Македонија
(Видео) Лазаревска: ВМРО-ДПМНЕ да не го блокира законот за плати во образованието, туку да дадат оставки за „Титаник“
ВМРО-ДПМНЕ продолжува да работи на штета на граѓаните, не се грижи за нивните интереси и благосостојба и единствено што сака е со политички манипулации да заработи ситни партиски поени, изјави пратеничката на СДСМ, Жаклина Лазаревска.
Таа ги обвини пратениците на ВМРО-ДПМНЕ дека цела година го блокираат донесувањето на предлог-законот за наставниците и стручните соработници во основните и средните училишта и со тоа, како што нагласи, директно го оневозможија покачувањето на нивните плати и трансформацијата на работниот однос на над 4.700 наставници и стручни работници.
„Откако цела година оневозможуваше сите наставници и стручни работници во основното и средното образование да добијат повисока плата и насилно и со празни процедурални забелешки ја кочеше собраниската процедура, сега ВМРО-ДПМНЕ без трошка срам признава дека предложеното законско решение е добро и исто такво доставува во собраниска процедура.
За жал, ВМРО-ДПМНЕ продолжува со деструктивното однесување и над 4.700 наставници и стручни соработници, кои со години посветено работат на образованието и воспитувањето на нашите деца, ги етикетира како партиски послушници. Ова е уште еден доказ за лицемерството на ВМРО-ДПМНЕ. Оваа партија ниту мисли на граѓаните, ниту сака тие да имаат повисоки плати ниту се грижи за нивниот животен стандард, а најмалку се грижи за квалитетно образование на децата“, рече Лазаревска.
Таа додаде дека граѓаните ги препознаваат проѕирните игри на ВМРО-ДПМНЕ и точно знаат дека политиките на оваа партија не носат ништо добро за нашата земја и за нашите граѓани.
„СДСМ со конкретни политики и решенија го подобри стандардот на граѓаните, 100 проценти ја покачи минималната плата, а работи и на покачување на платите во сите сектори. Пратеничката група на СДСМ и коалицијата ќе продолжат да работат во интерес на граѓаните и законот за наставниците и стручните соработници во основните и во средните училишта, предложен од Владата, со кој им се покачува платата на наставниците и на стручните соработници и со кој се трансформира нивниот работен однос, ќе биде изгласан“, посочи Лазаревска.
Ја повика опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ да престане со, како што го нарече, неодговорното постапување и да се откаже од блокадите на ова, но и на други законски решенија што носат придобивки за граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: ДПМНЕ не ја потпишува Резолуцијата затоа што има скриена агенда за мигранти
„ДПМНЕ не ја прифати подадената рака на СДСМ за заедничко потпишување на Резолуцијата и со една одлука на Собранието граѓаните да бидат сигурни дека мигранти во Македонија нема да има“, велат од СДСМ.
„По толку јавни повици за заедничка акција, секој ден, добивме молк. На сите им е јасно дека ова е свесна политичка одлука на ДПМНЕ и дел од нивната стратегија.
Доколку немаше задкулисни договори и преземени обврски за кои јавноста дозна од британските медиуми, Резолуцијата одамна ќе беше потпишана.
Сега веќе можеме јавно да констатираме: ДПМНЕ одбива да ја потпише Резолуцијата затоа што има скриена агенда за мигранти.
Ние повеќе нема да ги повикуваме. Одбивањето кажува сè за нивното предавство за пари – мигранти во Македонија ќе има.
Народот ова нема да го дозволи. Борбата за одбрана на Македонија продолжува“, пишува во соопштението на СДСМ.
Македонија
Сончево време со утринска магла и температури над просекот
Денешниот ден носи претежно сончево и стабилно време во целата земја. Утрото на повеќе места почна со појава на магла и зголемена облачност, особено во котлините, но во текот на денот се очекува разведрување. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.
Утринските температури се ниски и се движат од минус 4 до 3 степени, додека дневните ќе пораснат и ќе достигнат од 10 до 15 степени.
Во Скопје, делови од котлината утрово се зафатени со магла, но во текот на денот времето ќе биде сончево и претежно тивко, со мала до умерена облачност. Минималната температура се очекува да се спушти до минус 2, а максималната да достигне околу 11 степени.
Стабилното и сончево време ќе продолжи и во текот на следната седмица. И понатаму, во ноќните и утринските часови, по одделни котлини и речни долини ќе се задржува магла, додека дневните температури ќе останат над просекот за овој период од годината.
Македонија
Ахмети од протестот на плоштадот „Скендербег“: Процесот во Хаг треба да заврши со ослободителна пресуда
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, денеска се обрати на протестот што се одржа на плоштадот „Скендербег“ во Скопје, организиран во знак на поддршка за поранешните команданти на Ослободителната војска на Косово (ОВК), на кои им се суди во Хаг за воени злосторства.
Ахмети порача дека судскиот процес треба да заврши со ослободителна пресуда, оценувајќи дека обвинетите се соочуваат со обвинувања за дела кои, како што рече, не ги сториле.
Тој нагласи дека ОВК не била насочена против ниту еден народ, туку дека се борела за слободата на албанскиот народ.
„Време е нашите синови да се вратат дома. Нашите синови се невини, нашата борба е чиста. Војната на ОВК е света и затоа сите ние, големи и мали, мажи и жени, сме ОВК“, рече Ахмети .
Лидерот на ДУИ оцени дека, по Тирана и Приштина, и Скопје го покажало својот став со поддршката за, како што наведе, слобода и правда за поранешните припадници на ОВК.
Меѓу обвинетите во Хаг се поранешниот косовски премиер Хашим Тачи и поранешниот косовски претседател Јакуп Красниќи.

