Македонија
(Видео) Лекарската грешка ќе ја докажува со пријава за убиство, охриѓанецот Блажески во нова битка за починатата ќерка

Кривична пријава за убиство од небрежност е следниот чекор на Блаже Блажески, кој пет години талка по судско-здравствените лавиринти во обид да докаже дека лекарска грешка е причина за смртта на ќерката Елида Нестороска од Охрид. Таа почина во јули 2018 година со 61,48 единица шеќер во крвта откога во охридската болница ѝ биле дадени пет шишиња декстроза.
„Јас сега ќе ѝ бапнам нова кривична пријава. Убиство од небрежност, член 126 од Кривичниот закон. Материјален надоместок не сакам. Сакам да се утврди вистината. Ако некој погрешил, да одговара, казна да му следува. Пари не сакам“, вели Блажески.
Освен кривичната пријава за убиство од небрежност, Блажески најавува дека ќе бара и меѓународна помош оти е разочаран од домашните институции.
„Нема негде кај што не сум пишал по десет пати. Не постои државен орган во Македонија. Илјада интервенции до бандитот Заев, бандит невиден. Ова е мојот придонес за да дојде на власт. Скапав од трчање“, се пожали Блажески.
Целата сторија погледнете ја во видеото.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Министерот Мисајловски со честитка до македонските граѓани по повод 8. Септември – Денот на независноста

Министерот за одбрана Владо Мисајловски им упатува честитки на македонските граѓани, по повод 8. Септември, Денот на независноста.
Во честитката, министерот повикува „со гордост (да) се навраќаме на историскиот чин пред 33 години со кој нашата држава го трасираше патот кон самостојноста, независноста и сувереноста. Денот на независноста е симбол на нашата одлучност самостојно да ја градиме својата иднина, но и обврска да ја чуваме и развиваме татковината за идните генерации.“
Целата честитка од министерот Мисајловски до граѓаните во продолжение:
„Денеска, на 8. Септември, со гордост се навраќаме на историскиот чин пред 33 години со кој нашата држава го трасираше патот кон самостојноста, независноста и сувереноста. Денот на независноста е симбол на нашата одлучност самостојно да ја градиме својата иднина, но и обврска да ја чуваме и развиваме татковината за идните генерации.
Во таа мисија, македонската Армија е еден од најсилните столбови на нашето општество. Нашите војници, со својата посветеност и пожртвуваност, не само што ја гарантираат безбедноста и територијалниот интегритет на државата, туку и го претставуваат најдобриот пример за дисциплина, чест и љубов кон татковината.
Денес Армијата е модерна, професионална сила, рамноправен дел од сојузничките сили во НАТО. Таа е доказ дека независноста не е само збор од историјата, туку секојдневна одговорност и должност што ја носиме пред себе и пред светот.
Нашата независност е вредност за која се живее и се работи секојдневно. Со почит кон минатото, со верба во иднината и со љубов кон Македонија, заедно ќе продолжиме да ја градиме државата што сите ја заслужуваме.
Нека е честит 8 Септември – Денот на независноста!“
Македонија
Гаши: Време е секој од нас да придонесе во зајакнувањето на мирот, стабилноста и соживотот

Претседателот на Собранието на РС Македонија, Африм Гаши на сите граѓани им ја честита 34-годишнината од независноста на државата.
„Денот на независноста е посебен момент, можност да се потсетиме на големите достигнувања на нашата држава и да не потсети дека независноста не е само подарок, туку завет наследен од минатото, обврска за сегашноста и водич за иднината. Овој завет не обврзува да изградиме силна, демократска и стабилна држава, каде што секој граѓанин без разликa ќе се чувствува еднаков и почитуван“, вели Гаши во честитката.
„На оваа годишнина, мојата порака до граѓаните е да се обединиме околу вредностите на сплотеноста и посветеноста за исполнување на аспирациите на нашата земја. Време е секој од нас да придонесе во зајакнувањето на мирот, стабилноста и соживотот.
Да работиме заедно за посилна, поправедна и пообединета држава, каде што нашите разлики ќе бидат богатство, а не пречка. Само со сплотеност и заедничка посветеност можеме да ја реализираме визијата за посветла иднина на нашата држава и за идните генерации.
Северна Македонија, 34 години по прогласувањето на независноста, е држава која напредуваше во многу аспекти и стекна почит на меѓународната сцена. Како стабилен сојузник на НАТО и како земја кандидат за членство во Европската Унија, ова е момент кој од нас бара да продолжиме со напорите за изградба на побезбедна и посветла иднина за идните генерации. Честит 8 Септември – Ден на независноста!“, се додава во честитката на претседателот на Собранието.
Македонија
Сончево и топло со мала до умерена облачност

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од северен правец. Попладне во планинските региони ќе има услови за краткотраен дожд и ретки грмежи.
Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 16, а максималната ќе достигне од 27 до 34 степени.
Во Скопје, сончево и топло, попладне со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 14, а максималната ќе достигне до 34 степени.
Времето во наредните денови
До среда ќе се задржи сончево и топло време со мала до умерена облачност, а ветерот ќе го промени правецот во јужен. Во четврток попладне ќе има изолирана појава, а во петок на повеќе места ќе биде нестабилно со локален дожд и грмежи.