Македонија
(Видео) Лазаров: Намалување на ДДВ за угостителство и туризам од 18 на 10%, неповратна помош за фирмите
Претседател на Комисијата за економија на ВМРО-ДПМНЕ, Дарко Лазаров, на прес-конференција промовира дополнителен сет мерки и политики кои се дел од преодната стратегија, која, како што рече, ВМРО-ДМПНЕ ќе ја спроведе во првите 100 дена од формирањето на новата Влада за поефикасно справување со здравствено-економската криза во државата.
Тој рече дека мерките се однесуваат на поддршка на приватниот сектор и реалната економија со цел амортизирање на економските последици од кризата и многу поважно јакнење на економските фундаменти на државата.
„ Во таа насока, првиот сет мерки предвидува:
Продолжување на субвенционирањето на плати за вработените во приватниот сектор за месеците јуни и јули во оние компании кои бележат пад на приходите за повеќе од 30% во изминативе два месеца. Дополнително, ќе се разгледа можноста и потребата од продолжување на оваа мерка и за месец август.
Всушност, на овој начин ќе се овозможи зачувување на повеќе работни места кои во моментот се сериозно загрозени поради продлабочување на самата криза.
Целосно ослободување на компаниите од обврската за враќање средства по основ на мерката за субвенционирање на плати за месеците април и мај независно од финансиските резултати коишто компаниите ќе ги остварат на крајот на годината.
Практично, со ова ослободување ќе се обезбеди сериозен финансиски импулс за компаниите во процесот на целосно ревитализирање на нивните бизнис-активности во периодот по кризата.
На крајот третата мерка во овој сет мерки се однесува на отворање нова бескаматна кредитна линија во износ од 10 милиони евра преку Развојната банка на Македонија која ќе биде наменета за поддршка на сите компании кои имаат финансиски проблеми и проблеми со нарушена ликвидност како последица од кризата.
Дополнително, се предвидува сериозна поддршка за секторот туризам и угостителство како сектори кои се најпогодени од кризата.
За таа цел, ќе бидат имплементирани неколку мерки:
Прво, намалување на ДДВ од 18% на 10% за секторите угостителство и туризам, мерка што практично ќе важи до крајот на 2021 година.
Ослободување или намалување на надоместокот за лиценци, такси и дозволи за угостителските субјекти до крајот на 2020 година.
И можеби најзначајната мерка за поддршка на туризмот е субвенционирање на трошоците за одмор во домашните туристички капацитети, во износ до 40% (или во висина до 12.000 денари) за сите граѓани кои остваруваат месечни приходи, односно плата не поголема од 20.000 денари.
Со оваа мерка вистински ќе се поддржи туризмот и домашните туристички капацитети, но истовремено ќе се обезбеди поддршка и за туристичките агенции преку кои ќе може да се прават самите аранжмани.
Понатаму, вториот сет мерки во делот на поддршката на приватниот сектор се однесува на јакнење на конкурентноста на македонската економија со посебен фокус на преработувачката индустрија и извозниот сектор како сектори кои имаат најголем потенцијал за поттикнување на македонската економија и забрзување на економскиот раст и развој на земјата во посткризниот период.
Во таа насока, поддршката за јакнење на конкурентноста на индустријата, предвидуваме:
Поддршка во форма на неповратни грантови за инвестиции во набавка и инсталирање нови машини и опрема;
Поддршка за инвестиции во форма на купување лиценци или франшизи за производство;
Поддршка за инвестиции во градење нови производни линии или подобрување на постоечките производни процеси;
Поддршка за воведување нови бизнис и организациски модели;
Поддршка за воспоставување современи менаџмент системи за квалитет и стандардизација.
Дополнително, предвидуваме поддршка за јакнење на човечките ресурси и инвестиции во човечки капитал во домашните производни компании.
Таа поддршка ќе биде во форма на поддршка на покривање на дел од трошоците за организирање на специјалистички обуки за инженери и технички персонал во производните одделенија, поддршка за менаџерски обуки со цел стекнување нови менаџмент алатки за поефикасно управување на самите компании, како и поддршка за организирање на тренерски и менторски програми со можност за ангажирање странски консултантни и експерти;
На крај почитувани, не помалку важна е поддршката за извозните компании која е базирана на повеќе конкретни мерки во форма на:
Неповратни грантови за барање нови партнери и пазари; како и за инвестиции поврзани со отпочнување на извозен процес на компании кои немаат претходно извозно искуство;
Реформирање и зајакнување на институционалните капацитети за поддршка на извозот
Реформирање на Развојната Македонска Банка (РМБ) во Македонска извозна и развојна банка која ќе обезбедува поддршка за извозно ориентирани домашни компании
Градење мрежа на извозни промотори кои ќе работат со домашните компании во поддршка на извозот на одделни странски пазари;
Менување на моделот за привлекување на СДИ со таргетирање на конкретни странски компании од одредени сектори кои ќе имаат најголеми потенцијални ефекти за домашната економија. Кога зборуваме за ефекти од странските инвестиции за домашната економија не мислиме само на висината на инвестицијата и бројот на работни места, туку многу повеќе на висината на плати што ќе ги исплаќаат странските компании на домашните вработени и степенот на ангажираност на домашните компании во нивните ланци на снабдување;
Целосно усогласување на царинските стапки на ниво на соодветните стапки на ЕУ за одделни производи (компоненти) потребни за производство на технолошко-напредни производи. Со тоа ќе се зголеми атрактивноста на земјата за привлекување компании кои произведуваат технолошко напредни производи.
За спроведување на сите овие презентирани мерки за поддршка на приватниот сектор и јакнење на конкурентноста на македонската економија ќе бидат одвоени буџетски средства во износ од 150 до 200 милиони евра“, истакна Лазаров.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Малолетник сакал да се самоубие, МВР го спречи постапувајќи по објава оставена на социјалните мрежи
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи интервенираше навремено откако беше забележана објава на социјалните мрежи што укажуваше на можност за самоубиство од страна на малолетен корисник.
Полицијата веднаш ги презеде сите неопходни мерки за утврдување на идентитетот и локацијата на лицето, кое за кратко време беше пронајдено. Малолетникот е во добра состојба, а родителите се известени и запознаени со понатамошните чекори за негово ментално здравје.
Овој настан уште еднаш ја нагласува важноста од внимателно следење на однесувањето на младите во дигиталниот простор. Родителите треба редовно да комуницираат со своите деца, да се интересираат за нивните активности на социјалните мрежи и да реагираат веднаш при забележување загрижувачки објави или несвојствено однесување – апелираат од Секторот за компјутерски криминал.
Апел е упатен и до пријателите, соучениците и сите корисници на социјалните мрежи: доколку забележат објави што упатуваат на самоповредување, безнадежност или најави за самоубиство, веднаш да ги искористат механизмите за пријавување на платформата или да известат родител, наставник или најблиска полициска станица.
-Навремената реакција може да спаси човечки живот. Секторот за компјутерски криминал ќе продолжи со засилени активности за рано откривање и превенција на ризични појави во дигиталниот простор, велат од МВР.
Македонија
Почна седницата на Советот за безбедност во Вила Водно
Почна седницата на Советот за безбедност што ја закажа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на која на дневен ред е безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова, а на седницата присуствуваат членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Начинот на работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија, начинот на остварување на правата и исполнувањето на должностите на членовите на Советот, свикување и одржување на седниците, спроведувањето на заземените ставови, поведените иницијативи и дадените мислења и предлози, информирањето за својата работа, како и други прашања во врска со организирањето и начинот на работа на Советот, се определени со Деловник за работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија.
Седниците на Советот се затворени. Во одредени случаи седниците можат да бидат и јавни за што одлучува претседателот на Советот.
Македонија
Муцунски разговарал со шеикот Бин Зајед и дал целосната поддршка кон Обединетите Арапски Емирати
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски денеска телефонски се слушнал со заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан.
Муцунски ја истакнал целосната поддршка кон Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и изразил сочувство за жртвите од нападите.
„Министерот остро ги осуди нападите извршени од Иран врз Обединетите Арапски Емирати, оценувајќи ги како сериозна повреда на принципите на меѓународното право, вклучително и почитувањето на државниот суверенитет и територијалниот интегритет. Тој нагласи дека во услови на зголемени регионални тензии, неопходни се воздржаност, одговорност и дипломатски ангажман, со цел спречување понатамошна ескалација и зачувување на стабилноста и мирот во регионот“, се вели во соопштението на МНР.

