Македонија
(Видео) Кузеска: Урбаната мафија хара, каква корист има Мицкоски од 150 дивоградби во Чаир?
Урбаната мафија си најде нова закрила во редовите на ВМРО-ДПМНЕ, а кралевите на оваа мафија се дел од коалицијата на Мицкоски, рече денеска на прес-конференција Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
„И по поднесена пријава за 150 дивоградби во општина Чаир ниту обвинителството ниту полицијата немаат намера да отворат било каква истрага. До овој момент иако на очиглед на јавноста беа доставени сите докази за дивоградбите, ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ги сокрие и да ги амнестира од одговорност „подобните“ од ВЛЕН. Прашуваме, зошто? Каква корист има Мицкоски од ова? Затоа ли нема ни полиција, нема ништо? Затоа ли не се постапува? Колку пари се поделени за овие дивоградби?“, вели Кузеска.
Таа истакна дека во Чаир постои зграда која е впишана во Катастарот во 2024 година со елаборат дека наводно била направена во 2011 година. Катастарот, потенцира Кузеска, истовремено има и снимка од терен од вршено мерење на парцела, каде се гледа дека на тоа место во 2013 година има барака.
„Прашуваме, зема ли Мицкоски пари или други во врвот на власта за оваа дивоградба?Колку рекетирани пари има земено Мицкоски за 150 вакви дивоградби кои немаат основни услови за нормален и безбеден живот? Ако не одговори Мицкоски, одговорите ќе ги обелодениме ние“, кажа портпаролката на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) СДСМ бега од темата Груби и од борбата против корупцијата, рече Петрушевски
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на денешната прес-конференција оцени дека Социјалдемократскиот сојуз, како што рече, бега од темата Груби, и наместо да го поздрави справувањето со криминалот, нуди приказни за театар и циркус.
„Времето покажува дека на СДС – безрбетна најдобро ѝ оди кога нешто треба да се продава, распродава и да се мести. И тоа е така без разлика дали тоа е местење на тендери или продавање на државата“, изјави Петрушевски.
Тој рече дека партијата наместо да поздрави, како што наведе, „чин на справување со незаконити дејствија, криминал, фаќање на лица кои бегаат или бегале од правдата“, се занимава со други теми.
„Очигледно е зошто го прават тоа, веројатно затоа што во конкретниот случај со Артан Груби не можат ни да се сетат во што се биле заедно вмешани, во какви зделки, коруптивни активности или криминал. Поточно во што се шурувале“, изјави Петрушевски.
Тој додаде дека актуелното раководство на СДСМ, меѓу кои ги спомена Венко Филипче, Оливер Спасовски, Јованка Тренчевска и Јон Фрчкоски, „кажуваат секојдневно некакви приказни“, но дека суштината, според него, е борбата против корупцијата.
„Професионална, координирана активност на надлежните служби за да се фати бегалец од правдата покажува на дело дека сега борбата со корупцијата и криминалот е решителна“, изјави Петрушевски.
Тој нагласи дека за ВМРО-ДПМНЕ клучна е борбата со корупцијата и криминалот и, како што рече, „поставувањето на здрави темели на начелото на владеење на правото“.
Македонија
Кардиологија и Кардиохирургија стануваат еден центар: заштедите од спојувањето ќе одат во опрема и едукација, најави Алиу
Владата на последната седница, која се одржа минатиот вторник(24.02.2026), на предлог на Министерството за здравство, донесе одлука за спојување на Клиниката за кардиологија и Државната клиника за кардиохирургија, со цел обезбедување повисок степен на интегрираност, координација и ефикасност во третманот на пациентите со кардиоваскуларни заболувања, преку рационално искористување на постојните човечки, просторни и технолошки ресурси на двете установи.
„Со донесената одлука за спојување на двете клиники формираме единствен центар на терциерно ниво за кардиоваскуларна медицина, кој овозможува континуитет на дијагностичко-терапевтскиот процес, од превенција и дијагностика, до интервентен и хируршки третман. Преку укинување на административните дупликати и оптимизација на организациската структура, создаваме предуслови за заштеда на средства кои ќе се реинвестираат во унапредување на квалитетот на услугите, модернизација на медицинската опрема и професионална едукација на кадарот“, појаснува министерот за здравство, Азир Алиу.
На овој начин ќе се овозможи подобра искористеност на капацитетите, односно зголемен број интервенции со интеграција на лабораториските, стерилизациските и операционите служби. Пациентите ќе добиваат комплетна кардиолошка и кардиохируршка грижа во рамки на единствена установа, без административни пречки и чекање трансфер, што значи поголема достапност и континуитет на здравствените услуги.
Воедно, спојувањето на клиниките ќе придонесува кон развој во сегментот на едукација и истражување, со креирање обединет академски центар со повеќе можности за обука на специјализанти, супспецијализанти и развој на научни програми.
Македонија
Исчистен просторот кај СЦ „Борис Трајковски“, подигнати 3.500 м³ отпад за 100 дена
Општина Карпош спроведе сериозни активности за уредување на јавните површини. Дивите депонии на повеќе локации се расчистени, а просторот околу Спортскиот центар „Борис Трајковски“ е целосно исчистен. На потегот кај „Скупи 5“ и кон Бардовци се подигнати над 3.500 кубни метри отпад, информираат од општината.
Покрај тоа, од општината велат дека се реализирани повеќе од 50 интервенции на јавното осветлување, спроведена е редовна дератизација и одржување на противпожарната инфраструктура во училиштата и градинките. Исто така, објавен е повик за стерилизација на улични мачки, а во училиштата започнаа активности за производство на компост и намалување на аерозагадувањето.

