Македонија
(Видео) Кузеска: Цените не се намалени, владината мерка нема никаков ефект
Владината мерка за ограничување на маржите на мал дел прехранбени производи нема никаков ефект и не се одрази на намалување на цените. На терен, во маркетите и во разговор со граѓаните заклучокот е дека нема намалување на цените на најголем дел од основните производи, истакна портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска.
„Само еден вид на леб на пример е намален за 1 денар. Кај месото има симболично намалување од само 10 денари по килограм, што е незначително, додека млечните производи, млекото, јогуртот и киселото млеко се со исти цени.
За дел од овие цени на производите кои што сега се намалуваат во изминатите неколку недели веќе биле поскапени“, вели Кузеска.
Според неа закаснетата реакција на Владата и неефикасните мерки немаат никаков реален ефект.
Граѓаните, додава таа, со право реагираат дека живеачката станува се поскапа. Тоа, како што вели, го потврдуваат и статистичките податоци.
„Минималната синдикална кошничка е зголемена на 61.306 денари овој месец а трошоците за храна и пијалок се поголеми за 717 денари во споредба со минатиот месец.
Во исто време, просечната плата бележи пад во просек за 1.000 денари. Одлуката на владата на Мицкоски да ги замрзне платите е погрешна.
Последиците од ова ги трпат граѓаните на Македонија и значат директен удар на нивниот стандард.
Ваквите неуспешни политики на Мицкоски само го зголемуваат товарот врз граѓаните и го отежнуваат нивниот секојдневен живот.
Со ВМРО-ДПМНЕ стандардот на граѓаните опаѓа а животот на граѓаните станува потежок“, истакнува Кузеска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно и релативно топло
Времето утре ќе биде променливо облачно и релативно топло.
Претпладне ќе има слаб локален дожд, а по одделни котлини ќе има појава на магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во западните делови ќе има врнежи од дожд. На повисоките планини во северозападните делови врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови наместа повремено засилен ветер од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 5, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени.
Во Скопје, времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Во наредните денови следува период на променливо време. Во недела претпладне ќе има локални врнежи од дожд, а на планините во северозападните делови од снег. Врнежи од дожд ќе има и во понеделник кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови, а на планините ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух врнежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а нови врнежи повторно се очекуваат од четврток.
Македонија
Трипуновски: Работиме на стабилен откуп и цена на суровото млеко
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски оствари средба со претставниците на поголемите млекарници во државата, на која се разговараше за стабилен откуп и цена на суровото млеко, покрај тоа што европскиот пазар и регионот се соочуваат со вишок на млеко.
На средбата се договори дека откупната цена на суровото млекото ќе биде стабилна, како и дека нема да има неоткупено млеко од страна на млекарниците.
Ќе се засилат контролите на пазарот со фокус на безбедноста и квалитетот на млекото и млечните производи, како и на добиточната храна.
Министерството останува посветено на унапредување на млекопроизводниот сектор и обезбедување на одржливи услови за фармерите и млекарниците, велат од таму.
Македонија
ЗНАМ до СДСМ: Димитриевски нема „златни визи“, не е вмешан во скандали и не оди на журки во Дубаи
Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија обвини дека СДСМ со нападите врз Максим Димитриевски и партијата се обидува да ја дефокусира јавноста од сопствената политичка и економска катастрофа. Во соопштението, ЗНАМ ги нарекува обвинувањата на СДСМ „политичка манипулација и замајување“, оценувајќи ги како „неосновани, тенденциозни и без докази“.
Од партијата велат дека Димитриевски има лична и професионална кариера надвор од политиката и дека не бил поврзан со корупциски скандали.
„За разлика од двоецот Заев-Филипче кој ги троши народните пари по луксузни јахти низ светот, тој не поседува ‘златни визи’ и не оди на журки во Дубаи“, се наведува во соопштението.
Според ЗНАМ, сите јавни набавки и финансиски постапки се спроведуваат законски и под надзор, а партијата останува доследна на принципите на отчетност и јавна одговорност. „Политиката за нас не е приватен бизнис, туку јавна одговорност во интерес на граѓаните“, велат од движењето.

