Македонија
(Видео) Лефков: Дали Пендаровски се кандидира под присила зашто никој друг не сака да губи
„Стево Пендаровски нема кредибилитет да биде претседател на републиката. Пендаровски не држи до сопствениот збор и менува ставови во рок од неколку часа. Во претстојниот период ќе ја потсетиме јавноста зошто Стево Пендаровски не треба да биде претседател. Прв и најмаркантен пример зошто Пендаровски нема капацитет за претседател е неговата неспособност да додржи на својот став“, рече Миле Лефков, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник.
„На 6 декември Стево Пендаровски лично кажа дека не планира да се кандидира за втор мандат. Тоа е објавено од медиумите во 14.13, за само еден час и неколку минути подоцна, во 15.19, тој да биде демантиран од неговиот кабинет дека бил погрешно разбран.
Што кажа Пендаровски на 6 декември? Имено, тој прашан дали размислува да се кандидира за нов мандат, кусо и децидно одговори: НЕ. Како НЕ на Пендаровски стана ДА за неколку часа?
Дали личниот став на Пендаровски, кој исто како и останатите политички чинители во државата ги гледа анкетите, но и знае колкава штета имаат направено тој и СДС е да не се кандидира? И дали се кандидира под присила на Ковачевски, Маричиќ и Зечевиќ затоа што никој друг во СДС не сака да го носи поразот на грб, па ниту Оливер Спасовски, кој до последен момент мереше дали има математика за влегување во трка?
Стево Пендаровски како претседател се покажа исклучително слаб, често демантиран од своите соработници, Владата или од самиот себе по неколку часа или неколку дена.
Со Стево Пендаровски, Македонија може да оди само назад, кон нови понижувања и порази. Стево Пендаровски го гази достоинството на народот и на државата“, изјави Миле Лефков, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: ВМРО-ДПМНЕ сака да ја врати Македонија во времето на страв и уцени
ВМРО-ДПМНЕ сака повторно да ја врати Македонија во времето на страв, на уцени и притисоци, но граѓаните нема да потклекнат, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на вечерашниот собир во Конче во поддршка на кандидатот за градоначалник од СДСМ, Благој Илиев.
Тој остро ги осуди притисоците врз граѓаните во текот на кампањата, потенцирајќи дека власта на ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ги заплаши луѓето преку институциите.
„Со полиција, финансиска полиција, шумска полиција, преку социјалните служби, прават притисок врз граѓаните. Сакаат да потсетат на времето кога сите живеевме во страв и уцени. Но тоа време заврши. Луѓето сакаат нормален живот, без притисоци, без закани, без поткуп,“ рече тој.
Филипче повика на масовна излезност во недела и поддршка за кандидатот на СДСМ, Благој Илиев.
„Да излеземе во огромен број во недела и да го заокружиме бројот 5 за Благој Илиев, човекот кој работи за вас, не за себе. За Конче да продолжи да се развива“, рече Филипче.
Тој кажа дека градоначалниците од СДСМ реализирале 90 до 100 проценти од ветеното.
„Нема општина во која СДСМ има градоначалник, а да ветената програма не е завршена 90 или 100 проценти“, рече Филипче.
Тој истакна дека граѓаните најдобро ја чувствуваат разликата кога општините ги водат луѓе кои работат чесно и посветено во интерес на сите.
„Многу добро знаете како Благојче работеше во минатиот мандат, како се однесуваше додека беше градоначалник, дека вратата му беше секогаш отворена и дека работеше за доброто на општината и на вас, граѓаните“, порача Филипче.
Претседателот на СДСМ во своето обраќање нагласи дека токму оваа разлика меѓу одговорно и неодговорно владеење се гледа насекаде низ државата.
„Нема општина во држава во која што има градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, а да програмата е завршена повеќе од 20 проценти. Како да се натпреваруваат кој помалку ќе работи за граѓаните“, рече Филипче.
Македонија
Утре сончево време со температура до 21 степен
Времето утре наутро ќе биде постудено со услови за појава на магла по одделни котлини и речни долини. Преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 16 до 21 степен.
Во Скопје, утрото постудено, во делови од котлината магливо. Преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 18 степени.
Под влијание на висок воздушен притисок следува период на стабилно и суво време со постудени утра, а дневната температура ќе биде во пораст, особено во деновите од викендот. Претпладне по одделни котлини и речни долини ќе има услови за појава на магла
Македонија
Божиновска и Јоксимовиќ: Забрзана изградба на гасниот интерконектор Македонија–Србија, се редефинира енергетската карта на регионот
Во рамки на 14. Меѓународен форум за енергија и одржлив развој (IFESD-14), што се одржува во Скопје, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со Јована Јоксимовиќ, помошничка министерка за рударство и енергетика на Република Србија, задолжена за меѓународна соработка и европска интеграција.
Во фокусот на разговорите беше изградбата на гасниот интерконектор меѓу Македонија и Србија, проект од стратешко значење за енергетската безбедност и диверзификација на снабдувањето со гас во регионот.
Двете соговорнички се согласија дека проектот треба да се реализира во забрзана динамика, со цел да се овозможи поврзување на гасните системи на двете земји и пристап до нови извори на гас.
На маргините на форумот dополнително, во Министерството за енергетика на Македонија се одржа работен состанок на кој се дискутираше координацијата на институциите и операторите во двете земји за реализација на проектот. Ба разгледани процедурите и техничките чекори за понатамошно убрзување на активностите.
„Гасниот интерконектор со Србија е еден од најважните регионални инфраструктурни проекти што ќе овозможи вистинска енергетска стабилност и сигурност. Овој проект не е важен само за Македонија и Србија – тој е значаен и за цела Европа. Со оваа нова енергетска врска, двете земји добиваат пристап до алтернативни извори и рути, а Европа добива посилен и подобро поврзан Балкан. Ова е чекор што ја позиционира нашата земја како активен и одговорен партнер во новата енергетска карта на Европа. Нашата заедничка цел е овој проект да се реализира во најкраток можен рок – затоа што секој ден е важен за нашата енергетска иднина. Со заеднички напори ќе го реализираме овој проект, во тесна координација и постојана комуникација со нашите партнери од Србија “ изјави Божиновска.
„Гасниот интерконектор со Македонија е проект кој има значење подалеку од нашите граници. Тој е дел од визијата за регион кој е енергетски поврзан, сигурен и усогласен со европските цели. Србија и Македонија заедно покажуваат дека со партнерство и заедничка стратегија можеме да обезбедиме стабилна и предвидлива енергетска иднина. Соработката меѓу нашите две земји во областа на енергетиката е пример како регионалното партнерство може да донесе конкретни резултати. Соработката со колешката Божиновска и со македонскиот тим е интензивна и исклучително конструктивна. Уверена сум дека со заедничка координација и поддршка на нашите оператори ‘Србијагас’ и ‘Номагас’, ќе создадеме нова енергетска оска на стабилност меѓу двете земји. Имаме јасна динамика, завршени студии и поддршка од европските институции. Следниот чекор е координирана акција за изградба. Заеднички ќе работиме на тоа интерконекторот да стане реалност во најскоро време,“ истакна Јована Јоксимовиќ, помошничка министерка за меѓународна соработка и европска интеграција во Министерството за рударство и енергетика на Србија.

