Македонија
(Видео) Кусакатска: Митески да одговори каде се ветените нови 100.000 метри квадратни зеленило во Аеродром
Пред само 4 години ВМРО-ДПМНЕ во Аеродром ветуваше нови 100.000 метри квадратни паркови и зеленило. Нашите сограѓани се сведоци, ниту еден нов парк во Аеродром не е подигнат за 4 години, истакна на прес-конференција Марина Кусакатска од СДСМ Аеродром.
Наместо тоа, вели таа, неискосени и пожолтени тревници полни со ѓубре и искршена урбана опрема, се последиците од управувањето на Дејан Митески, Тимчо Муцунски и ВМРО-ДПМНЕ со Општина Аеродром.
„Паркот „Радост“ на 5.000 метри квадратни во Реонски центар кои требаше да биде готов во првата година од мандатот, уште не е готов.
Градежни маркици наводно се бришеа, а Мицкоски се појави уште во 2022 година на почетокот на активностите за уредување на овој парк.
Нов парк на 5.000 метри квадратни ветија дека ќе подигнат и кај касарната „Гоце Делчев“. За ова немаат ниту проект.
Уште еден нов содржински парк на 5.000 метри квадратни требаше да биде подигнат во срцето на Ново Лисиче, со нови реквизити и содржини за сите возрасти на деца.
Нема ништо од тоа. Само неискосена и пожолтена трева го дели Реонски центар од Ново Лисиче“.
Ветија, додава таа, паметен систем за наводнување на тревниците меѓу зградите, а не можат да ги поправат ни постоечките системи за наводнување.
„Паркот Авионче требаше да прерасне во мал луна парк, а паркираните возила на патеките и во тревниците требаше да биде минато.
Нови паркови за миленици ветија во секој нов и во секој постоечки парк. Ниту еден не е направен во последните 4 години.
Дејан Митески и Тимчо Муцунски беа неспособни да ги одржуваат ни парковите подигнати од нивните претходници, а не да подигнат нови.
Аеродром важеше најзелената општина во Скопје до пред само 4 години.
Денес Аеродром е општина со најзапуштени паркови полни со отпадоци и паднати суви гранки на секој чекор“, оценува Кусакатска.
Праша, со кое лице Дејан Митески ќе бара втор мандат во Аеродром.
„Имаат ли господата од ДПМНЕ трошка срам?
Времето на Дејан Митески и ВМРО-ДПМНЕ во Аеродром истече“, подвлече Кусакатска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Коњановски: Заеднички да ја дочекаме Новата година кај Офицерскиот дом
На неколку часа сме пред Новата година, a старата за момент ни донесе ново новогодишно зимко руво. Снегот кој го имавме во текот на ноќта беше вистински украс на преубавата предновогодишна Битола. Ќе биде ладно, но топло во нашите срца, порача битолскиот градоначалник Тони Коњановски.
„Време е заедно да одбројуваме и да ја дочекаме новата година. А има ли поубаво место од епицентарот на забавата-платото пред величествениот Офицерски дом. Денов изминува со детска програма за нашите најмлади и убава дружба со музичката програма во Старата чаршија.
Ве поканувам вечерва заедно да празнуваме, да се веселиме, да се дружиме
на главната сцена.
Вечерната програма пред Офицерскиот дом започнува во 20:30. На почеток забава со Борче Наумовски, потоа „Кабаре за раѓањето и вечноста“, „Баркод бенд“ и од 23:00 до 1:00 часот по полноќ со групата „Нокаут“. Оттаму ќе ги испратиме планинарите и љубителите на планината кои
традиционално и годинава ќе бидат први на први на врвот „Пелистер“. Да бидеме заедно, обединети, во новогодишно заедништво“.
Македонија
Лимани: 2026 година ќе биде година на уште посилен ангажман за задржување на младите во земјата, за поддршка на семејствата
Годината 2025 беше година на предизвици, но и на конкретни резултати. Заедно работевме на зајакнување на социјалната заштита, проширување на услугите во заедницата и поддршка на најранливите граѓани, вклучително и лицата со попреченост.
Во центарот на нашите политики беа децата, преку инвестиции во нови градинки, зајакнување на системот за заштита на децата и промовирање на згрижувачките семејства како најхумана форма на грижа, истакна министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани.
„Со одговорност и почит, ja унапредивме и грижaта за постарите лица, создавајќи нови услуги, центри за активно стареење и поголема финансиска сигурност за генерациите што ја изградија нашата држава.
Исто така, инвестиравме во младите – во нивниот развој, вработување и активно вклучување, затоа што тие се енергијата и носителите на иднината.
Семејството останува столб на нашето општество, а демографијата – огледало на колективната надеж. Затоа, 2026 година ќе биде година на уште посилен ангажман за задржување на младите во земјата, за поддршка на семејствата и за градење инклузивни политики во образованието, вработувањето, домувањето и социјалната благосостојба – политики што не оставаат никого зад себе и ја враќаат вербата дека иднината може и мора да се гради тука.
Да посакаме повеќе раѓања отколку заминувања, повеќе насмевки отколку несигурност, повеќе доверба отколку сомнеж.
Да изградиме заедно општество што се грижи за најмладите, ги почитува постарите, ги поддржува најслабите и им дава крилја на младите“, кажа Лимани.
Македонија
СДС лаже за политички прогон, судиите и обвинителите во случајот „Сокол“ се кадар и мрежа на Заев, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Кога СДС обвинува за политички прогон од ВМРО-ДПМНЕ, во случајот со криминалот на Филип Андонов Сокол треба да кажат дека судијата кој го осуди е поврзан со судиите и обвинителите кои го замрзнуваа имотот на ВМРО-ДПМНЕ и се изживуваа со наши членови со години додека СДС беше власт, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Судијата која изрече пресуда за Филип Андонов Сокол е син на Јавната обвинителка, Елизабета Јосифовска, која беше дел од СЈО и го замрзна имотот на ВМРО-ДПМНЕ.
Истиот овој судија е поставен од кадарот на Заев, Иван Џолев, со само една година стаж во одделот за организиран криминал во Кривичниот суд.
Додека обвинителка во предметот на Сокол е Валентина Беслимовска истата што го повлече обвинението за Зоран Заев и го амнестираше“.
Од партијата на власт прашуваат, како овие судии и мрежа обвинители се дел од мрежа на ВМРО-ДПМНЕ.
„Луѓето кои хараа со Заев и Филипче можат да бидат само дел од системот на СДС и никако поинаку“.

