Македонија
(Видео) Лабудовиќ: Центар мора да биде убав, достоинствен и енергетски ефикасен
Општина Центар е срцето на главниот град – место каде секој детал зборува за ликот, духот и вредностите на граѓаните кои живеат во неа. Но, во последните години, голем број станбени објекти се оставени на забот на времето, со дотраени фасади, нарушена естетика и сè поголеми енергетски загуби кои директно го погодуваат стандардот на граѓаните, се вели во соопштението од Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија.
Кандидатот за градоначалник на Општина Центар од Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија, Мирослав Лабудовиќ, во својата изјава истакна дека обнова на објектите и фасадите ќе биде еден од приоритетите во неговата програма за поубав и пофункционален Центар.
„Секоја зграда е дел од идентитетот и душата на нашата општина. Старите згради ќе добијат нови, енергетски ефикасни фасади кои, покрај тоа што ќе го разубават просторот и ќе му дадат достоинствен изглед на Центар, ќе им донесат на граѓаните помали сметки за греење и поквалитетни услови за живеење,“ порача Лабудовиќ.
Тој нагласи дека модерниот Центар треба да биде пример за урбан развој со мерка, кој ќе ја спои естетиката со енергетската ефикасност, а грижата за секој жител ќе биде во сржта на секоја општинска политика.
„Центарци заслужуваат достоинствен живот. Со целосна реконструкција и современ изглед, ќе создадеме општина која ќе зрачи со убавина и ред, но и ќе обезбеди реални економски придобивки за секој граѓанин. Центар мора да го зачува својот дух и карактер, но и да чекори напред, во чекор со современите стандарди за живот,“ изјави тој.
Проектот за енергетска санација и обнова на фасадите е дел од пошироката визија на Лабудовиќ за модерен, чист и зелен Центар. Тој најави дека општината ќе аплицира и за европски фондови за поддршка на енергетската ефикасност и одржлив урбан развој, со цел граѓаните да добијат долгорочни решенија, а не само козметички промени.
„Овој проект не е само прашање на естетика, туку на подобар живот, пониски трошоци и поголема удобност. Сакам граѓаните да живеат во општина со убав изглед, чист воздух и ред. Центар заслужува да биде убав, достоинствен и енергетски ефикасен. Центар мора да биде убав!“ заклучи Лабудовиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче да каже зошто со Заев дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на закон, кои им биле мотивите и кој и колку профитирал, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Филипче жестоко се обидува да го одбрани својот ментор Заев и поврзаноста на луѓето блиски до СДС во последниот скандал со запленетата марихуана, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Филипче и кланот Заеви, Македонија ја претворија во Балкански „нарко-центар“, каде наместо медицинска се произведувала марихуана за црниот пазар. Запленетите 40 тони марихуана, директно водат до фирми блиски до Заев и Филипче.
Венко Филипче е без кредибилитет. Нема афера и скандал, а тој и Заев да не се вплеткани. Филипче и Заев се синоним за криминал, корупција, импровизации, нетранспарентни одлуки и контроверзи. Филипче е човекот кој го уништи здравствениот систем во државата“.
Македонија во време на владеењето на СДС, додаваат од владејачката партија, Зоран Заев и Венко Филипче, наместо строго контролирано производство на канабис за медицински цели, беше претворена во балкански нарко центар за шверц на марихуана на црниот пазар.
Според нив, факт е дека темелите на бизнисот за марихуана ги постави владата на Зоран Заев во 2020 година, додека Филипче беше министер за здравство.
„Владата на СДС делела лиценци на фирми поврзани со Зоран и Вице Заев, а резултат на тоа, денес се тони дрога и сериозни безбедносни последици за државата.
Факт е и дека околу 70 проценти од запленетата дрога деновиве е на фирма во сопственост на луѓе на Заев.
Медицинската марухуана била параван за организиран криминал во огромни размери“.
Прашуваат, зошто Заев лично се интересирал за случајот со петте тони марихуана запленети во Србија?
„Зошто Заев и Филипче дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на закон, кои им биле мотивите и колку профитирале?
Дали измените на правилникот се донесени по конкретна насока од Заев, и дали со нив се отворил простор за можни злоупотреби и незаконска трговија?
Одговорност мора да има“.
Македонија
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Сали-Варнс: нагласена посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со Вршителката на должноста амбасадор на Соединетите Американски Држави, Никол Варнс.
На средбата беше истакната важноста на стратешкото партнерство меѓу земјата и Соединетите Американски Држави, како и континуираната американска поддршка за демократските и развојните процеси.
Соговорниците разговараа за клучната улога на регионалната стабилност како предуслов за мир и одржлив развој.
Сали ја нагласи посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем, оценувајќи ги овие чекори како суштински за зајакнување на владеењето на правото, зголемување на транспарентноста и подобрување на услугите за граѓаните.
Двете страни ја реафирмираа подготвеноста за понатамошно продлабочување на билатералната соработка.

