедносен систем, антиевропски и длабоко корумпиран обид за партизација на полицијата, елиминација на кариерниот систем и уривање на безбедносниот поредок“, вели Кузеска.
Таа рече дека „наместо полиција што штити граѓани, Тошковски прави партиска милиција што штити криминалци“.
„Бараме итно повлекување на законот, прекин на узурпацијата на МВР и отворање јавна дебата за департизација на полицијата. Полицијата мора да биде сервис на граѓаните, не оружје во рацете на партиската мафија. Ова не е политичка борба – ова е борба за безбедност, за државата и за правото! Македонија не смее да си дозволи нова верзија на режимот на Груевски, со Тошковски во улога на негов партиски клон“, кажа Кузеска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на средба со помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Андрју Стоу

Во рамки на работната посета на Вашингтон, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба во Стејт департментот со помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Андрју Стоу.
„На средбата се разговараше за постигнувањата во изминатите 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Република Северна Македонија и Соединетите Американски Држави, стратешкото партнерство, политичката и секторската соработка, како и потенцијалот за нивно понатамошно продлабочување“, соопшти Министерството.
Соговорниците заеднички ги потврдиле одличните билатерални и пријателски односи, засновани на вредностите на безбедност, демократија и слобода. Министерот Муцунски упатил благодарност за континуираната поддршка од САД во трансформацијата на општеството, зајакнувањето на капацитетите и спроведувањето на неопходните реформи.
На средбата станало збор и за силното сојузништво во НАТО, активната соработка во мултилатералните организации и заедничкиот придонес кон регионалната и глобалната стабилност и безбедност.
Македонија
Викендов сончево и топло време

Утре наутро ќе биде ведро и посвежо, преку денот претежно сончево. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 15, а максималната ќе достигне од 25 до 31 степен.
Во Скопје, сончево со слаб до умерен ветер од променлив правец.
Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 31 степен.
За време на викендот и во првите денови од следната седмица ќе се задржи сончево и топло време со постепен пораст на температурата на воздухот. Потоа ќе настапи зголемување на облачноста.
Македонија
Викендов посебен сообраќаен режим кон манастирот во Калишта

За време на одржувањето на големиот православен празник „Рождество на Пресвета Богородица“ – „Мала Богородица“кој на 20 и 21.09.2025 година се празнува во манастирот во струшкото село Калишта, ОВР Струга, ќе спроведе посебен сообраќаен режим.
Утре (20.09.2025) од 18 часот се до завршување на предвидените верски церемонии, сообраќајот за влез кон манастирот ќе се одвива преку магистралниот пат А-2 Струга-Ќафасан со исклучување кај селото Франгово по локалниот пат до хотел „Изгрев“ односно до манастирот а за излез од манастирот према Струга, сообраќајот ќе се одвива по регионалниот пат Р-1208, Радожда-Струга преку селото Калишта.
Истиот режим на сообраќај ќе биде и на ден 21.09.2025 (недела) со почеток од 08 часот наутро, се до завршување на церемонијата во попладневните часови.
„Со цел, непречено одвивање на сообраќајот во овие околности, апелираме до верниците да го почитуваат сообраќајниот режим и насоките на полициските службеници“, велат од охридската полиција.